75-годишнина од основањето на Обединетите нации
Обединетите нации ја одбележуваат 75-годишнината од основањето како глобална организација. Обединетите нации се меѓународна организација основана во 1945 година, составена од над 190 земји членки. Мисијата и работата на Обединетите нации се раководи од целите и принципите содржани во Повелбата за основање на организацијата.
Во Повелбата за основање на организацијата се нагласува значајноста на темелните права на човекот, достоинството и вредноста на човечката личност, рамноправноста меѓу мажот и жената како и на сите нации.
Во таа насока, во преамбулата се акцентираат заложбите на ООН за создавање услови во кои ќе може да се одржи правдата и почитувањето на обврските што произлегуваат од договори и други извори на меѓународно право и заложбите за социјалниот напредок и подобриот животен стандард во поголема слобода.
Цели на ООН се: да го одржува меѓународниот мир и безбедноста, во согласност со правните начела и меѓународното право; да развива пријателски односи меѓу нациите засновани врз принципот на почитување на еднакви права и самоопределба на народите и да постигнува меѓународна соработка при решавање на меѓународни проблеми од економски, општествен, културен или хуманитарен карактер.
Исто така, една од целите на ООН е и промовирање и охрабрување на почитувањето на човековите права и основните слободи за сите без оглед на расата, полот, јазикот или религијата.
„Само поблиска и поефикасна соработка може да ги реши многуте предизвици со кои се соочува светот“, истакна генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на денешното отворање на сесијата по повод 75-годишнината од постоењето на Обединетите нации. Во таа насока, Гутереш повика на единство меѓу земјите против глобалните предизвици.
„Меѓународната соработка е клучна за справување со реалноста. Солидарноста е попотребна од кога и да е досега“, нагласи Гутереш.
По повод јубилејот, порака упати и македонскиот претседател, Стево Пендаровски. Во изминатите 75 години, нагласи Пендаровски, Обединетите нации постигнаа многу. Како камен-темелник на меѓународното право и мултилатералниот систем, организацијата ги обврзува своите членки да ги надминуваат споровите на мирен начин и да соработуваат за одржување на мирот и безбедноста.
„Обединетите нации превенираа бројни конфликти и ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнаа на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Во изминатите децении милиони луѓе беа извлечени од екстремна сиромаштија и заштитени од насилство. Преку Универзалната декларација, меѓународните пактови и конвенции, Обединетите нации го поттикнаа глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост. Ја зајакнаа отпорноста кон катастрофи и го мобилизираа светот во борбата со климатските промени.
Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите членки ќе и дозволат. Поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот сѐ уште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство. Кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба“, истакна претседателот Пендаровски во пораката по повод 75-годишнината од основањето на Обединетите нации.
М.В