8.322 македонски граѓани биле спречени да излезат од Македонија како азиланти
Вторник, 19 март 2013 – Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска во македонското МВР се сретна со нејзиниот колега од сојузната германска покраина Саксонија, Маркус Улбиг. Проблематиката со барателите на азил, а во тој контекст и со мерките и активностите што се превземаат околу истото биле во фокусот на средбата, информираат од МВР.
По однос на проблемите со барателите на азил во Саксонија, Улбиг истакнал дека до сега не е одобрено ниту едно барање на азил поднесено од македонските граѓани во оваа германска сојузна држава, соопштуваат од МВР.
Министерката Јанкулоска, пак, го информирала германскиот министер дека од почетокот на преземањето на организирани меѓу-институционални мерки за сузбивање на злоупотребата на визната либерализација (од 29.04.2011) заклучно со 15 овој месец на 8.322 македонски граѓани не им е дозволен излез по основ на злоупотреба на визната либерализација.
Исто така во изминатиот период, како што се наведува во соопштението на МВР, спроведени биле над 400 контроли во околу 120 туристички агенции, четириесетина друштва за превоз на патници и 22 лица превозници, при што поднесени се петнаесетина кривични пријави, а дел од нив се и правосудно процесуирани. Поднесени се и 19 барања за прекршочна постапка, а истовремено изречени се разни мерки како парични казни, забрани за вршење дејност и слично.