/ Прочитано:

1.357

Заврши распитот на уште еден од осомничените во предметот „Титаник“

Во текот на денов, како што велат од Кривичниот суд, судијата на претходна постапка треба да донесе одлука дали ќе го прифати предлогот на Специјалното јавно обвинителство за определување на мерка притвор за осомничениот.

Osnoven-sud-Skopje-1

Во Кривичниот суд во Скопје завршил распитот на И.Г., осомничен дека го сторил кривичното дело „изборна измама“ од чл.165 в.в со чл.22 од Кривичниот законик. Во текот на денов, како што велат од Кривичниот суд, судијата на претходна постапка треба да донесе одлука дали ќе го прифати предлогот на Специјалното јавно обвинителство за определување на мерка притвор за осомничениот.

Осомничениот, според договорот со судија на претходна постапка и со обвинителот што го издал предлогот, требаше да се јави денеска во Судот за да може да постапува Судот по предлогот на СЈО.

Специјалното јавно обвинителство во петокот соопшти дека е отворена истрага против членови на Општинската изборна комисија во Чаир затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело „изборна измама“.

„Со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на Општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од Комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците“, истакна обвинителката Фатиме Фетаи.

Жалбите доставени од Специјалното јавно обвинителство и жалбата од градоначалникот на Пустец, Албанија, Едмонд Темелко, на кого му беше определена превентвна мерка, јавување во судот во Ресен, се примени од страна на судијата на претходна постапка и доставени за одговор на спротивставените страни согласно Законот за кривична постапка, информираат од Кривичниот суд.

„Откако ќе се исполнат условите, односно откако Судот ќе добие доставница дека желбите се примени на одговор кај спротивставените страни, Кривичниот совет има рок од 48 часа да се произнесе во однос на жалбите“, велат од Судот.

Специјалното јавно обвинителство во саботата вечерта достави жалби на одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор на осомничените за предметот „Титаник“. Од таму велат дека рокот за одговор по жалбата истекува денеска.

М.С.