< 2021 >
November
  • 25

    АКАДЕМИК ОНЛАЈН ОБУКА: Заштита на личните податоци и приватноста – усогласување со новиот Закон за заштита на личните податоци

    10:00 -14:00
    25/11/2021Europe/Skopje

    На 25.11.2021 (четврток), Академик ќе одржи онлајн обука на тема „Заштита на личните податоци и приватноста – усогласување со новиот Закон за заштита на личните податоци“. Обуката ќе се одржи од 10 до 14 часот.

    Предавач на обуката ќе биде Арбен Гудачи – правник и офицер за заштита на личните податоци во Македонското здружение на млади правници и консултант за заштита на личните податоци, кој работи во оваа област од 2009 година.

    Новиот Закон за заштита на личните податоци претставува вистински предизвик за усогласување за сите мали, средни и големи компании, невладини организации и други правни лица кои обработуваат лични податоци. Периодот од 18 месеци за целосно усогласување на работата и прилагодување на системите на контролорите и обработувачите на личните податоци е веќе при крај, а глобите за неусогласување на работата со Законот може да изнесуваат и до 2%, односно 4% од вкупниот годишен приход на контролорот или обработувачот, во зависност од сторениот прекршок.

    Со цел запознавање на контролорите и на обработувачите со обврските кои произлегуваат од Законот и со тоа како на најлесен начин да се постигне усогласувањето, Академик организира обука за заштита на личните податоци како основна обука, која служи за основно запознавање со Законот, начелата, правната основа за обработка на личните податоци, подготвување на гап анализа, мапирање на личните податоци, преземање на технички и организациски мерки, детектирање и пријавување на инциденти итн.

    Оваа обука претставува цврста основа за воспоставување и понатаму за градење на системот за заштита на личните податоци кај контролорите и обработувачите. Академик дополнително организира специјализирани обуки, кои понатаму ја олеснуваат примената на Законот во конкретните дејности, сектори и за одредени делови од Законот за заштита на личните податоци.

    Како дел од обуката, со учесниците ќе бидат споделени Прашалникот за самоевалуација, практични примери, примери од одредени изјави и политики за приватност, дел од процедурите кои треба да се усвојат, а сè со цел да се даде практичен осврт на темата и да се добие чувство од страна на контролорите/обработувачите како треба да изгледа подготвувањето и усвојувањето на документацијата и нејзино имплементирање.

     

    Агенда

    – Новините во новиот Закон за заштита на личните податоци

    – Клучни теми и прашања за заштита на личните податоци:

    • Личен податок
    • Согласност
    • Контролор и обработувач
    • Офицер за заштита на личните податоци
    • Права на субјектот на личните податоци

    – Обврски на контролорот

    • Мапирање на личните податоци
    • Процедури VS Политики

    – Технички и организациски мерки за заштита на личните податоци

    • Анализа на ризик
    • Воспоставување на систем за ЗЗЛП

    – Самоевалуација

    – Практични примери

    – Прашања и дискусија

     

    Напомена: Можни се измени во агендата, во согласност со потребите на учесниците и во зависност од дискусиите што ќе се развијат во текот на обуката.

    Цената за учество за едно лице е 4.900 денари со вклучен ДДВ.

    Плаќањето се врши врз основа на профактура, задолжително пред почетокот на обуката.

    Сите заинтересирани можат да се пријават за обуката најдоцна до 24.11.2021 година (среда), преку е-пошта на practicum@akademik.com.mk, а сите дополнителни информации за обуката може да се добијат на телефоните: +389 02 3221 091 и +389 02 3122 308.

    Во пријавата за учество на обуката треба да ги наведете името и презимето, информациите за субјектот кој ќе го врши плаќањето, адресата за е-пошта која ќе биде користена за да добиете покана за следење на обуката и телефонскиот број на учесникот за контакт.

    Учесниците добиваат електронски материјали од обуката и е-сертификат за учество.

    Објаснување за платформата ZOOM

    Обуката ќе се спроведува онлајн, преку платформата ZOOM, за што секој учесник неопходно е да располага со:

    • електронски уред (компјутер, таблет итн.),
    • стабилна интернет-врска,
    • микрофон и звучници (или слушалки).

    Секој учесник што извршил уплата за присуство на обуката ќе добие е-пошта со линк до обуката на е-адресата што ја навел во пријавата за учество на обуката. Задолжително, при најавувањето, учесникот мора да ги внесе името и презимето со кои се пријавил за обуката.

    За подетални информации за користењето на платформата Zoom, погледнете на https://akademik.mk/obuka-preku-platformata-zoom/ .