АБОЛИЦИЈА: Од помилувањето до поништувањето на одлуките

Од Јавното обвинитество на Република Македонија велат дека по одлуките за аболиција било постапено веднаш и биле прекинати сите постапки кои се воделе пред обвинителствата. „Согласно законот и одлуките од Претседателот на РМ и по нивното поништување, во обвинителствата се преземаат сите законски обврски за продолжување на постапките“, велат од Обвинителството.

Одлуки за помилување

Аболицијата, односно помилувањето кое претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го донесе на 12 април се однесуваше на 56 лица. Како што потврди Специјалното јавно обвинителство на последната прес-конференција на списокот на аболирани имало сведоци, осомничени лица, но и лица кои воопшто не биле опфатени во ниту една кривична постапка.

Но, покрај тоа, на листата на помилувани имаше и лица кои имаа правосилна судска пресуда за сторено кривично дело. По помилувањето Звонко Костовски, осуден во случајот „Пуч“,  беше пуштен од затвор уште на 13 април.

„Судија за извршување санкции веднаш ја достави одлуката на надлежно постапување на затворската институција за целосно ослободување од натамошно издржување казна затвор на осудениот Звонко Костовски,  кој со предлог-спогодба КОК ПП бр. 131/15 од  25 март 2015 година е осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години за кривичните дела – шпионажа, од членот 316 ст. 4 в.в со член 24 од КЗ, и неовластено прислушување, од членот 151 ст. 4 в.в со ст.1, а во врска со член 45 од КЗ“, стоеше во соопштението на Кривичниот суд.

По аболицијата, во Кривичниот суд беа запрени два судски процеса во кои беа опфатени лица кои беа дел од одлуките за помилување кои ги донесе Иванов.

Процесот „Поткуп“, во кој беше обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, беше запрен со решение на судијката која го води процесот. Исто така, беше запрена постапката и за случајот „Пуч“ во кој, покрај Заев, беа опфатени и обвинети: поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња, службеникот во Општина Струмица, Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски кој бил вработен во МВР. Нивните имиња се најдоа во една од одлуките на претседателот Иванов за помилување – ослободување од гонење без спроведување постапка.

По првото поништување на одлуките за аболиција во кои беа опфатени Заев, Верушевски и Палифров, Кривчниот суд го повика Специјалното јавно обвинителство, во чија надлежност е „Пуч“, да преземе мерки и активности за да се произнесе дали продолжува со постапката.

Од Јавното обвинитество на Република Македонија велат дека по одлуките за аболиција било постапено веднаш и биле прекинати сите постапки кои се воделе пред обвинителствата.

Поништување на одлуките за помилување

„Согласно законот и одлуките од Претседателот на РМ и по нивното поништување, во обвинителствата се преземаат сите законски обврски за продолжување на постапките“, велат од Обвинителството.

На 27 април, две недели по одлуката за помилување, беше соопштено дека лицето Коста Крпач било пронајдено мртво во својот дом во Скопје. Крпач, исто така, беше опфатен со помилувањата од претседателот.

„Лицето Коста Крпач доброволно се јави во Специјалното јавно обвинителство и имаше својство на сведок во рамките на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова јавно обвинителство. Во оваа прилика, сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач“, соопштија од СЈО.

Последно што информираше Основното јавно обвинителство – Скопје, кое ја води истрагата за смртта на Крпач, е дека лицето извршило самоубиство.

Помилувањата на Иванов, како што информираа од Специјалното јавно обвинителство, го ограничија постапувањето по предметите кои беа отворени во ова јавно обвинителство во кои беа опфатени поранешни и сегашни високи функционери – односно лица кои се најдоа на листата на помилувани.

СЈО отвори истражни постапки за пет предмети „Титаник“, во кој меѓу другите беа осомничени поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, „Тортура“, во кој меѓу осомничените беше поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, во предметот „Транспортер“ осомничен, но помилуван беше градоначалникот на Битола Владимир Талески, осомничен во предметот „Тврдина“ беше шефот на петтата управа во МВР, Горан Грујовски, кој по одлуката за аболиција беше пуштен од куќен притвор и предметот „ТНТ“ во кој како првоосомничен беше градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски, исто така помилуван.

М. С.