/ Прочитано:

634

Адеми: Ефикасна примена на доктрината на ЕСЧП во делот на ефективното одземање на имотната корист

Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, денес имаше свое обраќање на конференција  „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“, која се организира во рамки на посетата на претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберто Спано.

На почетокот од своето обраќање, претседателката Адеми  го истакна значењето на Конференцијата за владеење на правото и унапредувањето  на човековите права во согласност со Европската конвенција.

Ефикасноста на поврат на имотот, нагласи претседателката Адеми, иако навидум изгледа како едноставна идеја, во практиката претставува сложена област на правото, која често налага комплексни практични процедури и вклучува поширока надлежност.

Во таа смисла, претседателката на Врховниот суд на РСМ, истакна дека судиите и јавните обвинители кои работат во оваа област покрај домашното законодавсто, треба солидно да ги познават и почитуваат меѓународните стандарди.

„Во судовите во Република Северна Македонија, а посебно и во Врховниот суд, во Одделот за казнивидела, судиите во своите одлуки, покрај одредбите од домашната законската регулатива ги применуваат и одредбите од Европската Конвенција за човекови права, а се повикуваат и на  праксата на Европскиот суд. Врховниот суд на Република Северна Македонија веќе има донесено одлуки  со кои се потврдуваат одлуките на пониските судови за конфискација на имотот на осудени лица и на трети лица на кои тој имот е пренесен со примена на чл. 98 став 3 од Кривичниот Законик,  но и со директна примена на чл.1 Потокол број 1 кон Европската Конвенција“, образложи претседателката Адеми.

Таа додаде дека повратот на имот има големо значење за успешно спротиставување на криминалот кој не делува само локално, туку е регионален и меѓународен проблем.

„Оттука јасно е дека фокусот на примената на меѓународните инструменти налага поголема соработка помеѓу државите и усогласување на националните антикорупциски мерки и мерки за поврат на имот. Но ова усогласување го препознаваме и како основна цел на Европскиот суд за човекови права во примената на европската Конвенција“, посочи претседателката Адеми.

Свесни сме, потенцираше претседателката Адеми, за превземените обврски на патот кој го чекориме кон Европската Унија како и за превземените обврски кои произлегуваат од пристапувањето кон Конвенцијата и во таа насока се вложуваат големи напори за ефикасна примена на доктрината на ЕСЧП во делот на ефективното одземање на имотната корист.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија е посветен кон систематичен и методолошки унифициран пристап кон денешната проблематика во користење на европските стандарди, развиени низ јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права во процесот на изработка и донесување на своите одлуки, на кој начин би се постигнало воедначување на судската пракса и би се зајакнала правната сигурност и довербата на граѓаните во квалитетот на правдата која ја креира највисокиот суд во државата“, истакна претседателката Адеми во своето обраќање.

Конференција „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“

М.В