/ Прочитано:

1.501

АДМИНИСТРАТИВНИ ЛАВИРИНТИ: Правниците тешко се снаоѓаат во честите законски измени, а камоли граѓаните

Честото менување на определени важни закони создава проблеми во функционирањето на правниот систем бидејќи во краток временски период се менуваат законски норми кои уредуваат определено правно прашање. Дури и за правниците е тешко да ги следат сите измени, а камоли за обичните граѓани, се нотира во Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија, подготвен од страна на Македонско здружение на млади правници.

akademik..

Зачестено менување на законите

„Во последните 10 години во РМ постои интензивна законодавна активност, која вклучува носење на целосно нови закони, како и делумна измена или дополнување на постојните“, се оценува во Извештајот.

Законодавната активност, се додава во документот, се оправдува со потребата од усогласување на македонското законодавство со законодавството на Европската Унија  и со т.н. закони со европско знаменце, спроведување на стратегии за реформи во определена област, на пример во правосудството, како и спроведување на определени програми на Владата на РМ.

„Честото менување на определени важни закони создава проблеми во функционирањето на правниот систем бидејќи во краток временски период се менуваат законски норми кои уредуваат определено правно прашање дури и за правниците (а камоли за обичните граѓани) е тешко да ги следат сите измени. Покрај правниот систем, со последици од ваквото менување се соочуваат и граѓаните, чиишто потенцијални права и обврски се предмет на постојана промена.“

Засилена законодавна активност

„Праксата на засилено донесување закони и други прописи продолжи и во 2014 и 2015 година. Само во јули, август и септември беа донесени вкупно 278 закони. Иако оваа бројка е резултат од измените во Законот за општа управна постапка и Законот за прекршоци, сепак честото менување и носење на нови општи правила може да ја загрози правната сигурност на граѓаните“, се посочува во Извештајот.

 Ретроактивна примена на пропис доведе до укинување на правата од социјална заштита на повеќе од 1 500 лица

„Министерството за труд и социјална политика во јануари 2015 донесе два правилници со кои се изменуваат и се дополнуваат правилниците што подетално го уредуваат остварувањето на правото на социјална и постојана парична помош. Со новите правилници, примените парични средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 50.000,00 денари се сметаат како имот од кој корисниците можат да се издржуваат и кој се должни да го пријават. Правилниците за измена и дополнување се објавени во Службен весник на РМ, бр. 11 од 26.01.2015 година, а стапија на сила наредниот ден од објавувањето. Во првата половина од февруари 2015 година, меѓуопштинските центри за социјална заштита, претходно без да ги информираат граѓаните за дополнувањето, донесоа првостепени решенија со кои на поголем број корисници на социјална и постојана парична помош им беше укинато правото („им престана“ во согласност со формулацијата во решенијата), со образложение дека во текот на 2014 година примиле средства преку услугата ‘брз трансфер на пари’, повикувајќи се на правилниците донесени во јануари 2015 година, без оглед на фактот што тие не биле во сила во моментот на приемот на средствата“, се вели во Извештајот.

Законот за бесплатна правна помош не го олеснува пристапот до правда за граѓаните

Младите правници истакнуваат дека пристапот до правда на граѓаните не е основно човеково право, меѓутоа претставува изведено право од уставното право на еднаквост и претставува значајна алатка во системот на заштита и остварување на човековите права.

„Квалитетната правна помош во услови на националното законодавство и практика е тешко достапна за определена категорија на граѓани кои материјално и финансиски не се во состојба за да обезбедат адвокат што ќе го платат од сопствени приходи. Од овие причини, овие категории на граѓани имаат право на бесплатна правна помош, која вклучува почнувајќи од општи правни совети до бесплатно застапување во судска и управна постапка“, се посочува во Извештајот.

Како што се вели во овој документ, во текот на годината било евидентирано дека пристапот до правна помош, до информации и до институциите на државата за овие граѓани е премногу бирократизиран, формализиран, трае екстремно долго и не дава можност за решавање на правни прашања во роковите точно определени со закон.

Наспроти начелото на итност на постапката

„Освен тоа, поради нецелосна и неправилна оцена од страна на надлежни органи, често се случува на граѓаните да не им се одобри користење правна помош, па со тоа им се отежнува пристапот до институциите пред кои единствено може да се реши нивниот правен проблем. Таков е случајот со странката барателка на бесплатна правна помош која живее во заедничко семејство со сопругот и со своите три малолетни деца, од кои едно е родено во првиот брак на барателката, меѓутоа биолошкиот татко на детето е нејзиниот сегашен сопруг. Барателката побара користење на бесплатна правна помош во судска постапка за оспорување и утврдување на татковство. Ова правно прашање е од областа на заштитата на деца и малолетници. Барателката е корисник на родителски додаток за трето дете и тоа е единствениот приход што го добива ова петочлено семејство. Министерството за правда, решавајќи по барањето, наспроти начелото на итност на постапката, која мора да се заврши најдоцна во рок од 20 дена од денот на поднесување на барањето, по цели 90 дена донесе решение со кое не го призна ова право бидејќи барателката не спаѓала во ниту една категорија на лица кои можат да се јават како корисници на бесплатна правна помош. Навремена тужба против решението за одбивање на барањето за бесплатна правна помош беше поднесена до Управниот суд. Судот го оцени решението како незаконито и го поништи, а предметот го врати на повторно постапување“, се посочува во Извештајот.

Долго траење на постапките пред Управниот суд на РМ

Управниот суд, се додава во Извештајот,  претставува клучна институција која ја оценува законитоста на поединечни акти на органите на државната управа.

„Со водењето управен спор, Управниот суд врши контрола и корекција на работата на државната управа, во смисла на оценување на деталноста и правосилноста на утврдување на фактичка состојба во актите издадени од управни органи, како и на водење на постапката и применувањето на материјалното право. Долгото траење на постапката за решавање на управни спорови отвора сомнеж во можноста граѓаните да остварат навремено правно разрешување на своите правни проблеми и барања. Оттука, времетраењето на постапките пред Управниот суд, кое често се мери со години, не секогаш е ефективно за остварување на правата на граѓаните. Во вакви случаи граѓаните повторно треба да вложат време и енергија и да поминат преку првостепената постапка пред органите на државната управа, но тоа воопшто не е гаранција дека органот ќе донесе одлука поинаква од претходната. Поради тоа, граѓаните се губат во административниот лавиринт и најчесто нивните права остануваат неостварени, што, исто така, значи и дека тие не добиваат ефективна заштита“, се истакнува Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија.

М.В