/ Прочитано:

2.336

Адвокат Димитар Панчевски: Проблемот не е адвокатската маркичка, туку недоречениот Закон за адвокатски маркички

Законот за адвокатските маркички чија примена стартуваше на самиот почеток од годинава разбранува дел од адвокатската фела. „Проблемот не е маркичката туку недоречениот закон, сите адвокати се за закон кој ќе го регулира нашето финансиско работење, но не на ваков начин“, вели адвокатот Димитар Панчевски кој е член на Иницијативниот одбор што повикува на бојкот на законот. Според адвокатот Панчевски, вака донесениот закон е директен упад врз независноста и самостојноста на адвокатурата и истиот ќе доведе до многу злоупотреби на правата на граѓаните. Факт е дека вината за целата оваа работа најмногу лежи кај нас адвокатите, ама тоа не можеме да го генерализираме затоа што имаме тело што не претставува, па аналогно на тоа вината лежи во Адвокатската комора на РМ (АКРМ)“, вели нашиот соговорник.

Aдвокат Димитар Панчевски

Адвокатската маркичка не е нешто ново, истата се најавува веќе подолго време, Законот за адвокатските маркички стапи на сила уште во јули 2012 година, истиот претходно помина низ сите „филтри“ на Законодавниот дом, зошто чекавте толку време за да го кренете вашиот глас?

Ќе ви дадам мал историјат за самата идеја за донесување на Законот за адвокатски маркички точно уште од 2004 година, можеби идејата била и од претходно. Со оглед на тоа дека имам зборувано со повозрасни колеги коишто во тоа време и ја промовирале како идеја, концептот на  адвокатската маркичка воопшто не бил каков што е денеска донесен во законот. Значи адвокатската маркичка требала да има смисла како што беа на времето таксените марки што се купуваа во трафика, значи не е од УЈП, не е друг надлежен орган, туку на соодветни места достапни за адвокатите. Практично со тоа државата веднаш ќе си го наплатуваше персоналниот данок, а тие адвокатски маркички ќе се лепеа на исправите што се доставуваат од страна на адвокатите. Идејата на тие адвокатски маркички беше сосема поинаква.

Да расчистиме, вие, мислам на адвокатите кои се дел од оваа иницијатива, не сте против идејата за адвокатски маркички, туку сметате дека Законот за адвокатски маркички ваков каков што е скроен во моментов е недоработен и последователно на ова – неприменлив?

Да, со овој Закон за адвокатски маркички, освен што се воведе адвокатската маркичка како форма се воведоа еден куп нус работи коишто прво адвокатот го ставаат во една нерамноправна положба. Логиката на оваа адвокатска маркичка не беше да се прави дополнителна административна работа во којашто адвокатот практично треба да издава податоци од предметот на работење за своите клиенти. Со тоа што треба точно да назначи каде се се употребени овие адвокатски маркички, значи треба да се стават податоци коишто претставуваат деловна тајна, но не во таква смисла деловна тајна туку тоа е тајна загарантирана со Законот за адвокатура, каде што никој не смее да знае, адвокатот за која странка работи и што работи. Друга работа е што  исто така не ставија во една улога на административци, тие адвокатски маркички мора да се лепат точно по реден сериски број, во случај на грешка тоа претставува прекршок со казна од 2500 евра најмалку, тоа е нон сенс! Еден адвокат дали да мисли, дали да стигне на време на судење да го преземе дејствието да не му се смета тужбата за повлечена, набиени сме со термини, рокови, се поместуваат судењата. Значи дали да се концентрира дали ги лепи по сериски број маркичките од предмет на предмет или да се концентрира да го преземе најстручно и најпрофесионално  своето дејствие за кое е ангажиран од странката.

Оправданијата за адвокатската маркичка дека таа ќе стави ред на финансиското работење на адвокатите по мене не е така бидејќи ќе создаде многу поголем неред, а голем број на колегите ќе имаат многу последици, не заради тоа што нема да сакаат да плаќаат данок на државата или ќе го затајуваат, туку од незнаење и од грешки административни, а државата е немилосрдна таа ќе дојде и заради грешка ќе си наплати 5000 евра казна што е апсолутно недозволиво и тоа не смее да остане во праксата.

Можеме ли да презицираме која според вас е најголемата аномалија на вака изработениот закон ?

Суштината е во тоа што со овој закон се нарушуваат основните начела на адвокатурата, независност и самостојност. Каков независен и самостоен адвокат ќе бидам јас кога сите ќе знаат, од административен работник на приемното одделение во судот до последната истанца каде што ќе оди тој предмет, што работам, колку работам, колку пари земам, кој ме ангажира. Во праксата не секогаш те ангажира странката за нејзе, те ангажира друг за странката, тоа и законите го дозволуваат. Забрането е да се знае кој го ангажира адвокатот и зошто, а под превезот да се види колку пари ќе се земе. Инаку сите адвокати не само овие, се за закон кој ќе го регулира финансиското работење на адвокатите. Сите сме за тоа ред да има, но не на ваков начин, не по секоја цена. Овој закон каков што е ќе отвори пандорина кутија на многу злоупотреби на правата на граѓаните. Основата на целата оваа работа е што сите во оваа држава посебно органите надлежни за финансиите, даноците и сл. адвокатурата ја третираат на исто ниво како било која стопанска дејност што е најпогрешно, адвокатурата е уставна категорија.

Освен АКРМ како тело замислено да ги застапува интересите на адвокатите во РМ и надлежните институции, имаше ли уште некој претставник на адвокатите при изработка на законот?

Во изработката учествуваше Адвокатската комора којашто не претставуваше во работните групи што ги формирало Министерството за финансии за изготвување на овој Закон. Учествувале членови од Законодавно-правната комисија во рамките на Комората или други претставници меѓутоа од работните тела што се избрани од нас и нормално е да ние не можеме како фела, како адвокати веднаш да се сомневаме дека тие својата работа нема да ја завршат како што треба. Значи законот се работел, имало предлози  и наводно тие предлози не биле прифатени во целост од Министерството за финансии, меѓутоа па од друга страна  Министерството за финансии на средбите и семинарите коишто беа одржувани по повод донесувањето на Законот за адвокатските маркички  целосно потврдуваат дека вака бил донесен по наше барање, односно прашуваат – „Зошто сега се буните кога самите адвокати го предложивте законот?“. Тука доаѓаме до една ситуација да не знаеме од која причина луѓето кои ја претставувале АКРМ дозволиле набрзина или без да се вметнат сите забелешки од нивна страна дозволиле да се донесе ваков најпрво Предлог-закон којшто подоцна беше изгласан на седница на Собрание.

Законот се донесе и точно, немаше никаква соодветна реакција при неговото донесување уште во месец јули 2012 година иако сите најпрвин воочивме дека истиот е нејасен, оскуден со малку членови, недоречен, на страна повредите на други закони. Сите искрено мислевме дека АКРМ ќе најде соодветни механизми до времето на примената со цел да се направи добар закон. Во јули 2012 година имаше забелешки од колеги во однос на нејаснотиите во законот. И јас  бев сведок,  во месец септември 2012 се одржа семинар под покровителство на АКРМ каде беа присутни и претставниви на УЈП и каде се зборуваше за аномалиите на овој закон, за можната примена и непримена и се донесе еден неформален заклучок дека сите недостатоци ќе се отстранат со Правилникот за адвокатска маркичка. Правилникот се донесе на 6 декември 2012 година, формално се исполнија условите за примена на законот меѓутоа ништо не се доразјасни. Почна да се применува закон кој предизвикува хаос кај адвокатите, но и кај самите судови. И судовите немаат единствен став, што на еден начин е добро за да се види дека со законот се има проблем. Адвокатската маркичка не е предвидена за кривичните судови, парничните судови го применуваат меѓутоа на фронталната линија на шалтерските Одделенија значи полoвина од судиите во Основен суд Скопје 2 бараат маркички, половина не.  Во меѓувреме низ Македонија има и судови кои не ни слушнале за овој закон.

Но што е со оние ваши колеги кои велат дека веќе користеле адвокатска маркичка или договор и кои тврдат дека се поминало во најдобар ред?

Јас лично мислам, да не давам паушални оценки, но 99 отсто од адвокатите се против овој закон затоа што го делат истото мислење, па дури и тие членови на АКРМ кои учествувале во самата изработка  во работните тела за донесувањето на законот кажуваат дека овој закон е лош. АКРМ на 27.12.2012 донесе заклучок дека овој закон не треба да се применува, дека треба да се бојкотира.  Тоа што се случи да се применува според мене е последица на определени  притисоци и внатре од самата Комора, поради тоа што немале соодветен одговор  што ќе се случува. Нормално е колегите да бидат исплашени бидејќи нема јасен став од телото што ги претставува. Сите се против законот, меѓутоа едните се обидуваат на некаков начин тоа да го бојкотираат или да ја одложат неговата примена со непреземање дејствија, практично да не работат, да не го применуваат, а други коишто не можат тоа да го направат или се плашат од последиците отидоа во УЈП земаа маркички или доставуваат договори. Пак ќе кажам јас сум убеден дека 99 отсто од адвокатите сметаат дека овој закон е лош.

Каде лежи тогаш вината за донесувањето на ваков закон за кој како што велите 99 отсто од адвокатите сметаат дека лош?

Факт е дека вината за целата оваа работа најмногу лежи кај нас адвокатите, ама тоа не можеме да го генерализираме во 2000 адвокати колку што не има затоа што имаме тело што не претставува, па аналогно на тоа значи вината лежи во АКРМ која не смееше да дозволи да биде донесен ваков закон. Затоа што ова што го правиме ние сега, во месец јануари тоа требаше да го прави Комората во месец јули доколку овој закон беше донесен без нејзино знаење, без нејзина консултација, без прифаќање на нивните сугестии. Практично Комората го премолча тоа, дали го чекаа и тие Правилникот или нешто друго, не знам, меѓутоа Комората потфрли со тоа што дозволи да биде донесен ваков закон.

Очекувате АКРМ да донесе одлука за бојкот на законот, можеме ли да објасниме што точно значи  бојкотот?

Поентата на самиот бојкот не е да се предизвика хаос или ние да бидеме обележани како фела која што сака да прави кочници во работењето на државата, судовите, функционирањето на правниот систем. Значи ние со бојкотот, со непостапувањето наше во   предметите каде сме ангажирани, практично не го применуваме ни законот. Што значи дека ако јас не преземам дејствие, ниту треба да залепам маркичка, ниту треба да доставам договор, во таа смисла е бојкотот на законот, значи практична непримена на законот со наше непреземање на дејствија. На тој начин се прави една брана, заштита на сите адвокати коишто мислат дека на овој начин спасуваат нешто со тоа што доставуваат договори, купуваат маркички, практично дел од тие адвокати ќе имаат многу поголеми реперкуси затоа што од ова море на незнаење даваат секакви документи за кои утре ќе имаат правни реперкуси. Колегите од незнање како да го применат законот ќе испадне дека сакаат нешто да скријат.

Најбрзо нешто што може да се донесе за непримена на овој закон е одлуката по барањето за времена мерка доставена до Уставен суд на РМ кон иницијативите кои ги има над 30-тина. Било која друга форма значи губење многу време што значи многу последици за адвокатите. Заради тоа бојкотот би значел непреземање на дејствија по предметите до одлучувањето по времената мерка од страна Уставниот суд на РМ. Доколку Управниот одбор на АКРМ не донесе одлука за бојкот до одлучувањето на Уставниот суд по времената мерка тогаш немаме друг избор освен на наше барање да си поднесат веднаш неотповикливи оставки, значи тие луѓе не се моќни да ја заштитат фелата. Групата иницијативна веќе има собрано над 300 потписи, барања од адвокати од цела Македонија коишто согласно статут можат да иницираат свикување на вонредно собрание на АКРМ каде што една од точките прва ќе биде Законот и втора ќе биде разгледување на промените за органите во АКРМ.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 14.01.2013