/ Прочитано:

2.472

АДВОКАТ ФИЛИП ЧИЧЕВАЛИЕВ: Заштитата на правниот интерес и слободниот избор е мојот идеал – Нема правна држава без правна сигурност!

За правото вели дека е една од најзначајните цивилизациски придобивки со културолошки развој од античките облици на организација до модерното право, а за адвокатурата дека е врв на правната професија. Низ разговор за практичните адвокатски теми и за правнофилозофските расправи за идејните постулати на правото, амбициозниот адвокат Филип Чичевалиев ни ги открива своите гледишта за адвокатурата и правосудството, со предлагање на храбри чекори за реформирање во контекст на современата адвокатска профилираност во актуелниот светски амбиент.

Филип Чичевалиев е адвокат и основач на адвокатското друштво „Чичевалиев & Илијовски“ кое работи во областа на стопанското и финасиското право, друштво кое, како што вели, исклучително се одликува по ориентираноста и отвореноста кон клиентот преку посветеноста изразена низ давање на правилен, брз и ефективен совет и услуга.

Адвокат кој работи во областа на стопанското и финансиското право, но ги чита Кант и Хегел

Поаѓајќи од неговата желба и поставени цели за успех и искреност кон професијата, Филип вели дека пресудно што се определил за адвокатура било тоа што тоа е врв на правната професија. Не ја крие својата вљубеност во теоријата на правото, посочувајќи ги аксиолошките компоненти на правото низ историјата од антиката до постомодерната. Хегел и Кант, вели, се негови омилени филозофи, во кои ги препознал суштинските моментуми на правната филозофија, што за него е мошне важна во креирањето на „критичкиот ум“, како методолошки пристап кој треба да го практикува секој адвокат.

„Како адвокат сум поборник за идеалот на заштитата на правниот интерес и слободниот избор во правниот живот и затоа често сум поминувал во читање на Хегел и Кант, во смисла на идеализмот како учење во кои слободата има значајно место. Имајќи ја предвид големата цена која историски е платена за слободите и правата кои денес секој граѓанин ги ужива, еден од најголемите идеали на секој правник би требало да биде токму заштитата на овие слободи. Заштитата на правниот интерес и слободниот избор во правниот живот, оттука е нужно потребна и истите се основ за правната држава!“, потенцира адвокатот, кој ја квалификува заштитата на правниот интерес и слободниот избор во правниот живот како свој најголем идеал.

Тој вели дека добриот адвокат покрај праксата мора да ја знае филозофијата на правото, затоа што и секој закон има поставени цели кои произлегуваат од општествените текови, а кои почиваат на идеите како свои именители.

За да се биде добар нормативист, нужно е да се знае теоријата

„За да се биде добар нормативист, нужно е да се знае теоријата. Законот може да се примени, но за да се придонесе во општеството мора да се разбере суштината, како од страна на законодавецот, така и адвокатите и оние што го применуваат законот“, објаснува Чичевалиев.

Говорејќи за човечките слободи и права низ разговорот сама по себе се наметнува и темата за најновите случувања во Украина од аспект на меѓународните односи и право.

„Припојувањето на Крим кон Русија е легитимно согласно начелата на меѓународното право. И не само според тие начела, еве во контекст на теоријата ќе ја напоменам и максимата Vox populi, Vox dei, што во кримискиот случај беше одраз на легитимитетот“, смета адвокатот, кој се надоврзува компаративно и на примерот со Шкотска, и за Косово за кој случај посочува дека циркулирале двојни стандарди, потсeтувајќи на политичката конотација на случајот и двојната улога на Европската Унија за тоа прашање.

Во насока на Европската Унија и македонското правосудство, Чичевалиев вели дека со оглед на фактот дека Македонија не е членкана ЕУ и европската пракса скоро и да нема некакво реално значење во судските постапки, а истото го потенцира и за постапките пред Стразбур.

„Во онос на постапките пред ЕСЧП, би истакнал дека адвокатите не се доволно информирани и веројатно тоа се должи и на тоа што Стразбур е многу селективен во прифаќањето на жалбите за што говорат и самите податоци“, посочува тој,осврнувајќи и се на самите трошоци и роковите за тие постапки, кои често се демотивирачки за клиентите. Во тој контекст го отвора и прашањето за демотивираноста на адвокатите како последица на одредени домашни состојби.

Голем поборник за прецедентно право како најсовршен правен систем

„Гледано од компаративните искуства, голем проблем за македонските адвокати кои работат со помоќни економски клиенти, каде во прашање се големи парични суми, е што се лимитирани во однос на паричната награда. Тоа не е во ред, ниту е во согласност со прифатената адвокатска практика низ светот. Еве ќе го напоменам примерот со САД каде наградата е 33,3%“, истакнува Чичевалиев, според кого ова не е единствен и изолиран проблем, туку проблем кој е поврзан и со самата структура и модел на правосудниот систем.

„Јас сум голем поборник за прецедентното право  и тоа е најсовршен правен систем, што се огледа и од државите каде тој функционира, држави како што се САД, Канада, Велика Британија и др. Самата позиционираност на адвокатите таму говори за тоа и сметам дека ваков систем и е неопходен и на Македонија“, смета Филип кој аргументира дека во тој систем судот не смее да досуди различно за две исти работи, што пак е случај во македонската судска пракса.

„Во Македонија такви случаи има многу. И ние како адвокатска фирма имавме такво искуство. Затоа велам кога за иста работа што по логичниот правен резон би требало да ги следи иста правна судбина, се добиваат различни пресуди. И затоа нема изедначена судска пракса, а кога нема изедначена судска пракса – немате правна сигурност“, уверува адвокатот Чичевалиев кој додава дека правото може да има прогрес само со добро едуцирани судии кои ќе носат издржани одлуки, но и со нивелација на судската пракса.

„Сигурен сум дека постојаната едукативна надградба е клучна и за солидната продуктивност на еден судија, впрочем како и за адвокатите“, вели тој, советувајќи дека адвокатите и правниците мора постојано да го освежуваат своето знаење, да го надградуваат со перманентно следење не само на прописите туку и на трендовите во правото, но и не само со правна туку и со општа литература која, како што вели, многу открива и за светот на правото од аспектот на релациите во животот и потрагата по правда и правичност.

Миксот помеѓу обрврските и приватниот живот – мост кој обезбедува хармонија и успех

„Животот е искуство во кои се испреплетуваат различни постапки и искушенија. Сето тоа често се преточува низ зборот на литаратурата како огледало на сосотојбите во едно општество. Тие временски сведоштва се и „правни сведоци“. И затоа треба да се следат тие нешта.Во слободното време читам доста, но и посветувам време на моите пријатели и семејството“, открива Филип.

За него, духовното надградување е основа за успехот затоа што правото е професија во која умствената концентрација и добрата промисла е од иманентно значење, а таа може да се оствари само преку хармонизација на личноста и на семејниот и професионалниот живот.

„Секој треба да прави микс помеѓу обрврските и приватниот живот. Тоа е мостот кој обезбедува хармонија и придонесува за успехот, особено кај младите луѓе. Со посветеноста кон работата, интелектуалното проширување на знаењата и чувствувањето среќа помеѓу пријателите и домот се оние претпоставки за успешно, не само работење, туку и живеење“, вели Филип, кој со младешкиот ентузијазам својствен на нему како личност, ветува дека ќе истрае во зацртаната цел, токму онака како што вели неговиот омилен филозоф Кант „Живеј го својот живот така што ќе мислиш дека секое твое дело ќе стане универзален закон“.


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 06. 05. 2014