/ Прочитано:

3.352

Адвокат Филип Медарски: Приказната на Ел-Масри е добро аргументирана со докази

„Ако сакате сериозно испрашување, го испраќате затвореникот во Јордан. Ако сакате да биде измачуван, го испраќате во Сирија. Ако сакате некој да исчезне, никогаш да не го видите повторно, го испраќате во Египет“, ова го има кажано поранешниот агент на ЦИА, Роберт Баер. Она што Македонија последниве години ја поврзува со оваа реченица на Баер е досието Калид Ел-МасриНеодамна во Европскиот суд за човекови права, повторно беше отворен овој случај. Се очекува пресудата да биде донесена до крајот на годината. Македонија е уверена дека судот ќе го отфрли барањето, бидејќи истото е доставено надвор од рокот од 6 месеци. Одбраната со силни аргументи, сметаат дека поднесувањето на барањето надвор од овој рок е дозволено, поради новите докази, меѓу кои и сведочење на поранешен министер. Ел-Масри бара од судот да утврди дека неговата верзија е вистинита, а од Македонија да му исплати штета од 300.000 евра. За мистеријата околу случајот Калид Ел-Масри, разговаравме со еден од неговите четворица бранители, единствениот Македонец во тимот, скопскиот адвокат Филип Медарски.

Адвокат Филип Медарски (фото: Војкан Миленковиќ)

Да почнеме од почеток, кој е Калид Ел-Масри? Дали се вистинити наводите дека за време на либанската граѓанска војна  поради членување во милитантната група Ал Тавхид пребегнува во Германија, каде аплицира за азил?

  • Калид Ел-Масри е германски државјанин со либанско потекло. Кога точно се преселил во Германија и зошто се преселил јас не знам ниту ми беше битно за случајот. Она што го знам дека подолг период живее во Германија, таму има основано семејство и како последица на настанот имаше проблем да го одржи тоа семејство.

Можеме да констатираме дека на навидум просечниот натурализиран германец инцидентите  му се случуваат пречесто, тој моментално служи затворска казна, причина поради која не се појави на расправата во Стразбур, зошто Ел-Масри е во затвор?

  • Имаше два инциденти. Првиот инцидент е подметнување пожар во еден супермаркет, вториот инцидент е физички напад на  градоначалник на едно гратче во Германија. Ова што сега му се случува, според мое мислење во голем дел е последица на она што тој го преживеал, затоа што пред настанот може да се види дека тој нема никакво криминално досие. По настанот, вистина е дека како последица на таа тортура што тој ја преживеал има девијантно однесување. Второ, тој нема примено соодветна терапија по завршување на настанот. Според мое мислење и мислењето на останатите членови на тимот што го застапуваше во Стразбур, тој требаше да биде подложен на една подолготрајна психијатриска опсервација и соодветна терапија. Меѓутоа, тоа не се случи.

ЕлМасри тврди дека на 31 декември 2003 година, македонската полиција го задржала на граничниот премин Табановце, од каде според него започнува и неговата голгота. Што го натерало на овој ден да допатува во Македонија, сам,  без неговото семејство?

  • Според неговото тврдење, има две причини зошто одлучил да дојде во Македонија. Прво имал влошена семејна состојба во тој период и сакал да се тргне привремено од семејството. Македонија ја одбрал како земја каде што со релативно скромни финансиски средства може да помине извесен период. Втората причина е евентуално да ја испита можноста за започнување на бизнис со користени автомобили.

Што е со сопругата на Ел-Масри, дали таа  ја потврдува оваа негова приказна?

  • Во тој дел не е испитувано толку многу, бидејќи немало доказ дека тој бил припадник на некоја терористичка организација, па да се испитува зошто би патувал во Македонија.

Македонските власти ја негираат приказната на Ел Масри, велат дека ништо од  тоа не се случило, односно дека бил пуштен слободно да влезе во Македонија по неколкучасовно испрашување и дека на 23 јануари 2004 година, преку Косово, Ел-Масри заминал од земјава. Ова го поткрепуваат со печатот во неговиот пасош. Со кои материјални докази одбраната ја поткрепува приказната на Ел-Масри?

  • Официјалната верзија на македонските власти од самиот почеток на оваа, би ја нарекол афера, е дека тој влегол во Република Македонија на 31 декември, бил задржан неколку часа на самата гранична линија, со цел да се испита веродостојноста на неговата патна исправа. Потоа бил пуштен во Македонија, каде престојувал 23 дена и ја напуштил територијата, по што заминал кон Косово. Како доказ има влезен печат во неговиот пасош, но нема излезен печат. Во поглед на материјалните докази на одбраната, можам да кажам дека имаше голем број на докази, меѓутоа најбитните докази од кои би произлега вистинитоста не беа презентирани во Стразбур, бидејќи пред се, се работеше за вербални докази, неговиот исказ и сведочењето за кое што не смеам да зборувам. Понатаму, има форензички испитувања на неговата коса по неговото враќање од Авганистан, но и списи од контролата на летот од повеќе држави за авионот со кој според неговото тврдење бил одведен во Кабул, Авганистан. Во овој дел сметам дека неговата приказна беше многу добро потврдена со овие докази. Како и други докази кои што не се толку релевантни да ги споменувам.

Што е со авинот, некаде прочитав дека боингот регистриран како FAA as N313P се споменува во други сведоштва слични на ова на Ел-Масри, грабнување од страна на ЦИА, поради сомнеж за тероризам?

  • Во поглед на авионот имаше едно обемно истражување, со најмени истражители, чиишто заклучок беше дека истиот авион  е користен во  повеќе случаи на ‘Rendition’ –  грабнување на лица за кои постои сомневање дека се терористи. Според летачката евиденција, на 23 јануари 2004 година, овој авион слетал во Македонија, а потоа преку Багдад  со еден патник заминал за Авганистан.

Пред самиот старт на расправата во Стразбур, вашиот колега, адвокатот Џејмс Голдстон, во изјава дадена за Дејли Телеграф вели дека  еден од најмоќните докази во случајот е сведоштвото на поранешен македонски министер кое ја потврдува верзијата на Ел Масри. Сведокот во својата изјава навел дека Македонија го задржала Ел-Масри по барање на ЦИА, а потоа тој лично како министер побарал од американските власти да дојдат да го земат, зошто Македонија веќе нема да може да го држи во заточеништво. По ова, ЦИА наводно го пренела со авион во Авганистан. Што би додале вие околу ова?

  • Околу тој доказ не би зборувал ништо повеќе од она што е изнесено во медиумите. Односно дека се работи за потврда на верзијата на господинот Ел-Масри.

Според Ел-Масри, откако од ЦИА утврдиле дека тој ја зборува вистината го оставаат на аеродром во Албанија, при што му бил вратен пасошот, а од тука пак албанските власти го ставаат на лет за Франкфурт.  Што се случува во меѓувреме со неговата сопруга,  зарем таа не го пријавила отсуството на својот сопруг?

  • Неговата сопруга мислела дека тој ги напуштил и заминала во Либан во периодот додека тој бил отсутен. По неговото враќање успеал некако да ја убеди да се врати.

Едно од можните сценарија е дека наводното вонсудско притворање на Калид Ел-Масри веројатно се должи на сличноста на неговото име со името на осомничениот терорист Абу Хамза ал-Масри кој пак е уапсен во август 2004 година во Велика Британија и осуден една година подоцна. Дали се согласувате со мене?

  • Во тек на нашето истражување, заради обезбедување на докази за потврда на неговата верзија на настаните наидовме на неколку можни сценарија зошто тој е земен. Најверојатно е она што го кажавте, односно фактот што неговото презиме коинцидира со името и презимето на ал-Масри кој што подоцна е осуден за тероризам. Ова е едно од сценаријата кое за нас е најверојатно, имаше и други за кои не би зборувал, бидејќи се шпекулации.

Што бара Ел-Масри судот да утврди со пресудата?

  • Прво што бара е да потврди дека она што тој го изнесува како верзија на настаните е вистинито, а тоа е за него и за нас како адвокатски тим најбитно, се друго е второстепено. Значи да се утврди дека Ел-Масри навистина го има доживеано она што тој тврди дека го доживел. Понатаму се разбира дека целта на адвокатскиот тим е да се обезбеди определен надомест на штета за она што го претрпел, меѓутоа тоа е нешто што е второстепено.

Колкава е материјалната штета која бара да му се исплати, Академик дојде до некоја цифра од 300.000 евра, точна ли е оваа сума?

  • Таа е сумата. Иако пак ќе речам не е релевантно колкав надомест на штета ќе определи судот, многу е побитно да утврди дека навистина тоа што тој го кажува е вистина, бидејќи се отвораат други правни можности за надомест на штета.

Зошто на Ел-Масри не му успеа да ја истурка постапката пред американските судови, дали со ова се потврдува она познатото, Кај што има сила нема правдина?

  • Беше одлучено дека не може да се води постапката поради т.н. state secret doctrine (доктрина на државна тајна). Оваа одлука беше укината од Интер-американската комисија за човекови права и постои можност постапката да се обнови.

ЕлМасри бара правда и пред македонските судови. Во тек е граѓанска постапка во Основниот суд 2 Скопје, до каде е истата?

  • Да, има постапка, каде бара надомест на штета од 50.000 евра. Почната е главната расправа, се чека тој да биде пуштен од затвор, за да може да дојде и да сведочи, значи постои процесна пречка за да биде сослушан во својство на тужител. 26 септември годинава е закажано следното рочиште, но неизвесно е, постои можност условно да биде пуштен, но тоа не би знаел да ви го кажам.

Како еден релативно млад македонски адвокат, зошто се нафативте да постапувате по овој за многумина контроверзен предмет?

  • Од самиот почеток на мојата работа се соочувам со случаи на повреди на човекови права каде што во ниту еден не сум имал пречки да ги преземам и да ги водам, ова е еден од тие случаи. На почетокот на овој случај, бидејќи немавме буквално никаков доказ што ги поткрепува наводите, сè се сведуваше на поднесување на барања за прибирање на информации до повеќе државни органи, со цел да утврдиме дали е вистина тоа што тој го зборува. Како што работев на овој случај, се повеќе лично стекнував уверување дека она што тој го тврди е вистина. По прибавувањето на доказите, лично кај мене беа отстранети тие пречки во поглед на водењето на оваа постапка. Значи немам дилема дали треба да ја водам оваа постапка. Од друга страна сметам дека не само што не и се нанесува штета на Република Македонија, туку на извесен начин Македонија има корист од тоа конечно да раскрсти со тој случај

Рaзговараше: Елена Павловска  

Објавено: 23.07.2012 >> Предметот за случајот Ел-Масри против Македонија, проследете го тука.