/ Прочитано:

1.639

МВР: Адвокат и негов клиент го измамиле судот и наплатиле оштета од 1.330.824 денари

Сабота, 1 септември 2012 – Адвокат од Скопје и негов клиент успеале на два пати да побараат отштета за иста сообраќајка со лажно прикажување и прикривање на фактите пред осигурителната компанија „Евроинс-осигурување” АД Скопје. Пријавената штета била во висина од 1.330.824. денари, а на штета на Националното биро за осигурување, соопштува МВР.

СВР Скопје поднесе кривични пријави против лицата Б.К. (54)  од Скопје во својство на адвокат и Ј.А. (23) од с.Доброште, тетовско, во својство на оштететен во сообраќајна незгода, бидејќи  во текот на 2010 година во Скопје со намера да се стекнат противправна имотна корист на име надомест на нематеријална штета од автоодговорност, со двојно пријавување на оштетно побарување од ист штетен настан, како и со лажно прикажување и со прикривање факти ги довеле во заблуда вработените во “Евроинс-осигурување” АД Скопје да им исплатат средства во висина од 1.330.824. денари, а на штета на Националното биро за осигурување.

Имено, на 04.07.2007 година во село Доброште, Тетово од страна на лицето А.Н. кој управувал нерегистрирано возило марка “Форд Сиера“, со тркалото била потфатена бекатон плочка која отскокнала и го удрила во глава пријавениот Ј.А. По ова Ј.А.  го ополномоштил адвокатот Б.К. да го застапува за наплата на штета причинета во сообраќајна незгода. По ова, адвокатот, пријавениот Б.К. до  осигурителната компанија  “Макошпед” АД Скопје (денешен “Евроинс-осигурување”) поднел барање за исплата за надомест за претрпена штета по основ на задолжително осигурување на трети лица од автоодговорност во вкупен износ од 1.530.000 денари. 

“Макошпед” АД Скопје го разгледале барањето и  констатирале дека не постои правен основ за негово решавање. Ј.А. повторно поднел барање за надомест на штета од истата сообраќајка, но овој пат во АД “Вардар осигурување – Скопје”, кои констатирале дека се исполнети условите за исплата на штета, и  така на 28.02.2008 на трансакционата сметка на Ј.А. легнале 705.000 денари.

Меѓутоа и покрај фактот што на Ј.А. му бил исплатен надомест од 705.000 денари, тој преку адвокатот Б.К. на 04.06.2008 година поднесува тужба до Основен суд Скопје 2 Скопје против “Макошпед” АД Скопје за истата сообраќајка. Така, на 30.12.2009 година  Основен суд Скопје 2 Скопје носи пресуда во корист на Ј.А. со која “Макошпед” АД Скопје се задолжува да му исплати на оштетениот, второпријавениот Ј.А. вкупно 1.330.824. денари. Инаку, на пријавениот Б.К. досега му се поднесени уште 11 други кривични пријави за кривичното дела – “осигурителни измами“, стои во соопштението на МВР.