/ Прочитано:

3.348

Адвокат Јован Јоанидис: Претседателот на АКРМ треба да биде адвокат пред пензија, кој веќе не е заинтересиран да се докажува во адвокатурата

Важи за еден од доајените во македонското правосудство — бил и истражен судија и обвинител, но најмила му е адвокатурата, каде е и најдолго присутен. Со препознатлив стил и изразита смисла за хумор, адвокатот Јован Јоанидис раскажува за неговото адвокатско секојдневие. Себеси се смета за вечен опозиционер. Остро го критикува новиот Закон за кривична постапка (ЗКП), во кој, како што вели, се мешаат баби и жаби. Погоден од моментните состојби во адвокатурата, има свој предлог за профилот на челникот на Адвокатската комора на РМ (АКРМ): платен функционер, адвокат којшто е пред пензија и кој веќе не е толку заинтересиран да се докажува. Неговата оценка за македонското судство е чиста нула. Предметот Јака Табак и правосилната пресуда за Агим Ислами, еден од осудените на доживотен затвор за нападот врз полициските „Алфи“ кај ПМФ во Скопје, при што беше убиен еден припадник на „Алфите“, а двајца беа ранети, смета дека се трагедија на македонското правосудство.

Луд и незаборавен — вака изгледа еден типичен ден во адвокатската канцеларија „Јоанидис“, вели нејзиниот основач адвокат Јован Јоанидис, кој штотуку вратен од судење, срдечно го пречека тимот на „Академик“ во својата канцеларија.

„Луд во смисла на тоа што претпладне има судења, разноразни застапувања и пред државни органи, како и прием на странки, така што може да се каже дека денот има малку саати“, вели адвокат Јоанидис.

Опкружен со бројни признанија закачени на ѕидoвите и документација која во себе носи значаен дел од предметите кои се водат низ македонските судови, со ветеранот во македонската адвокатура речиси два часа шетавме низ аналите на македонското правосудство на кое — од 1 до 10 — му дава оценка 0.

„Нула, каков еден?! Единица е оценка, некако е преодна, а ова е не е ниту за преодна!“, смета нашиот соговорник, кој од сите правни професии што досега ги вршел, најмногу ја сака адвокатурата.

„Најискрено, јас сум адвокат, како што велат, од кариера, поради тоа си отидов во адвокати во време кога ми понудија да бидам заменик-секретар во МВР или судија на Окружен суд, инаку бев судија во Општинскиот суд Скопје 1 и шеф на кривично одделение. Си ја сакам адвокатурата“, додава тој.

Низ неговите раце поминале голем број предмети популарни во јавноста, но признава дека најмногу мака му предизвикал предметот во кој на доживотен затвор беше осуден Агим Ислами, еден од тројцата кои се товареа за нападот врз полициските „Алфи“ кај ПМФ во Скопје, при што беше убиен еден припадник на „Алфите“, а двајца беа ранети.

„Тој предмет е трагедија за македонското правосудство. Тврдам дека обвинетиот Агим Ислами е невино осуден на доживотна казна затвор. Јас сум „пролазен“, човекот останува. Една неправда е голема работа! Има една поговорка која мислам дека меѓу нас правниците  е многу популарна: подобро 100 кривци да бидат на слобода, отколку еден невин да биде во затвор“, тврди адвокат Јоанидис кој го застапуваше Ислаими.

Ова тврдење го поткрепува, негирајќи ги двата материјални докази на обвинителството.

„Едниот доказ е отпушок на цигара кој е најден на хаубата од возилото, и тоа во МВР, а не на лице-место и втор доказ е опаковка од паштета на која Ислаими и го лижел капакот,  најдена на некоја нива 15 километри од местото на настанот. Отпушокот на кој има негова ДНК, вештите лица тврдат дека го пушеле двајца, односно тој и друго женско лице. Во извршувањето на убиството и нападот на „Алфите“ нема женско лице. Јас поставувам прашање — каде машко и женско пушат цигара заедно и кога? Или по водење љубов или кога останува една цигара, па двајца си ја подаваат. Да имаше женско во возилото на извршителите, тогаш, можеби, додека се договарале, исто и пушеле. Паштетата никој не знае зошто е доказ. Таму се испукани над 70 куршуми, а не е фрлен динамит спакуван во паштетата, па да кажеш, ете го доказот. Осудениот по професија е келнер; ниту куршум, ниту пушка е најдена кај него, а и не знае ниту да ракува со оружје“, укажува адвокатот на Ислаими.

Сметајќи дека довербата во судовите денеска е на завидно ниво, а како што вели, порано им се верувало, адвокат Јоанидис го раскажува примерот на неговата баба која во 1958 година, 4 години судски се борела да не ѝ ја убијат козата, која согласно со Законот за забрана на кози  т.н. „Лазов закон“ требало да биде уништена. 

„Не бре, рекла баба ми, не ја давам, а надлежниот ѝ се обратил со зборовите — а бре, закон е донесен, жено, Лазо Колишевски, претседателот на државата го донесе. Таа му одговорила, јас со претседателот на држава немам ништо, не се познавам; јас ќе си одам на суд. По 4 години судење, судот донесе пресуда да се уништи козата, бидејќи тоа го предвидува законот. Во тие 4 години козата изроди полно јариња, цело стадо од 20 кози. Баба ми по пресудата отиде во Општина и рече: Е, сега да ја заколеме, судот така кажа. Поентата од сево ова ми е дека им се веруваше на судовите; сега никој не прашува кој суд е, туку кој судија е, дали го знаеш судијата. Па зошто да го знам судијата, што ќе ми е судијата!? Тој е задолжен да применува право, односно криво да седи, право да суди“, посочува адвокат Јоанидис.

Како поранешен обвинител, но и истражен судија не гледа со оптимизам на новиот ЗКП кој се уште не влегол во примена, напротив смета дека со новиот закон се мешаат „баби и жаби“.

„Или треба да се држиме до англосаксонскиот систем или до континенталниот. Овде, значи во новиот ЗКП, се зема дел од англосаксонскиот систем, а дел си останува од континенталниот систем. Не бива така. Мора да знаеме прво што сакаме. Овде сега ќе пливаме, а тоа е лошо за сите. Му се даваат големи овластувања на Јавниот обвинител, меѓутоа што ќе му се нему тие овластувања кога тој е сервис на полицијата. Првин треба да се промени некој друг закон со цел Јавниот обвинител на РМ бидe во ранг поголем од министерот за внатрешни работи. Во практиката ќе биде лудница; не дај Боже да дојдете во ситуација да ве обвинуваат Вас. Додека докажете, тоа ќе биде како приказната со зајакот кога бегал од Босна. Потоа ако истрагата биде под капата на ЈО, државата мора да вложи доволно финансиски средства; тоа е основното, лесно е на хартија да напишете — сѐ трпи хартијата“, вели тој.

„Она што со Устав ни е дадено, со закони и правилници ни е одземено“

Во однос на актуелните состојби во адвокатурата, односно приодот од почетокот на годинава со кој се регулираат готовинските плаќања на адвокатите, согласен е дека данок мора да се плаќа, но смета дека моментните начини на кои се прави тоа се несоодветни.

„Адвокатурата, според Уставот, е јавна служба, која пружа правна помош и има јавни овластувања, правна помош за која не требаат  ниту маркички, ниту фискални каси. Правна помош, бре! Тебе ти е мака — некое право ти е повредено. Дали е слобода, дали е имотно право — некој треба да те штити. Од кучиња може да се браниш со стап, ама од државните органи кој ќе те брани!?“, дециден е адвокат Јоанидис.

Иако дел од вината ја префрла на македонските политички позиции, било да се работи за претходни, сегашни или идни кои, според него, се такви, бидејќи, како што вели, сите министри, вклучувајќи го и премиерот, имаат лоши советници, најголемиот дел од негативните критики ги упатува на АКРМ.

„Нашата комора, во разговор со мене, најточно ја опиша еден претставник на власта, кој за АКРМ вели дека е туристичко друштво кое што има склоности за пеење, ама не знае да пее. Од АКРМ сами си измислија маркички за да земаат пари, со цел да одат на шетање во Јужна Америка или во Африка на сафари, да гледаат лавови од џип. Aдвокатурата ја уништија политичарите, затоа што ѝ го земаат предметот на работа. Се засилуваат нотарските служби и извршителите. Добро е што има нотари, добро е што има извршители, но не на овој начин како што сега е. Сега, на нотарот дадено му е да составува, заверува, застапува, но зошто? Затоа што адвокатот го критикувал министерот во времето кога се носел тој закон, па овој, за да му наштети на него, ѝ наштетува на целата адвокатура, буквално на сѐ! Со Устав што ни е дадено, со закони и правилници ни е одземено“, смета адвокат Јоанидис.

Нашиот соговорник има предлог и за тоа каков треба да биде профилот на лицето-претседател на АКРМ.

„Претседателот на Комората треба да биде платен функционер, адвокат кој е пред пензија и веќе не толку заинтересиран за да се докажува себеси. Неговата канцеларија треба да биде во мирување, да нема веќе работа со странки; напротив, доколку му дојде странка, да ѝ посочи список на адвокати. Тој да може да трча на состаноци со министри, претседатели на судови, директори на затвори, директори на УЈП, Царина, бидејќи адвокатурата влегува секаде: и пред органите на управната постапка и пред правосудните органи. Сето ова со цел адвокатите да имаат погодности за вршење на својата дејност. На пример, мора да има одредени шалтери каде пишува дека адвокатот има предност. Во СФРЈ така беше од Ниш, па нагоре. Кај нас, знаете што пишува, конкретно, на вратите на судовите: „Забранет влез за странки, адвокати и кучиња“. Веројатно, некој адвокат којшто имал смисла за хумор допишал „кучиња“. Во ред е за странките, ама срамота е да се потенцира и за адвокатите“, вели тој.

Во семејството Јоанидис, приватно најмалку се зборува за правото

Семејството Јоанидис има три генерации правници, раскажува адвокат Јован Јоанидис. Покрај кривичната материја, деловното право, адвокатската канцеларија Јоанидис е препознатливо име и во делот на ителектуалната сопственост. Горд на своите деца, адвокатите Билјана и Александар Јоанидис, посочува дека се застапници за интелектуална сопственост, запишани во македонскиот регистар и во Европскиот патентен завод, а, пак, самиот тој е арбитер во Светската организација за интелектуална сопственост и претседател на Здружението за заштита на правата од  индустриска сопственост. 

Како поинтересен од оваа материја го издвојува спорот меѓу компаниите „Вригли“ и „Дрога колинска“, и тоа во делот со трошоците.

„Се работи за гуми за џвакање. Имено „Дрога колинска“, меѓу другото, како прозводител на гуми за џвакање, на саем во Минхен излегува со гуми за џвакање кои се слични на оние на американската компанија „Вригли“. Судот во Минхен ја добива тужбата за нарушување на правата од интелектуална сопственост и уште другиот ден носи пресуда во полза на „Вригли“, според која, меѓу другото, досудува „Колинска“ да плати трошоци и такса во висина од  250000 марки. Истиот тој спор го водевме и во Скопје, бидејќи „Дрога колинска“ истите гуми за џвакање ги продаваше на македонскиот пазар. Судот во овој случај носи времена мерка, а по две години и пресуда каде што трошоците изречени од судот се негде околу 12000 денари. Е, сега, рачунајте вие колкава е разликата и колку реално чини имотот на умот“, посочува адвокат Јоанидис.

Сепак, додека во светски размери, поради големите оштетни побарувања во вакви спорови компаниите банкротираат и се затвораат, кај нас тоа не е случај, укажува адвокат Јоанидис.

„Кај нас немаме чуство за штета, повеќе се суди за навреда на премиер или на претседател отколку за ова“, вели тој.

Со гордост зборува за двете книги издадени од страна на Здружението за заштита на правата од  индустриска сопственост кои ги работеле заедно со судии и Државниот завод за заштита на индустриска сопственост. 

„Во првата книга има мое писмо каде на 24.05.95 предлагам до Владата на РМ,  Заводот да биде посебен управен орган, кој тогаш беше во склоп најпрвин на Министерство за развој, а подоцна на тогашното Министерство за стопанство, но и индустриската сопственост да премине во интелектуална сопственост како што е секаде во светот, односно и авторското право да влезе под заштита на овој орган. Министрите ни се секогаш од различни партии, тие не можат да се согласат и поради тоа, сега Министерството за култура го води авторското право, а Државниот завод за заштита на индустриска сопственост е посебен управен орган. Светската организација за интелектуална сопственост е една, нема светска организација за авторски права“, укажува адвокат Јоанидис.

Со оглед на тоа што семејството Јоанидис изобилува со правници — сопругата е судија, а синот и ќерката адвокати — не интересираше дали тие приватно разговараат за нешто друго освен за правото.

„За сѐ се прави муабет, но најмалку за право. Таман работа, нема и дома да правиме муабет за правото. Инаку и јас сакав да ги следам чекорите на татко ми, а и тие на татко им. Тие се веќе трета генерација правници“, со насмевка на лицето вели тој.

Разговорот со адвокат Јоанидис го завршивме прашувајќи го што мисли за  максимата -„Кажи ми кој те брани, ќе ти кажам кој си“. „Не сум во тие. Таа максима важи наназад 11 години. ВМРО  7 и СДСМ  4 години, претходно не важеше. Јас сум од тие кои  не се со ниту една актуелните власти, а бранам секого и луѓе од власта и луѓе од опозицијата“, подвлекува познатиот скопски адвокат.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 12.02.2013