Адвокат Рауфи: Сите обвинети во „Монструм“ имаат алиби
Вторник, 4 декември 2012 – Шестмината обвинети во „Монструм“ имаат алиби каде биле во моментот на извршувањето на петкратното убиство кај Смиљковското езеро што се случи во април оваа година, за албанскиот портал „Лајмпрес“ тврди адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи.
Одбраната тврди дека ниту еден презентиран доказ од страна на обвинителството не ја докажува вината на обвинетите. Сведоците не рекле ништо, а ниту телефонските разговори не ја покажуваат инволвираноста на обвинетите во грозоморното петкратно убиство.
„Никој од обвинетите не е виновен. Овој случај е јасна политичка монтажа како и многу случаи што и се познати на јавноста. Не постои доказ што наведува дека тие се сторители на убиството. Сите обвинети имаат алиби каде биле во тој час. Телефонските транскрипти не покажаа ништо, сведоците ништо не рекоа“, објаснил адвокатот Насер Рауфи.
Обвинителството контра Рауфи: Обвинетите со умисла ликвидирале недолжни македонци
Според наводите во обвинителниот акт: Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири и неговиот внук Хаки Азири во почетокот на 2012 година со намера за загрозување на животот и телото и создавање на чувство на несигурност кај граѓаните на Република Македонија, се договориле да извршат дела на убиство на повеќе лица од македонска национална припадност.
Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Ислаиловиќ 13, сите во исти момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило. Тројцата биле заедно со уште 2 непознати лица. Со возило „Опел омега“ веднаш се дале во бегство, освен Агим Исмаиловиќ кој избегал со друго возило и други 2 непознати лица. Обвинетиот Сејди Рами пред и по убиството бил логистика на случувањата, што да се прави по и пред ликвидацијата и како најдобро тоа да се изведе. Хаки Хазири, лицето коешто доброволно се откажа од статусот на заштитен сведок и стана шестообвинет за тероризам, со своето возило ги чекал обвинетите кај Качаначки пат и потоа ги возел обвинетите до нивните домови, стои во обвинителниот акт.