/ Прочитано:

3.262

Адвокат Сашо Јанев: Да се брани еден човек што другите сакаат да го претворат во виновник е нешто извонредно

Адвокатот Сашо Јанев повеќе од една деценија се занимава со кривично право, низ рацете му поминале најразлични предмети, од убиства до трговија со луѓе.  Судскиот процес го сфаќа како борба во која адвокатот мора по секоја цена да се бори за ослободување на својот клиент, вели дека не дава лажни ветувања, цени интелегентен противник, а наспроти ставот на јавноста, верува дека најголемиот дел од адвокатите се чесни. Не можете да си играте, ниту пак да се забавувате кога станува збор за тешко кривично делo, вели Јанев кој со нетрпение го очекува стартот на новиот Закон за кривична постапка.

Да се биде врвен адвокат што се занимава со кривично право е доста стресна професија, ќе се согласите ли со мене?

  • Апсолутно се согласувам. Прво и основно е одговорноста на адвокатот која ја носи, пред се кон својот клиент. Морате да разберете дека кога браните некој човек распологате со неговата судбина, тенка е границата помеѓу неговата слобода и неговото затворање во затворските институции. Одговорноста е огромна, значи станува збор, пред се за основно човеково право, правото на слобода. Кога е загрозено тоа право, поготово кога станува збор за клиенти кои не се виновни, а нели презумпција на невиност на личност значи дека секој е  невин се додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен, тука е првиот момент на одговорност на адвокатите… Потоа одговорноста за квалитетно водење на постапката, не можете да си играте, ниту пак да се забавувате кога станува збор поготово за тешките кривични дела.
Меѓу кривичните предмети на кои сте работеле се и оние од областа на трговија со луѓе, еден од најголемите проблеми на денешницата. Kолку е ова распространето во Македонија, каков е вашиот впечаток?

  • Со оглед на апсењата и осудителните пресуди што се случуваат во последниов период, доста е присутна. Знаете со текот на годините криминалот станува помалку популарен или повеќе популарен за раличен вид на кривични дела. Во еден период се сеќавам, една цела година работевме само злоупотреба на службена положба, потоа еден период на ред дојдоа кривичните дела за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, потоа и самите знаете дека минатата година беа многу популарни кривичните дела што се поврзани со сексуалната деликвенција. Тоа е едно живеење, знаете, криминалот од Римското општество, односно од праисторијата до денес, постои и ќе постои. Суштината е, ние можеби како првата линија на асфалтот да се грижиме, дури како адвокати од кривичната област и да помагаме во сузбивање на тој криминал. Не само при одбрана на нашите клиенти за кој основано се сомнева дека сториле кривични дела, а тоа значи дека не се виновни додека не се докаже спротивното. Значи и ние како адвокати можеме да влијаеме во намалувањето на криминалот. 

Што вели Вашето искуство, од каков профил се најчесто жртвите на трговија со луѓе ?

  • Според мое лично мислење, па и научните истражувања тврдат дека станува збор за претежно женски млади личности помеѓу 16–25 години од асоцијални семејства, од семејства со еден родител, од самохрани родители, необразовани семејста, рурални средини, претежно таквите лица стануваат жртви на трговијата со луѓе.
Вие работевте и на случајот Стаматовски, односно таткото кој 4 години не можеше да го оствари правото да го види својот малолетен син, откако неговата мајка без дозвола го носи во Словенија. Голготата на овој човек имаше среќен крај. Како е ова можно, покрај законските претпоставки малолетникот добил виза да замине во Словенија без дозвола од таткото и Центарот за социјални грижи, каде ја лоцирате вината? Колку ваквите случаи се чести во пракса? 

  • Според мое мислење, не може вината да се лоцира само во една институција, туку во конкретниот случај сите институции надлежни за овој случај потфрлија во целост. Тоа се однесува на МВР, граничните служби, како и сигурно Центарот за социјални грижи. Да имаше поголема координација помеѓу овие служби секако дека немаше да дојде до грабнување на малолетник. Што се однесува на прашањето дали има и други вакви случаи, одговорот е секако дека да, но овие случаи или не се доволно медиумски покриени или пак родителите на грабнатите деца се заглавени во правните лавиринти од кои е многу тешко да се излезе. Јас искрено сум многу задоволен од предметот кој го спомнавте, бидејќи таму морам да бидам чесен дека и јавниот обвинител многу помогна во решавањето на случајот  и сега фала богу детето е и со едниот и со другиот родител, во секој случај среќен крај.

Кривичарите се најчесто присутни во медиумите, ве фалат, ве „плукаат“, каков е Вашиот коментар на ова?

Најчесто не плукаат. Морам да ви признаам дека јас кога почнав со адвокатурата пред 12-тина години, значи околу 2001 година станав адвокат, еден многу умен обвинител кој сега е во пензија ми рече дека и чесен адвокат може добро да заработува. Бидејќи бев на почетокот на кариерата, го прашав што значи тоа чесен адвокат, тој ми рече – „За своите услуги на одбраната наплаќај, но никогаш немој да го лажеш клиентот!“ И фала богу јас се придржувам на овој принцип и мислам дека единствен проблем во делот што се однесува за фамата е невистина. Јас верувам дека најголем број од адвокатите се чесни, стручни и квалитетно си ја работат својата работа. Јас повеќе од 11 години ја работам оваа материја и мислам дека е погрешна фамата на нечесноста на адвокатите, има голем број на чесни адвокати.

Лошите вести во последно време се секојдневие за Македонија, убиства, обиди за убиства, исчезнати деца, дали ова ја прави несигурна земја за живеење?

  • Јас верувам дека Македонија е сигурна земја за живеење. Не мора секогаш да им веруваме на медиумите, односно на она што ќе го кажат. Статистички ако земеме, во Америка на секој 3 минути има по едно убиство, во Македонија не е ваков случајот. Поголем криминал има во високоразвиените земји, отколку во РМ. Знаете адвокатите од кривичната област сакаат да има криминал, бидејќи тоа би значело повеќе работа за нив, но тоа не значи дека го оправдуваат криминалот, ни под точка разно.
Колку адвокатите кои се занимаваат со кривично право се соочуваат со закани?

  • Ќе се навратам на онаа реченица, кога јас станав адвокат од кривичната област,  како мене ме учеа – Никогаш немој да го лажеш сопствениот клиент, но наплати му за услугата што си ја завршил и што ќе му ја дадеш. Тоа подразбира, закани можеш да добиеш како адвокат по кривично право само под услов ако ветиш нешто, а не го исполниш, само во тој случај.

Може ли да го прокоментираме новиот Закон за кривична постапка чија што примена се’ уште не стартувала – јавниот обвинител ќе биде носител на истрагата, какви се вашите очекувања ?

  • Прекрасен закон! Моите очекувања се дека со воведувањето на новиот ЗКП ќе се издиференцираат адвокатите кои ќе продолжат да работат на кривичната материја и адвокатите кои повеќе нема да работат на кривичната материја од неколку причини – прво таквата постапка кога ќе се води ќе биде многу скапа, второ за подготовка на таква постапка ќе ви треба ангажман, со други зборови ако сега имаме во една година дваесет кривични предмети и ги работиме тие предмети во текот на таа година, јас имам чувство дека со новиот ЗКП во годината ќе имаме еден до два предмети кои ќе мораат да бидат беспрекорно сработени. Значи таму обвинителот, има период во кој ќе го подготвува своето обвинение. Пред крајот на самата истрага, тој е должен да не извести нас како бранители што има против нашиот клиент, за ние да добиеме соодветно време да се подготвиме. При таквата подготвеност, ние ќе мораме да се спремаме како да ни зависи животот од тоа. Со овој закон не се менува само кривичното законодавство како законодавство во РМ, се менува еден цел концепт. Значи прво имате еден вид на постапка каде истражниот судија имаше голема улога, сега истражниот судија ќе одлучува само за основните права на човекот, односно на осомничениот и нема да има никаква друга улога, значи ќе одлучува само дали да му се изрече или да не му се изрече притвор. Сега обвинителот е тој кој е  pater familias, татко на постапката, тој ќе дава наредби. Веројатно ќе се соочиме со голем  предизвик при воведувањето. И ние како бранители и Обвинителството, но мислам дека со макотрпна и постојана работа  и со внесување на многу љубов, мора да резултира со успех.

Каков противник во суд најмногу цените?

  • Па… достоен противник, чесен противник, противник кој зборува со зборовите на Законот за кривична постапка, таков противник почитувам, па дури и да подобар од мене. Противник кој нема да се служи со позицијата на сила која ја има. Интелегентни противници кои си ја знаат својата работа.

Многу од студентите по право, себе си се гледаат како адвокати по кривично право, впечатокот е дека оваа област им изгледа „најзабавна“, што би им препорачале Вие на Вашите идни колеги, каква е всушност реалноста?

  • Ги очекува многу работа, ги очекува многу учење бидејќи сите правници, ако сакаат да бидат најдобри мораат да се подобруваат. Мора да читаат, бидејќи правната материја е динамична материја. Од ден во ден се развива, се менува, се дополнува итн. Ако ми дозволите ќе им прочитам еден цитат од Роберт Бадентер, кој до ден денеска мене ме води, а се мисли на ликот Филип Лемер, од книгата „Смртна казна“. Филип Лемер е адвокат и вели: „Тој судскиот процес го сфаќа како борба во која адвокатот мора по секоја цена да се бори за ослободување на својот клиент од одговорноста за вина. Во таа борба не постои објективна вистина, морални факти или материјални докази, постои само целта на адвокатот, одбраната никогаш да не се препушти ни на една педа земја на противникот, ништо да не му се признае на обвинението, како посредно така и непосредно, тоа значи не треба да се прифаќаат дури  ни доказите, затоа што за адвокатот постои само еден доказ, а тоа е дека никогаш никој не е виновен за ништо, дури ни за злосторот кој тукушто е извршен, со се уште топол труп и револвер во раката на убиецот или ако за тебе нема виновник, ако за тебе тие се само глупаци, бедни типови или дури никаквеци, но невини, никогаш виновни, тогаш ти си адвокат. Или со друго зборови тие можеби украле или дури убиле, но за тебе суштината не е во тоа. Ти браниш еден човек што убил или украл, затоа што тој пред се или се уште е човек. Да се брани еден човек што другите сакаат да го претворат во виновник е нешто извонредно. Тоа е како тој да не може веќе да оди, а ти го качуваш на грб, го носиш далеку од другите кои се тука зад него како во една хајка за да го фатат и да го убијат“.

А Чарлс Дикенс, пак,  рекол –  „Ако немаше лоши луѓе, немаше да има ниту добри адвокати“, се сложувате ли?

  • Jас сепак мислам дека нема лоши луѓе, сепак сум адвокат. За мене нема лоши луѓе, нема виновници се додека судот не каже дека некој е виновен. Јас не би се сложил со Дикенс, иако е еден од најистакнатите автори во светската книжевност.

Разговараше: Елена Павловска Објавено: 05.11.2012