/ Прочитано:

2.745

Адвокат Светлана Савиќ: Се прават вештачки здружувања со цел да се создаде предмет од организиран криминал

Адвокат Светлана Савиќ е едно од најпрепознатливите имиња кога е во прашање кривичната материја. 15 години судија, а веќе ја пишува 21-та година како адвокат. Иако носталгична за судиската функција, вели дека другата страна и овозможила да ги види маните на истата. Со адвокат Савиќ ги прелиставме дел од големите предмети каде таа е бранител, смета дека постои несоодветна примена на кривичното дело злосторничко здружување – се прават вештачки здружувања со цел да се создаде предмет од организиран криминал, децидна е нашата соговорничка. Прогнозира укинување на првостепената пресуда за Пајажина“, а лош крај и историски пад на Калдрма.

„Пајажина“, Изгрев“, Тајвански кредити“, Jака Табак“, Калдрма“, Пепел 2“… Може да се каже дека Вашето искуство во кривичната материја е прилично богато, да се биде постојано во фокусот на медиумите е прилично тешка задача, ќе се сложите ли?

Во фокусот на вниманието во ваквиот вид предмети во медиумите се воглавно лицата против кои се води кривичната постапка. Секако дека е одговорно да се биде бранител на вакви предмети, а поради медиумската покриеност на истите и нашата работа е изложена пред очите и судот на јавноста повеќе од вообичаено, што бара поголем напор.

Ајде да почнеме со последните случувања во врска со случајот Тајвански кредити, предмет прилично познат во јавноста, првообвинет е Васил Тупурковски, поранешниот лидер на „ДА“ и ексдиректор на Агенцијата за обнова и развој, вие сте неговиот бранител. Може ли да ја прокоментирате последната одлука на Апелациониот суд Скопје, Тупурковски и Андонов по трет пат ќе седнат на клупата за обвинети… 

Второстепената пресуда на Апелациониот суд е своевидна оцена на првостепената одлука и став на повисокиот суд како треба да бидат образложени определени околности во одлуките на првостепениот суд, кои тој ги ценел и ги зел за утврдени. Мислам дека нема поголемо разидување од двата суда по однос на битната околност, а тоа е вината на обвинетите. Инаку, предметот и претходно е укинат од страна на Апелациониот Суд и првостепениот суд постапи  по упатствата на второстепениот суд и ги прибави и изведе сите докази на кои укажа второстепениот суд во својата одлука.

И Пајажина беше неодамна на Апелација, но јавната седница се одложи за следниот месец, какви се Вашите очекувања за овој предмет, вие сте бранител на Анета Кочишки?

Да, јас сум бранител на Анета Кочишки во оваа кривична постапка. Јавната седница беше одложена поради тоа што не беа исполнети законските претпоставки да биде одржана. Не беа уредно поканети сите бранители и еден обвинет.

Од  второстепениот суд очекувам да не подлегне на притисокот и дека нема да ги занемари одредбите на ЗКП, кој има сила на мал устав, кога се во прашање човековите права и слободи и претставува гарант дека утврдената вина се засновува на законот и ќе даде соодветен одговор на сите повреди сторени во првостепената постапка, дали е применет законот правилно, поаѓајќи од извршените вештачења, шареноликоста на (цифрите) сумите и други недоследности, кои укажуваат на потреба на повторно одлучување, во кое првостепениот суд ќе треба да обезбеди атмосфера во која ќе доминира правото и ниту еден субјект нема да се чувствува загрозен и онеправден. Во секој случај обвинението и првостепениот суд  не успеаа да ги конкретизираат дејствијата на обвинетите ниту на разбирлив јазик, ниту на фактички јазик од кои би се дефинирале делата за секој од нив.

Би било многу разочарувачко, доколку второстепениот суд, кој има многу одговорна задача, бидејќи тука правосилно завршува постапката и судбината на луѓето, да се претвори во суд кој ја одобрува  и потврдува сета постапка во име на фамата која се создаде со предметот-да се чувствува обврзан да ги покрие последиците за многу човечки судбини, а ќе излезе надвор од функцијата која му ја дава законодавецот.

Пред да почне судскиот процес за овој случај, во претходната – истражната постапка, но и во текот на самиот процес, она што паѓаше во очи е иста одбрана на многу од обвинетите, колку ова фунционира во пракса, колку ваквата одбрана e ефективна?

Точно е дека во овој предмет се јавуваат определени адвокати како бранители на повеќе лица. Мој личен став е дека секој обвинет треба  да има свој бранител, а во овие посложени случаи и повеќе, чија специјалност се разни области на правото, токму поради сложеноста на предметите, областа која ја зафаќаат и начинот на кој се одвива судењето.

Конкретно, во предметот „Пајажина“ група на адвокати, како адвокатски тим, ја превзедоа одбраната на повеќе обвинети и се надополнуваа во одбраната.Вие често постапувате по предмети каде според обвинителството имало организиран криминал, праксата покажа дека е многу тешко да се докаже истото. Многу од предметите каде од страна на обвинителот и првостепениот суд беше утврдено дека имало организиран криминал паѓаа на Апелација, каде го лоцирате проблемот?  

Организираниот криминал не е нова појава. Светот се глобализира и мобилизира во сите сегменти од животот, па ниту една држава  не може да биде имуна на појавата на организираниот криминал.

Во Република Македонија е дефиниран организираниот криминал. Нашата држава се најде во премин од еден општествен систем во друг во еден многу кус период. Во тој развиток сме прескокнале многу фази, а во законодавството во целост е земено искуството на развиените капиталистички држави. Затоа доаѓа до несоодветност на примена на законите од капиталистичкото друштво. Сметам дека постои несоодветна примена на кривичното дело злосторничко здружување  – се прават вештачки здружувања со цел да се создаде предмет од организиран криминал.

Затоа е и тежината на докажувањето, бидејќи обвинетите во своето работење по природа на нештата и начинот на работа се упатени и ослонети еден на друг.

Врховниот суд има многу одлуки во овој правец, кои треба да се применуваат, заедно со примената и почитувањето на законите.

Во тек е третото продолжение на „Змиско Око“, именувано Калдрма“, ова е најголемиот предмет според бројот на обвинети во историјата на македонското правосудство, вкупно 86. Ако во Змиско Око“ падна тезата дека имало организиран криминал, какви се Вашите очекувања за овој предмет каде според обвинението, раководителот, неговиот заменик и 5 инкасанти создале група на којашто и се приклучиле останатите 80 обвинети?

Со самата гломазност, и физички и правно ваков предмет е осуден на лош крај и историски пад , бидејќи објективно со предметот тешко се носи и обвинителството и судот, а субјективно тешко е да се определи вина и дејствие на извршување на секој обвинет.

Не зборувам за овој предмет, бидејќи истиот е во тек, но во ваквите предмети од организиран криминал стана појава пресудите да се изготвуваат по шаблон, без образложение, диспозитивите се гломазни, противречни, па обвинетите не можат да ги пронајдат своите дејствија во нив.

Како Вие гледате на македонското судство, сепак долго време сте присутна на оваа сцена, во Вашата кариера е запишана и судиската функција. ЕУ често знае да ни забележи во ова поле. Има ли подобрување, каков е Вашиот впечаток?

Македонското судство не може да биде ни полошо ни подобро од сите институции кои функционираат во општеството и особено го тангираат општествените прилики  во кои функционира. Боледува од капацитет да се избори да биде независно, што е проблем кој не се учи од книги и е дел од личниот интегритет на секој делител на правдата.

Примената на долгонајавувниот ЗКП се уште не стартувала, спремни ли сме да одговoриме на предизвиците кои ги носи овој ЗКП?

Самото одлагање на примената доволно зборува дека тешко ќе се применува во реалноста со оглед дека постојат решенија кои не соодветствуваат со постоечкиот правен систем. Станува забор за решенија од повеќе правни системи, што не е дозволено бидејќи се работи за процесен закон.

Зошто адвокат, а не судија?

Судиската функција ја сметам за неприкосновена. Бев повеќе години дел од таа функција и се сеќавам со голема носталгија. Но, имав потреба да ја видам и другата страна на правото и тоа ме определи да ја изберам адвокатурата. Од оваа страна за жал во повеќе ситуации ја гледам несовршеноста на моето поранешно занимање.  

Вашите син и ќерка ги следеа Вашите чекори, семејство адвокати…

Тие се дел од тимот кој го споменав и кој постапува заедно со мене во овие предмети.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 25.12.2012