/ Прочитано:

1.592

Адвокати, обвинители и новинари дискутираа за практиката на ЕСЧП и на Јавното обвинителство со случаите за медиумската слобода

Здружението на новинарите на Македонија организираше дводневна обука на тема: „Практиката на Европскиот суд за човекови права и на Јавното обвинителство на Македонија со случаите за медиумската слобода“.

На обуката учествуваа новинари, адвокати и јавни обвинители кои имаа можност да чујат за практиката на ЕСЧП и на Јавното обвинителство на Република Македонија во врска со слободата на говорот, и тоа од страна на д-р Мирјана Лазарова-Трајковска – поранешен судија во ЕСЧП, Ивана Трајчева – јавен обвинител и Елизабета Недановска – самостоен јавнообвинителски советник за односи со јавноста, а со тоа и да ја подобрат меѓусебната соработка.

Според ЗНМ, овој вид обуки помагаат да се подобри соработката меѓу новинарите и Јавното обвинителство преку разгледување на предмети поврзани со слободата на говорот во Европскиот суд за човекови права. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, се обрати пред учесниците на обуката и истакна дека само добро обучени новинари, информирани за своите права и одговорности, можат професионално да ја вршат новинарската професија.

Во однос на релациите меѓу новинарите и институциите, Селмани нагласи дека драстично треба да се промени практиката. „За жал досегашната практика не е добра. Кога се новинарите на обвинителна клупа, институциите се многу ефикасни во нивното казнување, дури поддржуваат и непоткрепени обвиненија. Кога се новинарите жртви, тогаш институциите воопшто не постапуваат или и кога постапуваат случаите на новинарите заглавуваат во полициско-обвинителските лавиринти“, истакна Селмани.

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, во обраќањето пред учесниците на обуката, нагласи дека одбраната на принципите содржани во Европската конвенција за човекови права секогаш треба да биде приоритет во работата и на двете професии, како на новинарите така и на правосудството, бидејќи врз нив се темелат европските вредности.

„Пред нас се исправува интернетот како нова форма на изразување и информирање, што е особено значајно во слободата на изразувањето, и затоа има потреба од новинари кои ќе ги извршуваат професионалните активности во согласност со етичките норми и кодекси. Секако тука е и потребата од соодветно однесување и на судиите, обвинителите, правниците, инаку стои ризикот таквото информирање да стане џунгла“, рече тој.

Претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер“ Давор Пашоски истакна дека Фондацијата е долгогодишен партнер на Здружението на новинарите на Македонија и најави дека во текот на оваа година очекува да се реализираат и други заеднички активности.Оваа обука беше организирана со помош на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Европската Унија и Француската амбасада во Македонија.

М.В