/ Прочитано:

3.748

Адвокати, судии, обвинители, нотари – кандидати за нов јавен обвинител

Aдвокатите Ѕвонко Давидовиќ, Александар Тортевски, Еленко Миланов, Тони Менковски, Арбен Гоља, Кирил Смичковски, поранешниот судија Валентин Зафировски, поранешниот обвинител Александар Наков, судијата Лазар Нанев, членот на Советот на јавните обвинители и заменик во Јавно обвинителство на РМ Љупчо Јовевски, обвинителката од организиран криминал Лидија Раиќевиќ, нотарката Лорија Ваневска, Сефула Османи и Крсте Кралевски, се меѓу  пријавените кандидати за нов јавен обвинител. Досега дваесетина кандидати за нов јавен обвинител ја доставиле  својата апликација до Собранието на Република Македонија.  Рокот за доставување на кандидатурите трае до денеска.

По завршувањето на овој рок и пријавувањето на кандидатите, Советот на јавните обвинители, по барање на Владата, во рок од 15 дена треба да достави образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите. Доколку Советот не даде мислење во рок од 15 дена, следуваат дополнителни 15 дена за мислење, по што, ако нема писмено известување, се смета дека мислењето е позитивно.

Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавните обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот.

Владата одлуката ја доставува до Собранието со што предлага избор на кандидат за јавен обвинител. Покрај одлуката, се доставува и мислењето на Советот на јавните обвинители. За именување на јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.

По предлог на Владата, Собранието на РМ на 17 август го разреши Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија. Во причините за разрешувањето, Владата наведе дека Зврлевски ја вршел функцијата незаконито, ненавремено и недоволно стручно. Со своето однесување и дејствување, според Владата, покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед.

Постапка за именување на јавниот обвинител на Република Македонија

М.В