/ Прочитано:

1.623

АДВОКАТИ: Судот мора да обезбеди услови за работа, КРИВИЧЕН СУД: Судот секогаш ги почитува законските права на странките

Адвокатите што работат на кривични предмети во Основниот суд Скопје 1 се согласни дека без обезбедување на основните услови за работа е многу тешко или невозможно да се одржи квалитетна главна расправа.

????????????????????????????????????

Просторните услови на Кривичниот суд во Скопје повторно се тема на дискусија, откако последните три рочишта за предметот „Дива Населба“ , во кој се обвинети 29 лица, се одржуваат во судницата бр. 1 која е премала за да ги собере сите обвинети, десетината адвокати, затворското обезбедување, судската полиција, како и дополнителните специјални полициски единици кои се ангажираат заради обезбедување на целосна безбедност за време на процесот.

Денеска адвокатите во случајот побараа одложување на процесот поради немање елементарни услови за работа и се заканија со бојкот на судењето сѐ додека не бидат обезбедени условите што ги бараат. Судот, пак, казни тројца адвокати, Насер Рауфи, Бујар Дардишта и Мефаил Арслани, со парична казна од 1 200 евра поради попречување на главната расправа и непочитување на Судот, а поради одложувањето на рочиштето двајца од нив ги задолжи да ги намират сите трошоци кои изнесуваат од 35 до 40 илјади евра.

Адвокатите што работат на кривични предмети во Основниот суд Скопје 1 се согласни дека без обезбедување на основните услови за работа е многу тешко или невозможно да се одржи квалитетна главна расправа.

Правото на обвинетиот да седи до својот адвокат е законски гарантирано. Тој има право да се консултира со својот бранител во текот на изнесувањето на одбраната, за време на вкрстеното испрашување на обвинетите или на сведоците, за што е потребно да седи до него. Во спротивно може да биде направена повреда на правото на одбрана на обвинетиот, смета адвокатот Дељо Кадиев.

Studenti 9

„Судот има можност да одржува главна расправа за големи предмети во салата на Врховниот суд или во Апелациониот суд, на која ќе бидат исполнети сите услови за работа. Судот треба да се приспособува и да ги обезбеди условите, особено кога знае за какви предмети станува збор“, вели Кадиев.

Според адвокатот Мирослав Вујиќ, кој бил многупати казнуван поради барањата за обезбедување услови за работа во предметите на кои работел, за ваквата состојба виновен е Судот, но и колегите адвокати.

„Кога нема услови за работа, ние, колегите, треба воопшто да не учествуваме на главната расправа. Казнувањето на колегите поради барање да се обезбедат елементарни услови е небулоза“, смета Вујиќ.

Според него, Судот не е подготвен за одржување големи процеси.

„Според мене, судот не е подготвен за ваквиот вид на судења. Салата на Врховниот суд исполнува стандарди за одржување на главна расправа, но продолжување на обемен процес во судница во која нема услови е чиста импровизација“, додава Вучиќ.

И адвокатот Трајче Китановски вели дека нему му е потребно да има клупа на која ќе може да ги остави сите списи од предметот, но и задолжително да седи до својот клиент.

Studenti 3

„Судот е должен, без разлика на тоа какви се условите, да ми ги обезбеди овие услови“, вели Китановски.

Од Кривичниот суд велат дека побарале од Врховниот суд да им биде дадена на користење големата сала за да се одржи главна расправа за случајот „Дива Населба“, но биле одбиени.

„Што се однесува до другите судења кои се од интерес за јавноста, секогаш се прават напори тие да се одржуваат во големата судница, доколку е слободна, сѐ со цел да се обезбедат соодветни услови за работа на Судот, како и можност за присуство на јавноста. Секако, освен на новинарите, речиси на секое судење за кое има интерес им се овозможува присуство и на претставници на ОБСЕ, на Хелсиншкиот комитет, на Коалицијата – Сите за правично судење и на други невладини организации“, велат од Судот.

Оттаму додаваат дека генерално не се создаваат посериозни проблеми при функционирањето и дека Судот во интерес на постапката и во интерес на странките во постапката ги обезбедува сите неопходни услови, во согласност со ЗКП, првенствено за текот на постапката, правата на обвинетите и одбраната, па потоа и за сите други прашања поврзани со функционирањето на Судот.

Марија Севриева