/ Прочитано:

4.007

Адвокатите бараат итно укинување на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Адвокатската комора на РМ (АКРМ), со финансиска поддршка на Амбасадата на САД, Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), во Куманово одржа обука на тема „Практични искуства од досегашната имплементација на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“.

На обуката на која учество зедоа адвокати од Адвокатската заедница Куманово,  адвокатите Синиша Станковиќ од Куманово и Фатмир Муса од Скопје, во улога на фацилитатори, говореа за нормативните аспекти на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната, но воедно го елаборираа и прашањето за примената на овој закон низ практиката на адвокатите и правосудството.

Во рамки на обуките беа спроведени и симулации на случај, по што низ дискусија беа акцентирани проблемите со кои адвокатите се соочуваат во реалноста при практичната примена на Законот.

Ставот на адвокатите е дека со Законот се губат индивидуализацијата на казната и слободното судиско убедување, дека се неоспорни неговата контрадикторност и неусогласеност со темелните вредности на Уставот, така што побараа негово итно укинување.

Обуките се спроведоа во рамки на проектот на Адвокатската комора на Република Македонија  „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната“, финансиран од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.

М.В