/ Прочитано:

5.395

Адвокатите дискутираа за досегашната примена на Законот за кривичната постапка

Практични искуства од досегашната имплементација на Законот за кривичната постапка беше темата на тркалезната маса која денеска се одржа во организација на Адвокатската комора на Република Македонија, Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите и Амбасадата на САД во Скопје.

Адвокатот Дељо Кадиев на самиот почеток истакна дека новиот Закон за кривична постапка предизвикал проблеми низ практиката, кои мора да се лоцираат и нагласат и во таа насока, да се понудат решенија за подобрување на Законот.

За Законот за кривичната постапка, посочи Кадиев, измени понудија не само адвокатите туку и јавните обвинители и судовите. Измените на Законот за кривичната постапка се подготвени и во нив оспорени се речиси 1/3 од постојните решенија кои треба да се изменат. Предложените измени се во насока на пронаоѓање модалитет на решенија кои ќе значат доследно почитување на човековите права и јуриспруденцијата на ЕСЧП.

Голем број одредби од Законот за кривичната постапка, беше истакнато на тркалезната маса, мора да се променат затоа што таквата измена ќе значи почитување на демократските принципи прифатени и промовирани од Советот на Европа, Европската Унија и Судот во Стразбур. Доколку тоа не биде така, беше подвлечено на настанот, земјата ќе се соочи со голем број жалби до Европскиот суд за човековите права, но и постоење на систем со тоталитарен кривичноправен систем.

Во таа насока, на тркалезната маса како проблематични се истакнаа прашањата кои се однесуваат на законското нормирање и примената на одредбите од ЗКП кои се однесуваат на истрагата и притворот. Според сегашното решение, подвлече адвокатот Кадиев, наредбата за истрага нема можност за судска проверка. Ваквото законско решение, образложи адвокатот, воведува арбитрарност од страна на јавните обвинители.

Адвокатот посочи дека решението, како и повеќето одредби од ЗКП, е преземено од Република Хрватска, но не во целост. Имено, како што појасни Кадиев, во Хрватска се задржа судската проверка на наредбата за спроведување на истрага, што пак воедно подразбира почитување на Директивата за правото на информирање на ЕУ и стандардите на Стразбур.

„Според хрватскиот закон, адвокатот има право да поднесе жалба на налогот за истрага. Ако нешто сме презеле, тогаш требало тоа да го преземеме докрај во однос на она што значи контрола на законитоста и заштита на правата“, нагласи Кадиев, додавајќи дека дури и во САД, според 5 амандман на Уставот, поротата треба да ги разгледа доказите пред обвинителот да покрене обвинение.

Адвокатката Павлина Зефиќ нагласи дека ЗКП не е усогласен во стандардите со Европскиот суд за човековите права. Голем дел од одредбите, истакна Зефиќ, се нејасни, недефинирани и противречни.

„Нашата улога е да се бориме и да ја зајакнеме нашата улога во правниот и правосудниот систем, а во насока на интересот и правата на нашите клиенти и воопшто на граѓаните во Република Македонија“, посочи адвокатката, која во своето излагање го потенцираше проблемот со притворот.

Проблематични се кратките рокови за жалбата против решенијата. Овие рокови, истакна адвокатката, не влегуваат во сферата на ефективен правен лек на кој упатува Европскиот суд за човековите права. Стразбур истакнува дека секогаш треба да се имаат предвид динамичната работа на адвокатите и можноста со така зададените кратки рокови да подготват квалитетна жалба против решенијата за притвор.

ЕСЧП, подвлече адвокатката Зефиќ, укажува дека домашните судови треба да ја ценат сложеноста на предметот. Рокот за жалба од 24 часа, нагласи Зефиќ, едноставно е невозможен за да се изјави жалба од аспект на квалитетна подготовка на одбраната.

На тркалезната маса, адвокатите истакнаа дека проблематично е и прашањето за укинувањето на мерката притвор. Незамисливо е, потенцираа адвокатите, одредено лице да биде во притвор, и покрај налогот за негово ослободување. Таквата практика е во директна спротивност со практиката на Европскиот суд за човековите права.

Според член 5 од Европската конвенција за заштита на човековите права, притворот мора рестриктивно да се применува, истакна адвокатот Дељо Кадиев. Арно ама, додаде адвокатот, се соочуваме со решенијата на ЗКП, па судиите на претходната постапка кои премногу круто постапуваат велат дека ги интересира само домашното законодавство, а не и Европската конвенција за заштита на човековите права која е над Законот за кривичната постапка.

Нашите судии, посочи адвокатот, изведуваат докази само што се определени во Законот за условите за притвор, без да изведат докази дали постои основано сомнение.

„За доказите за основано сомнение се наидува на ѕид. А што велат стандардите на Стразбур? Велат дека доказите треба да бидат предадени на одбраната и таа да се произнесе за нив“, истакна Кадиев.

Во таа насока, и адвокатката Зефиќ упати на практиката на ЕСЧП  за случаи кога бранителот не можел да го разгледа предметот и кога бил оневозможен да ги разгледа доказите за неговото утврдување на притворот.

Европскиот суд за човековите права, нагласи адвокатката Зефиќ, истакнува дека кривичната постапка мора да обезбеди еднаквост помеѓу страните. Ако еднаквоста не е обезбедена и ако одбраната не добие пристап до доказите за определување на притворот, не може да се говори за еднаквост на оружјата.

Зефиќ рече дека кај судиите мора да се подигне свеста за практиката на ЕСЧП, но и да им се укаже на проблемите на кои наидуваат адвокатите во однос на увидот во доказите како уредено, но недоследно регулирано прашање во Законот за кривичната постапка во контекст на заштита на правата на обвинетиот и неговата одбрана.

На тркалезната маса, адвокатите констатираа дека низ постапувањето на обвинителите, особено во поглед на увидот во доказите и списите забележуваат анимозитет на обвинителите кон одбраната, а и, како што подвлекоа, шареноликост на постапувањето на обвинителите и отежната комуникација со јавните обвинители.

Судиите треба да бидат свесни за ова и во конкретен предмет и случај да им наложат на јавните обвинители да ги предадат списите кои треба да бидат разгледани како доказ. Доколку одбраната нема увид во доказите, грубо се нарушува практиката на ЕСЧП и Европската конвенција за заштита на човековите права.

Адвокатите истакнаа дека проблематични се и решенијата во ЗКП во однос на ПИМ-мерките кои се спроведуваат од страна на јавниот обвинител како увид во остварени телефонски и други електронски комуникации бидејќи се во спротивност со член 17 од Уставот на РМ, во кој се гарантираат слобода и неповредливост на облиците на комуникација и можност да се отстапи од ова право исклучиво со судска наредба. Вакво ограничување, истакна адвокатката Павлина Зефиќ, предвидува и член 8 од Европската конвенција за човековите права.

На денешниот настан, адвокатите рекоа дека проблематична е и скратената постапка која наместо да биде придобивка, се претворила во проблем, а проблематична е и можноста за преквалификација на кривичното дело од страна на јавниот обвинител во текот на главната расправа.

Низ практиката, додадоа адвокатите, се соочуваме и со проблемот дали одбраната може да врши вештачење. Според Стразбур, беше констатирано на настанот, технички советник може да изготви мислење и тоа секако е во насока на правното сфаќање и на практиката на ЕСЧП, особено изразена со пресудата Стојменов против Република Македонија. Секогаш, посочи адвокатот Дељо Кадиев, адвокатите треба да ја користат оваа пресуда како аргументација и вештачење.

Адвокатите најдобро ги забележуваат слабостите бидејќи се ставени во нефер позиција, беше заклучено на настанот. Новиот ЗКП се покажа како лош експеримент во однос на одбраната и затоа се неопходни законски измени.
М.В