/ Прочитано:

3.288

АДВОКАТИТЕ И НОТАРИТЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ: Јавна расправа за Законот за нотаријатот

Денеска во рамки на 57-та седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, се одржа Јавна расправа по Предлог-законот за Нотаријатот. На седницата, пред пратениците, своите ставови за предложениот закон ги искажаа претставниците на Адвокатската комора на Република Македонија и претставниците на Нотарската Комора на Република Македонија.

akad 3

На денешната јавна расправа, правната сигурност на граѓаните беше централното прашање за кои се разви дебата помеѓу адвокатите, нотарите, претставниците на другите релевантни институции од областа на правосудството и стручната јавност.

На почетокот на седницата и јавната расправа, заменик-министерката за правда, Билјана Бришковска – Бошкоски елаборираше кои се придобивките од предложениот Закон, нагласувајќи дека законското решение е во функција и насока на зголемена правна сигурност на граѓаните. Бришковска, во контекст на правната сигурност, посебно се осврна на придобивките во делот на воведувањето на Академијата за нотари, стручниот испит, проверката на знаењата, поголемата ориентираност кон граѓаните,  учеството на адвокатите во постапките пред нотар и воедначувањето на примената на законите.

Правната сигурност, како цел на законот, беше потенцирана и од страна на претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски, кој имаше најобемно излагање на расправата. Додевски истакна дека иницијативата за новото законско решение,  во насока на зголемена правна сигурност, а во однос на присуството на адвокати во постапките пред нотар, на почетокот било поддржано од Нотарската комора, се до моментот, како што нагласи Додевски, кога се предложило дека нотарите трошоците ќе мора да ги делат со адвокатите, односно дека ќе се работи за идентични трошоци без дополнителни трошоци за граѓаните.

„Кога разговаравме со претседателката на Нотарската комора за присуството на адвокати во постапки пред нотар, таа одлично реагираше. Нападите започнаа кога Владата зазема став дека треба да има идентични трошоци“, рече Додевски, додавајќи дека не постои  ниеден противаргумент за идентичните трошоци, туку само напади и измислиени хајки.

akad 3

„Всушност нотарите се тие“, истакна Додевски, „кои од граѓаните наплаќаат без гаранција за правна сигурност“. Тој нагласи дека адвокатите биле подложени на агресивни напади од страна на Нотарската комора и дека голем број на лобисти имало на, како што подвлече, платниот список на Нотарската комора. Претседателот на АКРМ истакна дека борбата на нотарите е борба за профит, заснована врз постојано зголемување на нивните надлежности, на штета на адвокатска дејност што директно им наштетува на граѓаните и на нивната правна сигурност. Додевски потсети на случаите „Фиком“ и „Бачило“  кои во својата основа ги имале нотарските постапувања.

„Да имаше адвокати во овие случаи и немаше да се дојде до нив и немаше да има унесреќени сeмејства. Затоа е важно присуството на адвокатот. Но, денес нотарот е и судија и нотар, а јавна тајна е дека најголем извор на надриписарството се нотарите. Работите мора да се кажат со нивното вистинско име. Нотарите се писари, а писарите не се и не треба да бидат судии, ниту да изигруваат адвокати. 90% од приходите на нотарите се благодарение на одземените надлежности на адвокатите. И ние, како адвокати, нема да се бориме само за враќање на одземеното и за правната сигурност кај граѓаните, туку и за либерализација на бројот на нотари“, истакна Додевски.

Адвокатот Ефто Спироски во своето излагање рече дека нотарите реагираат тесноградо, без аргументи и во одбрана на своето „самоволно работење“.

akad 3

„Како струја да ги фатила ако некој влезе во нивниот систем. Нотарите во овие 20 години правеа што сакаа. Сум работел и како судија и сега како адвокат и тоа го тврдам. Има многу полуписмени нотари, колку пати само сме интервенирале во некои постапки. На нотарите им пречи што треба да се дели профитот“, рече Спироски.

Претседателката на Нотарската комора на Република Македонија, Зорица Пулејкова, во своето излагање рече дека нотаријатот во Македонија покажува извонредни резултати. Пулејкова е загрижена дека новиот закон ќе создаде хаос во нотаријатот. Таа потенцираше дека законот предвидува промени кои тешко дека ќе може да се применат, особено во делот на софтверот за електронско поврзување.

„Загрижена сум дека со ваквото законско решение ќе се создаде хаос во нотаријатот. Ние, како држава, имаме прифатено таков тип на нотаријат и законот е спротивен на принципите на латинскиот нотаријат. Државата на нотаријатот му пренела дел од својот суверенитет и не е јасна улогата на адвокатот тука, дали тоа значи дека адвокатот ќе го контролира нотарот?“, запраша Пулејкова.

Таа додаде дека не се согласува дека Македонија не мора да има латински нотаријат затоа што земјата го има прифатено континеталното право.  Претседателката на Нотарската Комора рече дека со Законот за нотаријатот му се ограничува правото на граѓанинот самиот да се застапува и за неа тоа е едно од поспорните решенија во законот.

akad 3

Според поранешниот претседател на Нотарската комора, нотарот Златко Николовски, предложениот закон е недоследен, проблематичен за правниот промет и неконсолидиран со законодавството и Уставот. Тој рече дека адвокатурата била „приватна служба“ и дека немала што да се меша во јавната служба на нотаријатот. Николовски истакна дека во праксата ќе имало чудни и нелогични ситуации кога давајќи пример дека „татко и син ќе мора во нотарска канцеларија да имаат адвокати кои ќе ги штитат еден од друг“.

Во таа насока, адвокатот Дарко Џорлев, рече дека токму во семејните имотно-правни односи се создавале потенцијални спорови и затоа присуството на адвокат значи правна сигурност, особено во постапките пред нотар. Џорлев рече дека смислата на законското решение е да ја обезбеди таа правна сигурност и дека правната помош во согласност со Уставот и законските прописи ја дава адвокатот и адвокатурата како јавна служба, негирајќи ги укажувањата дека таа е „приватна служба“.

Нотарот и поранешен пратеник и министер, Насер Зибери, рече дека им завидува на адвокатите што лавовски се борат, но, повикувајќи се на неговото пратеничко искуство, посочи дека законот во пракса нема да биде применлив и дека дел од неговите одредби се спротивни на Уставот. „Во услови на објективен Уставен суд“, рече Зибери, „уште при првата иницијатива овој закон би бил оспорен“. Зибери подвлече дека се наметнуваат многу строги критерими за нотарите, кои ги нема ниту за една професија и дека се кршат уставните определби за употребата на албанскиот јазик.

Адвокатот Боро Тасевски рече дека адвокатурата со децении наназад била маргинализирана, а таа е „слика за човековите права“ и од тие причини законот значи унапредување на заштитата на човековите права.

„Адвокатурата ги штити граѓаните во првите борбени редови. И затоа ratio legis на овој закон е заштитата на човековите права!“, нагласи Тасевски.

За адвокатот Мерџан Даути нотарите воспоставиле монопол и покрај тоа што имале бројни недоследности во нивното работење, додека пак за адвокатот Бесим Реџепи, од законот најмногу корист ќе имаат граѓаните.

„Не е точно дек овој закон е на штета на граѓаните. Не може нотарите да бидат тие кои ќе советуваат, јасни се уставните определби и зошто е спорно присуство на адвокат кога нотарите се тие кои се однесуваат како судии. И присуството на адвокат во суд значи ли одземање на надлежноста на судот?“, нагласи Даути.

akad 3

Професорот д-р Аресен Јаневски даде историски осврт на законодавството за нотаријатот и оцени дека легитимно е правото на адвокатите да се борат за своите надлежности, но дека не треба законските решенија за таа цел да бидат неусогласени со другите закони, како на пример со Законот за парничната постапка.

„Никој не смее да го спори правото на адвокатите да бидат полномошноци, но мора да се почитува волјата на поединецот и начелото на диспозиција, затоа што тоа е неотуѓиво и природно право“, рече Јаневски.

Во врска со усогласеноста со другите закони, адвокатите дебатираа дека и тие би можеле да бидат предмет на промена, а во функција на заголема правна сигурност. Адвокатот Дељо Кадиев подвлече дека присуството на адвокати во постапки пред нотар е позитивна промена, која го следи и конвенциското право за унапредување на заштитата на човековите права. Кадиев додаде дека „двајаца правници подобро размислуваат од еден“, а се со цел да се оствари интересот и правата на граѓанините, кои за исти трошоци, добиваат зголемена правна заштита во нотарските постапки кадешто досега целокупната процедура беше препуштена само на нотарот.

Присутните позитивно ја оценија јавната расправа, коментирајќи дека од суштинско значење е што за овие битни прашања од Законот за нотаријатот, адвокатите и нотарите можеа во законодавниот дом да ги соочат своите аргументи и ставови.

АДВОКАТСКАТА КОМОРА ЗА НОВИНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Во интерес на граѓаните, зголемена правна заштита за идентични трошоци

ПРЕДЛОЖЕН Е ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ : „Присуство на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување на нотарски и изготвување на приватни исправи“

М.В / veljanoskim@akademik.mk