/ Прочитано:

12.919

Адвокатите на средбата на „Јустинијан Први“ дискутираа за проблемите и побараа уважување на нивните барања

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ адвокатите имаа собир на кој се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат, особено во постапката за Предлог-законот за измени на Законот за нотаријатот, и за барањата од членството на АКРМ до Управниот одбор на Комората.

Поддржувајќи ги напорите на АКРМ, адвокатите побараа да се стопира правната постапка на Предлог-законот и да се слушнат и да се уважат барањата на адвокатите. Доколку Владата не го слушне и не го уважи барањето на адвокатите, тогаш тие ќе стапат во штрајк.

„Адвокатите всушност бараат од Владата на РМ стопирање на Предлог-законот за нотаријатот, со кој им се одземаат низа ингеренции на адвокатите, а им се даваат поголеми права на нотарите. Овој предлог-закон е од Министерството за правда. Во текстот на измените кои се однесуваат на Законот за нотаријатот се предвидува адвокатите да се исклучат од сите постапки пред нотарот. Тоа е решение кое не беше ефикасно, па се смени со стапувањето на сега постоечкото законско решение од 1 јануари 2017 година“, истакнаа адвокатите.

Нагласувајќи ги заложбите на претседателот на АКРМ, Никола Додевски, кој јасно застана во одбрана на своите колеги, на средбата  во врска со спорните законски измени адвокатите истакнаа дека и Уставниот суд потврдил дека присуството на адвокат во нотарските постапки е во интерес на правната сигурност и на граѓаните.

Адвокатите сметаат дека измените на Законот за нотаријатот треба да се донесат заедно со соодветни измени и на законите за адвокатура и за парничната постапка за да не дојде до нивна колизија.

„Никогаш досега не сме биле олку сплотени во оваа битка, која веруваме дека ќе ја добиеме“, нагласија адвокатите на средбата.

Тие ги поздравија заложбите и обидите на премиерот да се смири ситуацијата, но неговата изјава дека и нотарите и адвокатите се делумно во право ја оценија како компромисно решение кое не содејствува во конкретниот случај бидејќи во правото или во судењата едната страна добива, а другата губи, а со овие предложени законски измени ќе изгубат и граѓаните и правната сигурност.

Во понеделник продолжува работниот состанок во Владата за законските измени за нотаријатот

Адвокатите бараат реформи на сите прописи кои ѝ штетат на адвокатурата, во спротивно највуваат штрајк

М.В