/ Прочитано:

2.047

Адвокатите од Битола го одбележаа Денот на македонската адвокатура

 

Традиционално, а оваа година и симболично во помал број поради општите состојби со пандемијата, Адвокатската заедница Битола го одбележа 16 јуни – Денот на македонската адвокатура. На овој ден во 1945 година, Министерскиот совет на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на тогашниот министер за правосудството д-р Павел Шатев, ја создаде Скопската адвокатска комора со надлежност за територијата на Федерална Македонија.

Во списокот на адвокати запишани во Адвокатскиот именик од 1945 и 1946 година, од вкупно 38 адвокати во Македонија, десетмина се адвокати од Битола. Тоа значи дека една четвртина од вкупниот број адвокати во државава биле адвокати во Битола.

 

Оваа година се одбележува редок јубилеј – 75 години од формирањето на Адвокатската комора.

„Овој повод, кој не смее да остане незабележан, адвокатите од Битола го одбележаа преку полагање на свежо цвеќе пред бистите на адвокатските приправници и учесници во НОБ, Никола Тодоровски – Коле Канински (1914-1944) и Јосиф Христовски-Ѕвончаро (1914-1942), лоцирани пред зградата на Апелациониот суд Битола, кои во 1980 година Адвокатската комората му ги подари на градот Битола.

 

Поклонувајќи се пред бистите на првоборците, се поклонуваме на нивната жртва да ги подарат животите за нашата слобода, со што ни овозможија во самостојна и слободна држава да ги оствариме идеалите за правда, еднаквост и правичност. Поклонувајќи се на нивните бисти им оддаваме почит и на сите адвокати кои се поклонувале пред нив, а кои за жал не се повеќе помеѓу нас, изразувајќи восхит за нивното дело, посветеност и резултати во активностите за развој на адвокатурата. Тие го подариле своето знаење и голем дел од своето време за општото добро.

 

И едните (првоборците) и другите (доајените на адвокатурата) имаа една цел – совесно, стручно и професионално извршување на работните обврски на адвокатот и на секоја друга професија, без да има простор за манипулации, интриги и шпекулации.

 

Ехото од нивниот повик сè уште се слуша, но често и се заборава. Од тоа колку ќе се придржуваме кон нивните идеали, кои тие во своето практикување ги применуваа како основни принципи, зависи дали некои идни генерации ќе се сетат и на нас и во кој контекст ќе нè споменуваат“, истакна претседателот на АЗ Битола, Никола Главинче.

Адвокатите од Битола го одбележаа Денот на македонската адвокатура

М.В