/ Прочитано:

1.372

Адвокатите од „Дива Населба“ ги добиле решенијата за казните и ги обжалиле пред Апелација

Казната од 1 200 евра се однесува на адвокатите Насер Рауфи, Бујар Дардхишта и Мефаил Арслани, додека Рауфи и Дардхишта беа задолжени да ги покријат трошоците за организирање на целата главна расправа, кои изнесуваат околу 40 илјади евра.

Прво рочиште за Дива населба, надвор

Адвокатите кои ги застапуваат обвинетите во случајот „Диба Населба“ ги добиле решенијата со кои претседавачот со Судскиот совет во случајот, судијката Верка Петковска, ги казни со 1 200 евра.

Казната од 1 200 евра се однесува на адвокатите Насер Рауфи, Бујар Дардхишта и Мефаил Арслани, додека Рауфи и Дардхишта беа задолжени да ги покријат трошоците за организирање на целата главна расправа, кои изнесуваат околу 40 илјади евра.

„Решенијата ги добивме и ги обжаливме пред Апелациониот суд и очекуваме дека тој ќе ги повлече решенијата“, изјави адвокатот Мефаил Арслани.

Тој вели дека денеска дошле на рочиштето, и покрај најавениот бојкот, и одлучиле дека нема да го попречуваат судењето ниту, пак, дополнително да го пролонгираат судскиот процес. Сепак, Арслани вели дека остануваат на своите ставови дека во Судот нема услови за нормално одвивање на судскиот процес бидејќи станува збор за поспецифичен предмет, со поголем број на обвинети и во моментов не биле исполнети основните услови за негово одржување.

„Нашето барање го поддржа и Кривичниот суд, кој побара од претседателот на Врховниот суд и од Министерството за правда да обезбедат поголема сала, што значи дека Судот е свесен за проблемот што го имаме и за нашите барања и дека нема услови за одржување на рочиштето во оваа сала“, рече Арслани.

Според Законот, адвокати од случајот „Дива Населба“ добија највисоки казни.

„Судот ќе го казни со парична казна од 200 до 1 200 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навреди судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува судот пред кој е дадена изјавата, а ако тоа е сторено во поднесокот, судот што треба да одлучи за поднесокот“, стои во членот 88, став 1 од Законот за кривична постапка. Против решението за казната е дозволена жалба до повисокиот суд, стои во Законот.

Кога судот ќе казни адвокат кој го нарушува редот, ќе ја извести за тоа Адвокатската комора на Република Македонија, се наведува во Законот

Од Комората велат дека немаат добиено известување од Основниот суд Скопје 1 Скопје за казните поврзани со тројцата адвокати од случајот „Дива Населба“.

М.С.

(ОБНОВЕНО) Тројца адвокати во случајот „Дива населба“ казнети по 1 200 евра, двајца од нив треба да ги покријат и трошоците за денешната постапка

АДВОКАТИ: Судот мора да обезбеди услови за работа, КРИВИЧЕН СУД: Судот секогаш ги почитува законските права на странките