/ Прочитано:

827

Aдвокатите бараат од Адвокатската комора да почне да ги штити нивните интереси и да донесе одлука за бојкот на Законoт за адвокатски маркички

Петок, 11 јануари 2013 – Не стивнуваат реакциите на дел од адвокатската фела околу Законот за адвокатски маркички чија примена стартуваше на 1 јануари годинава. Бараат од Адвокатската комора на Македонија да преземе мерки за времено стопирање на законот и да донесе препорака за преземање само на неопходните, итни предмети се до одлуката на Уставниот суд за оценување на уставноста на истиот. Сметаат дека вонредното собрание кое Комората го закажа за 16.02.2013 година е премногу доцна за да се разгледува закон кој веќе стапил на сила и предизвикал хаос меѓу адвокатите.  Од Основниот суд Скопје 2 и Управата за јавни приходи (УЈП) не се сложуваат дека законот е спорен и уверуваат дека маркичката е ефикасен начин за плаќањето на персоналниот данок на адвокатите поединци. 

Претставници на адвокатите од сите подрачја на земјава денеска ја поднесоа иницијативата со која се бара од Адвокатската комора итно да се разгледа Законот за адвокатски маркички и да се донесе одлука за бојкотирање на овој закон, а во меѓувреме да се разглеуваат само итните предмети.

Адвокатот Димитар Панчевски од Иницијативниот одбор смета дека законот е спротивен на Уставот, Законот за адвокатурата и претставува директен упад во самостојноста и независноста на адвокатурата.

„Примената на Законот стартуваше на 1-ви јануари годинава, истиот само предизвика хаос меѓу адвокатите. Не смееше да се дозволи да биде донесен бидејќи со него директно се врши упад во самостојноста и независноста на адвокатурата која претставува уставна категорија. Целта на изразување на ваков јавен протест кон Адвокатската комора е да се укаже дека Комората е формирана да ги штити интересите на фелата и затоа е должна да донесе одлука за бојкот на овој закон најдоцна до вторник. Под превезот дека со овој закон сака да се донесе ред во финансиското работење на адвокатите, автоматски тие се обврзани да го изложуваат јавно пред органите предметот на своето работење, односно кој им е странка и зошто работат. Тоа е спротивно на Законот за адвокатура“, вели адвокатот Панчевски.

Пред само три дена  Велес беше збирно место на адвокати од целата земја. Претставниците на адвокатските заедници од сите подрачја вклучувајќи ги и двете скопски заедници по неколкучасовната средба со претставниците од Адвокатската комора, одлучија да не штрајкуваат, а Адвокатската комора да ја преземе во раце работата и да ја реши ситуацијата со Законот за адвокатските маркички.

За разлика од оние кои сметаат дека Законот за адвокатски маркички е спорен, генералниот став на судиите од Основниот суд Скопје 2, но и на УЈП е  дека законот се спроведува и нема ништо спорно во истиот, уверуваат дека маркичката е ефикасен начин за плаќањето на персоналниот данок на адвокатите поединци. 

>> Адвокатската маркичка ги обедини адвокатите од целата земја, сложни бараат измени во Законот за адвокатски маркички