Адвокатите се обучуваа за слободата на изразување со примери од практиката на EСЧП
На 19 и 20 април во Охрид, во рамки на соработката на Адвокатска комора на Република Македонија со Советот на Европа под проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX), се одржа обука на тема: „Ограничување на слободата на изразување: граница помеѓу слободата на изразување и говорот на омраза со примери од практиката на EСЧП“.
Со поздравен говор, претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, ја отвори обуката и го истакна значењето на соработката на Адвокатската комора на РМ со Советот на Европа. Придобивките од овој проект, како што истакна претседателот Додевски, ќе бидат долгорочни не само за адвокатите кои ќе бидат обучени, туку и за Адвокатската комора како професионална организација во однос на зајакнување и проширување на капацитетите за продолжување на правното образование на адвокатите.
Предавачи на обуката беа Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права и Марко Андонов, професор и декан на Факултетот за правни науки при Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје.
Во рамки на обуката учесниците, адвокати од повеќе градови од Македонија, преку спроведување на практични вежби се здобија со знаења како да ги спроведуваат стандардите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пред националните судови во однос на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, но и пред самиот ЕСЧП. Проектот се спроведува со финансиска поддршка на Советот на Европа.
М.В