/ Прочитано:

2.324

Адвокатите Стојкоски и Ќатоски пред Уставниот суд оспорија одредби од Законот за даночна постапка

Адвокатската канцеларија на адвокат Владимир Стојкоски и адвокат Глигорие Ќатоски од Струга поднесе предлог за оценување на уставноста и законитоста на одредби од Законот за даночна постапка.

„Поднесовме предлог за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка („Сл. весник на Р. Македонија“ бр. 187 од 30.12.2013 година), односно чл. 35-а од пречистениот текст на Законот за даночна постапка до Уставниот суд на РМ. Овој спорен пропис е предвиден со измени на Законот за даночна постапка од 30.12.2013 година, а влегува во сила на ден 07.01.2014 година и важи сè до денес. Оспорениот член е во колизија со чл. 21, 27 и 172 од Законот за трговските друштва (Сл. весник на Р. Македонија бр. 28 од 30.04.2004 година кој влегол во сила на ден 08.05.2004 година. Членовите 21, 27 и 172 од Законот за трговските друштва се во правна сила и до денешен ден.

Согласно овие одредби имотот создаден со вложувања во трговското друштво се изразува во пари и ја претставува основната главнина на друштвото. Правата и обврските што содружникот ги стекнува врз основа на влогот во основната главнина на трговското друштво се негов удел во друштвото, трговското друштво одговара за своите обврски со сиот свој имот, а основната главнина на друштвото не може да биде помала од 5.000,00 евра во денарска противвредност“, посочуваат од адвокатската канцеларија во иницијативата до Уставниот суд.

Оспорениот член, додаваат адвокатите Стојкоски и Ќатоски, е спротивен со веќе важечките одредби од Законот за трговски друштва кои ја уредуваат одговорноста на правните субјекти ако се земе во предвид дека оспорениот член е донесен со измени на Законот за даночна постапка од 30.12.2013 година, а влегува во сила на ден 07.01.2014 година, а одредбите од Законот за трговски друштва се донесени со Законот за трговските друштва (Сл. весник на Р. Македонија бр. 28 од 30.04.2004 година кој влегол во сила на ден 08.05.2004 година).

„Со донесување на спорниот член најдиректно се прекршува правото на граѓаните на Р. Македонија определено со чл. 55 од Уставот на Р. Македонија со којшто се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а ваквата слобода може да биде ограничена со закон само доколку се работи за одбрана на државата зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Ограничувањето на слободата на пазарот и претприемништвото е во тоа што со оспорениот член е предвидена одговорност за лицето кое со своите одлуки влијаело врз стопанските активности на даночниот должник, од кои произлегол даночниот долг со сиот свој имот, а согласно Законот за трговски друштва трговското друштво и содружникот во истото одговара согласно имотот на друштвото, односно уделот во основачкиот влог. Видно од содржината на оспорената одредба може да се заклучи дека нејзиното донесување и спроведување во сила не е донесено заради одбрана на државата или зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето“, се посочува во иницијативата на адвокатите.

„Со донесување на спорниот член повредена е и еднаквоста на сите субјекти на пазарот. За обврските на друштвото према приватните субјекти во претприемништвото важи Законот за трговски друштва и тоа во обем колку што е имотот на друштвото, односно уделот што содружникот го поседува во основната главнина на друштвото. Од друга страна, за обврските на друштвото према државата во поглед на даноците важи Законот за даночна постапка каде е предвидена одговорност на друштвото, односно лицето кои управувало со друштвото со сиот свој имот“, додаваат адвокатите Владимир Стојкоски и Глигорие Ќатоски.

М.В