/ Прочитано:

881

Адвокатите збунети за адвокатските маркички, УЈП уверува – најдовме начин адвокатите да плаќаат персонален данок

Четврток, 3 јануари 2013 – Со години се зборува за фискализацијата на адвокатите, а пред самиот праг на имплементирање избија реакции околу начинот на фискализацијата на адвокатите поединци односно адвокатската маркичка. Адвокатската јавност збунета за маркичките, а од Управата за јавни приходи (УЈП) уверуваат дека маркичката е ефикасен начин за плаќањето на персоналниот данок на адвокатите. 

Втор ден како поднесоците до судовите кои ги поднесуваат адвокатите поединци треба да одат заедно и со адвокатската маркичка за која со месеци се зборува дека е смислен начин како адвокатите да си ги платат давачките на државата, а истовремено и државата да има увид во нивното финансиско работење. До 30 декември 2012 година до УЈП не е пристигната ниту една пријава од страна на адвокатите за да подигнат адвокатски маркички, но за овие неколку дена сепак во граѓанскиот суд во Скопје пристигнале првите поднесоци со маркички. Освен тоа што судовите нема да ги прифаќаат поднесоците на адвокатите поединци, според Законот за адвокатска маркичка, доколку ја нема истата на поднесокот, поединецот може да заработи и казна до 5000 евра.

Од УЈП ги негираат шпекулациите дека не се спремни за маркичките. Појаснуваат дека во целост се подготвени за имплементација на адвокатските маркички од 1 јануари 2013 година. Обрасците за адвокатски маркички веќе ги објавиле на веб страницата на УЈП. Таму може да се најдат двата типа на адвокатски маркички кои се испечатени, а информираат дека истите  можат да се подигнат од даночните канцеларии на УЈП. Оттаму велат дека адвокатската маркичка не е донесена преку ноќ туку таа претставува решение кое се барало подолго време, а за одлуката придонеле и дел експерти од правната сфера.

Освен гласините дека УЈП технички не се спремни, па нема од каде да се подигнат маркичките, адвокатите се поделија околу правилноста на маркичките. За едни, овој начин е неправилен, за други значи чиста сметка со УЈП.

За битолскиот адвокат Видан Анѓелковски, адвокатската маркичка значи ред во работењето на адвокатите и чиста сметка со УЈП, но се жали на коморската маркичка која според него значи двојна давачка спрема Адвокатската комора затоа што адвокатите плаќаат и членарина.

– „Јас сум за ред во секоја сфера, па и во нашата, но ред што ќе ја олесни работата, а не да ја отежни. Преку адвокатската маркичка сѐ ми е платено, пензиско, здравствено, имам чиста сметка со УЈП. Мислам дека за сите колеги ова е прифатливо решение, но сум против коморската маркичка. Не ми е јасно што ќе и се на Адвокатската комора  толку пари, наплаќа и членарина и коморска маркичка“вели Анѓеловски.

Дел од адвокатите пак здружени ја подржаа иницијативата на пензионираниот правник Стамен Филипов со која се бара укинување на овој правен акт бидејќи за нив е спорна и самата реализација на овој закон. Адвокатот Ана Панчевска вели дека Законот за адвокатски маркички ги удира најмногу оние адвокати кои плаќаат во готовина.

„Законот е нејасен, нерегулиран, непрецизен, не е дел од ниту еден друг закон. Ова можеше да се реши поинаку на многу поедноставен начин со фискален апарат“, вели адвокат Панчевска.

Со иницијативата се оспоруваат членовите 1, 2, 3, 4, 6, 7, 9, 11, 12, 13 и 14 од Законот за адвокатски маркички. Дел од адвокатите сметаат дека пропишаните одредби се неодржливи од уставно правен аспект. Во моментов иницијативата е во втора фаза на разгледување во Уставниот суд на РМ.