/ Прочитано:

1.316

Адвокатот и новинарот – судир на два екстрема со обострана корист

Ни се водат, ни се тераат. Мал е бројот на професиите што одат од крајност во крајност како што се адвокатот и новинарот. На едната страна е новинарот – кој ќе стори сè за да добие ексклузивни информации. На другата, пак, адвокатот – кој сака да го држи светот под контрола. Правникот нема доверба во новинарите од страв да не биде погрешно цитиран, да не направат сензација од неговата изјава или, не дај Боже, да не му го упростат сложениот исказ. Секоја одлука за вклучување на медиумите во работното секојдневие треба да произлезе од калкулација со бивалентен напон: името на адвокатот да се пробие во јавноста додека се пренесува позитивна слика за клиентот. Односот помеѓу адвокатот и новинарот, штом фати корен, е симбиоза со обострана корист: адвокатот треба да го поттикнува развојот на оваа биолошка посебност сè додека не ја доведе до цутење.

Нема многу професии што на прв поглед се чинат толку противречни како што се адвокатот и новинарот. Двајцата наидуваат еден на друг со најголема претпазливост. Ситуацијата е необично драматична: на едната страна е новинарот, којшто упорно се обидува да извлече колку што е можно повеќе ексклузивни информации од адвокатот – сака детали, пикантерии, факти, процени, тајни документи. Со други зборови, ќе стори сè за да ги добие информациите што ги бара. На другата страна седи адвокатот: збунет доколку претходно немал какво било искуство со новинарите или арогантен ако веќе стекнал искуство, па се обидува да ја скрие својата збунетост. Причината е една и единствена: адвокатот нема доверба во новинарот од страв дека ќе биде цитиран погрешно, се плаши да не направат сензација од неговата изјава или – уште полошо за адвокатската самосвест – да не му го упростат сложениот исказ.

Адвокатот сака да го држи светот под контрола. Тој живее во сенката на законите, под превезот на веќе утврдени формулации и во строго уредени структури – во опкружувањето на правникот речиси и нема место за импровизации. Играта во стварноста, сепак, е далеку од едноставна: адвокатот знае што сака новинарот од него и свесен е дека не смее секогаш да игра со отворени карти, дека не треба да ги сервира на маса сите расположливи информации. Од друга страна, пак, јасно му е и тоа дека новинарот може да му помогне во унапредувањето на адвокатската дејност.  Со новинарска помош не само што неговото име ќе се пробие низ медиумските канали, туку добива и шанса да го прикаже случајот што го води од свој гледен агол и да создаде позитивна слика за клиентот што го застапува. Сепак, во најголемиот број случаи, адвокатот мора да плати скапа цена за поддршката на новинарот, а таа се мери единствено во ексклузивни информации.

Еден од најважните предуслови за соработката помеѓу адвокатот и новинарот е доброто познавање на процесите во медиумскиот свет. Оној што не развил доволно силен „инстинкт“ за препознавање и за проценување на медиумските пројави треба да се држи настрана или да се советува со професионалци упатени во односите со јавноста. Од една страна, кај мнозина адвокати владее убедувањето дека оној што умее самоуверено и речито да настапи пред судот може да биде еднакво добар и во односот со медиумите. Од друга, пак, на многу наврати адвокатот настојува да ги избегне медиумите само зашто е уверен дека „ни се водат, ни се тераат“. Без оглед на тоа што се претпочита, отвореноста кон медиумите зависи во голема мера од природата на судскиот случај што се води. Секоја одлука за информирање на јавноста треба да се заснова на трезна калкулација што ќе даде резултати во полза и на адвокатот и на клиентот.

Категоричното отфрлање на каква било соработка со медиумите може да биде еднакво лоша како и практиката пречесто да се допушта нивното вмешување. Сликовит е приказот на уредникот на рубриките за право и за економија при германскиот дневник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Јоахим Хан: односот помеѓу адвокатот и новинарот, штом фати корен, е симбиоза со обострана корист. Адвокатот треба да го поттикне развојот на оваа биолошка посебност и да ја доведе до цутење. Сепак, заемното дејствување не смее да биде форсирано до степен на злоупотреба, како што покажуваат примери на одредени носители на германскиот печат. Имено, тие редовно добивале пристап до обвинителни акти од страна на адвокати ако претходно гарантирале дека ќе ги ословуваат како „ѕвезди“ во адвокатурата. Таквите практики се одамна навлезени во сраснатото ткиво на правосудството и медиумите, но уште толку почесто  отвораат нови рани.

Сред развојот на новото медиумско опкружување, во кое „старите“ и „новите“ медиуми сè посилно се преплетуваат, јавниот дискурс бара вештини на добро управување. Комуницирањето на правните работи добива сè поголема тежина во одржувањето на адвокатското реноме: поразот или победата во судницата се само почеток на приказната. Нивниот одек во јавниот простор ги става името и презимето на испит со далекосежни последици. Оттаму, неопходна е урамнотежена соработка со претставници на повеќе канали, како од традиционалните медиумски куќи, така и од сферата на интернетот. Наоѓањето „златна“ средина може ќе се наметне како тешко совладлив предизвик, но оној што тежнее кон таа цел, знае дека сите – од обвинетиот, преку адвокатот и обвинителот, сè до судијата – се интересираат за медиумите. На крајот на краиштата, Јустиција има превез на очите за да може да суди правично, но никој сè уште не ја видел со затнати уши!


Автор: Далибор Стајиќ Според Holzinger, Stephen/Wolff, Uwe (2009): Im Namen der Öffentlichkeit. Wiesbaden: Gabler.