Адвокатот Ќатоски ги оспори законските одредби за апанажата на функционерите пред Уставниот суд
Адвокатот Глигорие Ќатоски поднесе предлог за оценување на уставноста и законитоста на одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија или т.н. Закон за апанажа.
При разгледувањето на член 19 од пречистениот текст на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, вели Ќатоски, го имавме во предвид член 51 од Уставот на Република Македонија во кој се утврдува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Овој спорен пропис е предвиден со член 1 од Закон за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија објавен во Службен весник на Р.М. бр.97 од 20.07.2010 година и важи се до денес.
„Оспорениот член е во колизија со член 105 и 106 од Законот за работни односи. Согласно овие одредби работникот има правно на заработувачка – плата. Плаќањето на РАБОТАТА (во овој контекст се воспоставува двонасочна правна врска помеѓу платата, како заработувачка и извршената работа врз основа на која се стекнува правото на плата) мора секогаш да биде во парична форма. Согласно чл.106, ст.1 од ЗРО основната плата се определува ЗЕМАЈЌИ ГИ ВО ПРЕДВИД БАРАЊАТА НА РАБОТНОТО МЕСТО. Во конкретниот случај може да заклучиме дека Законот за работни односи претставува генерален закон (lex specialis) од областа на работни односи во однос на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Р.Македонија. Доколку се изврши една детална и хронолошка анализа на претходно цитираните одредби од ЗРО може да се заклучи дека во законот е предвидена исплата на плата како вид на заработувачка на работникот, но за претходно извршена работа земајќи ги во предвид барањата на работното место. Со оспорената одредба се предвидува исплата на плата по завршување на работниот однос на функционерот, односно по прекин на работниот однос што е во директна колизија со член 105 и 106 од ЗРО.
Оспорениот член е спротивен на член 113 од ЗРО. Имено, член 113 од ЗРО нумерички го определува надоместокот на трошоците поврзани со работата. Ако внимателно се анализира овој член со истиот не е предвидена исплата на надоместок како што тоа е предвидено со оспорениот член.
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот се определува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Според член 9 став 1 од Уставот: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“, при што „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на правниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и дека таа вредност се остварува, покрај другото, преку еднаквиот однос на државата кон граѓаните независно, меѓу другото, од нивната општествена положба.
Носителите на законодавната и извршната функција имаат различен општествен статус споредено со останатите работници во државата. Спротивно на член 9 став 1 од Уставот, носителите на законодавната и извршна функција воопшто не се еднакви во слободите и правата во споредба со другите работници во државата, ова од причина што со оспорениот член предвидено е на носителите на законодавната и извршна функција да им се исплаќа плата и по завршување на нивниот работен однос во органот во кој биле именувани.
Во конкретниот случај сметаме дека со оспорениот член сторена е повреда на начелото на владеење на правото од чл.8, ст.1, алл.3 од Уставот. Владеењето на правото како начело кое е втемелено како вредност во нашиот Устав е составено од неколку приниципи. Принципот на еднаквост пред законот во конкретниот случај е целосно занемарен. За каква еднаквост пред законот може да стане збор кога во еден правен поредок едни (носителите на законодавна и извршна функција) имаат право на исплата на плата и по завршување на нивниот работен ангажман, а други (обичниот работник) такво право немаат. Принципот на правничност во примена на законот исто така е занемарен. Во овој контекст особоено би сакале да го истакнеме фактот дека Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија како специјален закон (lex specialis) правично не се применува во поглед на Законот за работни односи како генерален закон (lex generalis). Нееднаквоста на слободите и правата помеѓу граѓаните во нашата држава од различна општествена положба негативно влијае и на правната сигурност како принцип на начелото на владеење на правото. Правната сигурност како принцип подразбира еднаквост на примена на законот према сите работници во државата вклучувајќи и ги носителите на законодавни и извршни функции.
Покрај оспорениот член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија ги оспоруваме и член 20, 21, 22, 23, 24 и 25 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија како члениови кои дополнително го доуредуваат член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија“, се наведува во Предлогот.
М.В