/Прочитано:

1.314

Адвокатот Кристофер Реј номиниран за нов директор на ФБИ

Американскиот претседател Доналд Трамп го номинираше адвокатот Кристофер Реј за нов директор на Федералното биро за истраги.

„Ќе го номинирам Кристофер А. Реј за нов директор на ФБИ, човек со беспрекорна биографија“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на „Твитер“.

Кристофер Реј е роден 1966 година во Њујорк. Завршил правни студии на Универзитетот Јејл. За време на студиите бил главен и одговорен уредник на „Јејл ло џурнал“.

Неговото работно искуство започнува во судството и адвокатурата, а извршувал и правосудни функции за време на администрацијата на Џорџ Буш, како дел од Обвинителството и Министерството за правда.

Во 2005 година адвокатот Реј се придружил на адвокатската фирма „King & Spalding LLP“ , каде што е и партнер. „King & Spalding LLP“ е реномирана американска адвокатска фирма со долгогодишно искуство.

Основана е во 1885 година во Атланта, Џорџија, а има свои канцеларии и во Остин, Шарлот, Хјустон, Њујорк, Сан Франциско, Силиконската Долина и Вашингтон. Фирмата има свои претставништа и во Лондон, Абу Даби, Франкфурт, Дубаи, Женева, Москва, Париз, Сингапур и Токио.

Федералното истражно биро, со кое треба да раководи адвокатот Кристофер Реј, е агенција во рамките на Министерството за правда на Соединетите Американски Држави и којашто функционира и како федерално тело за криминалистички истраги и разузнавање. Директорите на ФБИ ги номинира и назначува претседателот на САД, но за номинацијата треба да добијат потврда од Сенатот на САД.

М.В