/ Прочитано:

1.128

Адвокатот Мерџан Даути со соопштение до јавноста за повредите на принципот на владеење на правото

Адвокатот Мерџан Даути со соопштение до јавноста за повредите на принципот на владеење на правото со кои се соочуваа како адвокат. Соопштението на адвокатот Даути го пренесуваме интегрално:

Почитувани,

Упатувајќи ви изрази на високо почитување, дозволете ми да ви обрнам внимание на повредите на принципот на владеење на правото со кои се соочувам како адвокат и бранител на обвинето лице во постапка која се води пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Најнапред би истакнал дека за Република Северна Македонија како држава кандидат за членство во ЕУ императив е да обезбеди целосно исполнување на Копенхашките критериуми како услов за полноправно членство во ЕУ. Меѓу другото, тоа подразбира постоење на институции кои ќе гарантираат владеење на правото, човековите права и правата на малцинствата или во случајот со РСМ – правата на заедниците. Причината поради која се обраќам до вас е да алармирам на сериозните повреди на овие принципи од страна на претседателот на судечкиот совет за предметот КОК 53/17 при Основниот кривичен суд Скопје, судијата Ставрев, кој со своите постапки ми го ограничува правото на користење на албанскиот јазик како мој мајчин јазик за службена употреба во судската постапка, што е спротивно на Амандманот V од Уставот на РСМ и членот 9 од Законот за употреба на јазиците, кои имаат за последица загрозување на правото на одбрана (заштитено со членот 6 ст. 3 од Европската конвенција за човекови права) и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка.

Согласно член 51 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Дозволете ми во оваа прилика да цитирам дел од законите кои ми го даваат правото на користење на албанскиот јазик во судска постапка. Имено,

Согласно член 2 од Законот за судовите предвидено е дека:

  • Судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
  • Судиите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права.

Понатаму согласно член 8 од ЗКП е предвидено дека:

  • Во кривичната постапка службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
  • Друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо во постапката се користи во согласност со закон.

Во  член 9 од Законот за употреба на јазиците  е предвидено дека:

  • Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
  • Сите постапки од ставот (1) на овој член се водaт на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.
  • Сите одлуки, писмена и други акти кои произлегуваат од постапките од ставот (1) на овој член се донесуваат и издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.
  • Институциите наведени во ставот (1) на овој член се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат.
  • Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на постапката.

Понатаму, согласно член 23 ставови 4 и 5 од Законот за употреба на јазиците е предвидено дека:

  • Во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон.
  • Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби нa друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон.

Почитувани,

Имајќи ги предвид одредбите од Уставот на Република Северна Македонија и Законот за судовите, а особено одредбите од Законот за кривичната постапка, каде што е уредено дека друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо во постапката се користи во согласност со закон, морам да укажам дека законот на кој упатува ЗКП е Законот за употреба на јазиците, којшто е влезен во сила и во примена и кој дополнително уредува дека во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби нa друг закон, вo конкретниов случај ЗКП, органите вклучително и судовите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон.

Оттука, судот при примената на одредбите за користење на јазикот од Законот за кривичната постапка е должен да ги применува одредбите од Законот за употреба на јазиците.  Во оваа прилика сакам да истакнам дека со ниту еден пропис во Република Северна Македонија не се предвидува различен третман на примена или почитување на донесените закони од страна на Собранието на РСМ, ниту по мнозинството со кое се носат, ниту пак во однос на материјата/областа која ја уредуваат. Сите закони во РСМ имаат еднаква правна важност и задолжителност на примена. Оттука и Законот за употреба на јазиците е закон кој судот во конкретниов случај е должен да го применува, а не да се однесува како да не постои во правниот промет и да предизвикува настапување на штетни последици, како и повреда на правата на одбраната.

Во постапката КОК 53/17, согласно член 9 од Законот за употреба на јазиците, мене, како на бранител на едно од обвинетите лица, од страна на претседателот на судечкиот совет Ставрев ми е оневозможено да го користам мојот мајчин (албански) јазик кој го говорат најмалку 20% од граѓаните на РСМ, како службен јазик во кривичната постапката, и со тоа да постапувам во најдобар интерес на мојата странка и да ѝ овозможам ефикасна одбрана. Имено, во досегашните пет рочишта на кои сум ангажиран како бранител не ми е овозможено да  ги добијам на албански јазик сите писмена и други акти кои досега произлегле од постапката (со исклучок на обвинителниот акт), не ми е овозможен симултан превод на излагањата на рочиштата од главната расправа, ниту пак ми се доставени записниците од самите рочишта, иако ЗКП предвидува тоа да се направи најдоцна во рок од три дена. Судијата Ставрев не само што ми ги оневозможува наведените права, туку тренирајќи строгост, иницираше покренување на дисциплинска постапка против мене пред Адвокатската комора, а  притоа во неговиот допис воопшто не ги спомнува одредбите од Законот за употреба на јазиците.  Имено во конкретниов случај не станува збор дали јас го познавам или не македонскиот јазик, туку сакам да ги остварам моите права согласно Уставот и Законот. Исто така, во оваа прилика сакам да истакнам дека и покрај моите писмени поднесоци со кои укажувам на горенаведените повреди и барам да ми се овозможи користење на албанскиот јазик согласно Уставот и законите во Северна Република Македонија, судијата Ставрев свесно избегнува неговите одлуки за неовозможување на ова право да се нотираат во записникот од рочиштето, со што ми се оневозможува по нив да поднесам жалба и да преземам други правни дејствија.

На овој начин, преку негирање на правата кои како бранител ми се загарантирани со членот 9 од Законот за употреба на јазиците, се генерираат суштествени повреди на постапката, со што се остава простор за укинување на пресудата од страна на повисоките судови, односно се создаваат претпоставки ваквата пресуда да биде предмет на жалби пред Европскиот суд за човекови права поради повреди на правото на правично судење согласно член 6 ст. 3 од Европската конвенција за човекови права, предизвикувајќи несогледливи последици во однос на остварувањето на целите и функциите на судската власт, особено обезбедување на правна сигурност врз основа на владеење на правото.

Покрај повреда на правото на одбрана, ваквото постапување на посочениот судија, но и на Основниот кривичен суд во целина, не дава за право да се тврди дека Судот овозможува доследно спроведување на принципот на владеење на правото и заштита на човековите права, како резултат на што се загрозува исполнувањето на Копенхашките критериуми како conditio sine qua non на патот на РСМ за полноправно членство во Европската Унија. Инсистирањето по секоја цена да се заврши одредена судска постапка во најбрз можен рок не би смеело да се прави на сметка на правото на одбрана. Правото на соодветно време за подготовка на одбраната го штити обвинетиот од „судење набрзина“ и е контратежа на правото на судење во разумен рок од член 6 став 1 на Конвенцијата (Kröcher and Möller v. Switzerland, Одлука на Комисијата; Bonzi v. Switzerland, Одлука на Комисијата). Судот наведува дека иако е важно да се спроведува постапката доволно брзо, ова не треба да се прави на штета на процедуралните права на една од страните (OAO Neftyanaya Kompaniya Yukos v. Russia, § 540). Согласно судската пракса на ЕСЧП, судењето во разумен рок е релативна категорија и зависи од повеќе фактори, но овој рок не подразбира судењата да се одвиваат со голем интензитет и брзина на постапка, туку предвидува разумно време кое би било доволно брзо, но и доволно долго со цел да се овозможи адекватна подготовка на сите учесници во постапката.

Потврда за тенденцијата да се заврши оваа судска постапка час поскоро, на сметка на правата на обвинетите лица, претставува инсистирањето на претседателот на судечкиот совет да се одржи последното рочиште и покрај фактот што едно од обвинетите лица имаше оперативен зафат и имаше препорака од лекарот за мирување од десет дена. Инсистирањето на судијата да се одржи рочиштето и стражарно да се донесе обвинетото лице, кое беше оперирано, имаше за последица обвинетото лице да крвави на рочиштето и да не може ефикасно да учествува во својата одбрана.

Во оваа прилика, сакам да ве информирам дека во конкретниов предмет воопшто не може да стане збор за застареност бидејќи согласно позитивните законски прописи во РСМ застареност може да настапи дури во 2031 година.  Сепак, перцепцијата дека правосудните власти инсистираат на интензивирање на судските постапки по секоја цена може да се стекне и од писмото на министерката за правда Рената Дескоска, кое на 4.12.2019 година го испрати до претседателите на судовите, во кое имплицитно им укажа на судиите дека можат да бидат разрешени доколку не ги закажуваат доволно често рочиштата. Сепак, во овој предмет динамиката е повеќе од вообичаена и согласно извештаите на релевантни субјекти кои ги следат судските предмети е високо на скалата на одржани рочишта, а како пример ќе напоменам дека само во ноември месец имавме закажано шест рочишта.

Од овие причини, ве молам да ги примите на знаење овие повреди и согласно вашите надлежности да преземете чекори во нивно надминување.

Со почит,

адвокат

Мерџан Даути