/ Прочитано:

1.435

Aдвокатот на 5 осомничени од „Монструм“: Де јуре истрагата трае, де факто ништо не почнува

Петок, 27 јули 2012 – Истекува и третиот месец од апсењето на осомничените за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, а сè уште нема обвинение. Официјално истражната постапка е во тек, но засега нема најави кога осомничените ќе бидат обвинети за тероризам. Бидејќи и по 3 месеци сè уште осомничените не се обвинети, се јавува простор за скептицизам. Адвокатот на 5 од 6-те осомничени за тероризам, Насер Рауфи, се сомнева дека ќе се подигне обвинение и воопшто ќе има судски процес. 

Истрагата за акцијата „Монструм“ тапка во место, вели за Академик, адвокатот Насер Рауфи. Според него судот наоѓа изговори зошто истрагата сè уште не води кон обвинение. Од судот му кажале дека не им се вратени запленетите компјутери и материјалните докази кои им се дадени на експертиза, па затоа сè уште истите не се презентирани пред одбраната и осомничените. Адвокатот Рауфи е зачуден како не може да се направи вештачење за 90 дена, кога вообичаено тоа се случува за најмногу две недели.

Де јуре истрагата трае, де факто ништо не почнува, вака накратко ја објаснувам сегашната ситуација. Се сомневам дека воопшто ќе има обвинение, одолговлекувањето на истражната постапка го разбирам како немање докази против осомничените, а нарушена е и презумпцијата на невиност. Тоа дека не е готово вештачењето е нелогичен одговор и оправдување зошто сè уште нема обвинение“, вели адвокат Рауфи.

Рауфи е сигурен дека притворот ќе биде продолжен, а ако воопшто има судски процес ќе се одвива најрано наесен. Потсетуваме дека според ЗКП, за тешки кривични дела меѓу кое е и тероризам, притворот може да трае најмногу 180 дена од кога осомничените се уапсени. Закажаниот датум за главен претрес за кој дел медиумите објавија дека е на 3 август е нелогичен бидејќи се уште нема обвинение.

Во акцијата „Монструм“ на 1 мај годинава беа уапсени дваесетмина, а од нив само шестмина се осомничени за убиството кај Смиљковското езеро, додека тројца веќе се осудени за нелегално поседување на оружје. Од 6-те осомничени за тероризам, 4-ца се во притвор, а 2-ца во бегство. Притворените се сомничат за сооучесници, а осомничените кои се во бегство за директни сторители на петкратното убиство.