/ Прочитано:

2.624

Адвокатот Оливер Вуксановиќ – еден од шестемина адвокати иницијатори за измени на ЗКП

Иницијативата за измени на Законот за кривичната постапка ја поднесoвме јас и пет мои колеги пред месец и половина, вели за Академик адвокатот Оливер Вуксановиќ, еден од иницијаторите на измените на Законот за кривичната постапка кои денес беа предложени во Собранието на Република Македонија.

akad 4

Адвокатот Оливер Вуксановиќ истакнува дека Иницијативата за измените на Законот за кривичната постапка била мотивирана од она што самите адвокати како проблем го воочиле низ праксата, а тоа е недоволното време за подготовка на одбраната на осомничените во кривичната постапка.

„Ние инициравме продолжување на рокот за квалитетна подготовка на одбраната на осомничените и тоа од законски предвидените 15 дена на сега предложените 90 дена“, вели Вуксановиќ.

Тој појаснува дека со иницијативата која ја предложиле, од аспект на одбраната, сакале да се овозможи доследно законско почитување и применување на принципот на еднаквост на оружјата во кривичната постапка. Тоа е потребно, додава адвокатот, за подготовка на една правична одбрана.

Сепак, Вуксановиќ посочува дека нивниот предлог, кој се однесувал на делата за кои се води скратена постапка, не бил 90 туку 45 дена и додава дека во нивниот предлог не се предвидувало ретроактивно дејство за постапките започнати пред влегувањето во сила на овој закон.

„Од предложените законски измени кои ги погледнав денеска, во дел има разлики од она што ние го инициравме. Очигледно дека некој го доработувал предлогот. Но, и вака предложеното решение е добредојдено за бранителите и одбраната“, вели Вуксановиќ.

Предлог –законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка денеска, по скратена постапка, беше предложен во Собранието на Република Македонија од страна на пратениците Светлана Јакимовска и Муса Ибраими.

„Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка ќе се зајакнат правата на одбраната на осомничениот во кривичната постапка“, се вели во законското образложение на предложените измени на Законот за кривичната постапка.

Со предложените измени се предлага менување на рокот од 15 дена во 90 дена во кој осомничениот има право од приемот на известувањето на јавниот обвинител за завршување на истражната постапка, да поднесе исправи или други докази, списи од дејствијата на одбраната, или да бара од јавниот обвинител да собере определени докази.

Во предложените измени се предвидува обвинителството да има должност пред да поднесе обвинение, да го извести осомничениот за преземените истражни дејствија и прибраните докази. По известувањето одбраната има право во рок од 90 дена да преземе дејствија на одбрана.

Исто така,  се предлага измените да се однесуваат и  за постапките започнати пред влегувањето во сила на предложените законски измени.

ПРЕДЛОЖЕНИ ИЗМЕНИ НА ЗКП: Да се зајакнат правата на одбраната на осомничените

М.В