/ Прочитано:

3.365

Адвокатот Петро  Јанура: Личното одмаздништво на Катица Јанева сѐ уште виси во случајот „Поштенска банка“

Постојат јасни и недвосмислени факти кои укажуваат дека случајот „Поштенска банка“ во делот против мојот клиент Томе Главчев, сопственик на Конфекцијата „НОЕЛ“ Гевгелија е производ на лично одмаздништво на Катица Јанева, соопштува адвокатот Петро Јанура.

„Специјалната обвинителка Катица Јанева, во согласност со закон и постоечки принципи во правото, требала да се изземе, односно не смеeла да постапува по овој предмет поради нарушени соседски односи помеѓу семејствата на Јанева и мојот клиент, како и поради постоење граѓански спор во минатото и кривична постапка директно против Катица Јанева и нејзиниот татко за настан поврзан со мајката на мојот клиент.

Во минатото ситуацијата ескалирала до тој степен што на судско рочиште за граѓански спор пред Основниот суд Гевгелија, за нарушено владение, во присуство на мајката на мојот клиент, која била странка, и нејзиниот адвокат, рочиштето било прекинато со интервенција од судската полиција затоа што адвокатот бил физички и вербално нападнат од таткото на Јанева, а потоа на судското рочиште непоканета влегла Јанева и почнала да упатува погрдни зборови.

Сите погореопишани збиднувања на судското рочиште се евидентирани во судскиот записник, при што се цитирани навредите, заканите и погрдните зборови на Јанева, кои би било невкусно да ги цитираме

Поради настанот на судското рочиште, нападнатиот адвокат повел кривична постапка против Јанева и нејзиниот татко, која завршила со пресуда со изречена судска опомена за таткото на Јанева. Против Јанева адвокатот се откажал од водење на постапката. За нештата да бидат уште поинтересни, нападнатиот адвокат, исто така, е обвинет во ’Поштенска банка’ заедно со мојот клиент.

Постоењето на такви случувања во минатото, а особено на меѓучовечки односи влошени до тој степен,  укажува на постоење на обврска за изземање на Јанева како специјален обвинител во постапувањето против мојот клиент.

Понатаму, Јанева одела и спротивно на јавнообвинителската пракса, како и на правилото non bis in idem (не два пати за иста работа), затоа што во врска со времето, настаните и дејствијата кои сега се дел од обвинението, а за кои се товари мојот клиент, веќе претходно од страна на Јавното обвинителство било донесено решение со кое се отфрла кривичната пријава поднесена од Народната банка затоа што пријавеното дело не е кривично дело  кое се гони по службена должност.

И покрај постоење на таквата конечна одлука, Катица Јанева сепак заобиколувајќи ги загарантираните принципи во правото, за истата работа за која веќе била отфрлена кривичната пријава, решила да биде инкорпорирана како засебен составен дел од случајот ’Поштенска банка’, односно да поведе истрага против мојот клиент. Истите дејствија, настани и случувања за кои веќе еднаш е отфрлена кривичната пријава сега се поединечен составен дел од обвинението, што претставува исклучок од сите правила.

Против Бурим Рустеми, обвинителот кој сега го води случајот, поднесено е барање за изземање од постапување по овој предмет. Имено, како заменик-јавен обвинител во СЈО кој ја водел истрагата, сите претходни околности му биле познати и како лојален соработник на Катица Јанева ништо не презел да ги заштити правата на мојот клиент, што му било законска обврска како обвинител. Напротив, обвинителот со своето постапување го поддржувал и сѐ уште го поддржува постапувањето на Јанева, па дури и ја прејудицирал својата обвинителска одлука – да поднесе обвинение додека сѐ уште траел рокот од 15 дена мојот клиент, односно одбраната да ја дополни истрагата со нови докази и факти. Имено, обвинителот Бурим Рустеми за ТВ 24 на 2.10.2020 изјавил: ‘Ја завршив истрагата. Сега обвинетите се веќе известени за тоа и се очекуваат нивните предлози за докази. Рано  е да коментирам дали истите осомничени ќе останат обвинети, наскоро ќе го поднесам обвинението до судот.‘ Ваквото прејудицирање на обвинение пред одбраната да достави докази во истрагата е недозволено во едно демократско општество затоа што произлегува дека обвинителот не ги цени доказите на осомничениот“, објавува адвокатот Јанура.

„За жал, на крајот мора да се констатира дека во државата не постојат ефикасни правни механизми кои можат да го заштитат поединецот од негативни случувања доколку се најде во ситуација како мојот клиент. Сепак, веруваме во владеењето на правото и очекуваме позитивна завршница на начин што судот ќе одлучи позитивно по вложениот приговор на обвинителен акт, односно дека обвинението против мојот клиент ќе биде одбиено“, нагласува Јанура во соопштението.

Адвокатот Јанура: И четвртата апликација од сопственикот на „НОЕЛ“ Гевгелија во врска со предметот „Поштенска банка‘‘ е прифатенa од Судот во Стразбур

Адвокатот Јанура: Сите три жалби од сопственикот на „НОЕЛ“ Гевгелија во врска со предметот „Поштенска банка‘‘ се прифатени од Судот во Стразбур

М.В