/ Прочитано:

1.884

AДВОКАТОТ УЧИ ДОДЕКА Е ЖИВ: Мајсторијата на професионалното пишување

Препознатливоста на адвокатското име, се вели во правните книги, зависи од две клучни карактеристики: зборувањето и пишувањето. Мнозина се согласни дека употребата на македонскиот јазик во правничкиот свет сè уште страда под товарот на наследството од поранешниот општествен систем. Повеќемина, сепак, забораваат дека пишувањето во јавната комуникација има еднаква важност како и зборувањето. Тежината на задачите што во себе вклучуваат пишување е различна од случај до случај, но секој обид за составување извештај, протокол, предлог или излагање претполага сериозна подготовка. Укажуваме на неколку клучни моменти во постапката на пишување правни работи. 

  • Бидете сигурни дека го разбирате проблемот на својот клиент. Кога сте исправени пред нов предизвик, поставувајте прашања за да добиете подробен увид во ситуацијата на клиентот. Меѓу другото, и вие носите дел од одговорноста да бидете соодветно информиран за проблемот што се очекува да го обработите. Колку повеќе го истражувате дадениот случај, толку поумешни ќе бидете во примената на своите наоди.
  • Не потпирајте се само на истражувања на интернет. Брзиот пристап до мноштво од потребните информации на интернет-мрежата ја олесни секојдневната работа во канцеларијата, но нивната точност не смее никогаш да биде доведена во прашање кога се работи на одреден случај. Комбинирајте истражување на интернет со истражување во книгите. Погледнете во лексиконите и во речниците за да си потврдите дека сте запознаени со материјата, одвојте време да прочитате што повеќе информации во разни печатени изданија, со цел да обезбедите проверени содржини. 
  • Користете разбирлива лексика и избегнувајте интернационализми. Намерата зад еден пишан документ е да комуницира со целната група. Комуникацијата, општопозната како двонасочен процес на акција и на реакција, треба да се оствари преку меѓусебно разбирање. Оттаму, пишаниот производ треба или мора да биде добро разбран за да му уследи соодветен одговор. Јазикот на правото е оптоварен со мноштво странски зборови, коишто се наметнувале од други говорни подрачја за да може да го објасни општественото опкружување и да ги долови односите во сите негови сфери. Правникот мора да развие чувство на посредник помеѓу општеството и граѓанинот, мора да настојува на прецизирање на своите искази. Неопходната стручна терминологија треба да биде објаснета за да не се создаде бариера што не можат да ја преминат граѓаните во потрага по правдата.
  •  Погодете го вистинскиот тон: формален, но природен. Некои правници, особено оние со помало искуство, намерувајќи да се држат настрана од комплексноста на правниот јазик, скршнуваат во слепа улица со практиката на неформално обраќање кон колегите или кон клиентите. Оваа појава најмногу се однесува на пишаната електронска кореспонденција. Употребата на скратеници таму, каде што не им е местото, или, пак, вметнувањето непотребна интерпункција. Дури и ако адвокатската канцеларија што ја претставувате има развиено ваква неформална практика, секогаш наново треба да се одмерува пристапот кон целната група. Ако внимавате на овие ситници што покажуваат професионализам, соработниците и клиентите ќе ви укажат уште поголема доверба.
  • Избришете ги непотребните реченици, а потоа и непотребните зборови. Пренатрупаноста со зборови покажува дека авторот не е способен да ѝ даде концизна форма на својата мисла, па така често се јавуваат тавтологии. На пример, треба да се избегнуваат зацврстени фрази или изрази составени од два или од повеќе зборови: наместо „голем број“ може да се напише „многу“, а изразот „со намера или со цел да“ може едноставно да се замени со „за да“.
  • Научете се точно да цитирате изводи. Распрашајте се меѓу лингвистите или меѓу академските работници какви практики се усвоени во поглед на цитирањето изјави. Ако некогаш се доведете во ситуација да цитирате нечии зборови, тие треба педантно да бидат пренесени, а едновремено треба и да се документира од каде потекнува цитираниот извод за да биде лесно воочливо дека станува збор за туѓа изјава. Запомнете: кога избирате податоци за референциите од правната документација, имајте наум дека читателот треба добро да ја разбере референцијата за да може подоцна самостојно да го побара изворот.
  • Проверете уште еднаш откако веќе сте провериле што сте напишале. Дури и ако веќе ви се смачило од работењето на одреден пишан труд или на документ, спрегнете ги последните сили и препрочитајте што сè сте напишале. Ако е потребно, читајте на глас. Сигурно ќе наидете на несигурни превои, каде што мислата не е доволно разбирлива, или на места во кои има простор за дообликување на изразот. Не дозволувајте читателот да се сопнува врз вашиот текст; бидете сигурни дека мислата и изразот се складни и течни. Сетете се дека доработувањето на производот секогаш ја усовршува мајсторијата.

Подготови: Далибор Стајиќ Објавено: 14.10.2014