/ Прочитано:

1.975

Адвокатот во постапката за секундарна правна помош според Предлог-законот за бесплатна правна помош

Во Предлог-законот за бесплатна правна помош чиј предлагач е Владата на РМ, во главата и одредбите посветени на секундарната правна помош, се пропишува дека оваа помош се одобрува на лице кое има потреба од стручна правна помош од адвокат за конкретна правна работа и кое не е во можност да ги плати трошоците на постапката заради неговата финансиска состојба  и  чие барање е оправдано. Секундарната правна помош опфаќа застапување во постапка пред суд,  државен орган и извршител, како и ослободување од трошоците согласно одредбите предвидени со овој и друг закон.

Запишување и бришење на адвокат во Регистарот на адвокати  за секундарна правна помош

Адвокатот кој активно ја врши дејноста адвокатура и е заинтересиран да дава секундарна правна помош поднесува барање за запишување во Регистарот на адвокати за секундарна правна помош.

Министерството во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето врши проверка на податоците од истото во соработка со Адвокатската комора и донесува решение за запишување на адвокатот во Регистарот на адвокати.

Министерството води Регистар на адвокати во писмена и електронска форма и истиот го објавува и ажурира на секои три месеци на својата веб-страница. Во случаи определени со закон, Министерството со решение ќе го избрише адвокатот запишан во Регистарот на адвокати.

Назначување на адвокатот од страна на Министерството

Подрачното  одделение во потврдата со која се одобрува секундарната правна помош го назначува адвокатот од Регистарот на адвокати согласно изборот  на барателот и ја организира првата средба на корисникот со адвокатот.

Доколку барателот не избере адвокат, подрачното одделение назначува  адвокат од Регистарот на адвокати, имајќи ги предвид:

1) правната област на која адвокатот работи (специјализацијата на адвокатот), согласно податоците наведени во барањето за запишување во Регистар на адвокати и

2) локацијата на адвокатската канцеларија во однос на местото на живеење,  односно престојување на барателот.

Промена на назначениот адвокат

Подрачното одделение на барање на корисникот или по службена должност, во рок од 30 дена, со решение ќе го промени назначениот адвокат кој не ги исполнува законски предвидените  обврски и ќе овласти друг адвокат од Регистарот на адвокати.

Назначениот адвокат може писмено да се откаже од понатамошно давање на секундарна правна помош во конкретна  правна работа и да бара да биде назначен нов адвокат. До назначување на друг адвокат, претходно избраниот адвокат е должен да продолжи да дава секундарна правна помош.

Новоназначениот адвокат го презема натамошното водење на веќе започнатата постапка пред надлежен суд или надлежен орган и продолжува да ја дава секундарната правна помош од онаа фаза во која претходниот адвокат престанал.

Обврски и одговорност на адвокатот

Секундарната правна помош адвокатот ја дава согласно закон, при што е должен да соработува со корисникот, подрачното одделение и Министерството.

Назначениот адвокат е должен секундарната правна помош да ја дава единствено на корисникот за правната работа конкретно наведена во потврдата или во решението со кое е одобрена секундарната правна помош.

Адвокатот одговора за квалитетот на дадената секундарна правна помош, согласно условите предвидени со овој и друг закон, и е одговорен за штетата што настанала како резултат на кое било дејствие поврзано со давањето на секундарната правна помош.

Адвокатот не може да одбие да дава секундарна правна помош, освен во случај кога побараната правна помош е надвор од опсегот на овој закон или не е во согласност со етичките правила или ограничувањата предвидени со  актите на Адвокатската комора, за што е должен веднаш да го извести подрачното одделение или Министерството.

Ако при давањето на секундарна правна помош адвокатот утврди дека корисникот повеќе не ги исполнува условите за одобрување на секундарната правна помош, должен е за тоа веднаш да го извести подрачното одделение или Министерството.

Адвокатот додека ја дава секундарната правна помош под условите и на начинот предвидени со овој закон не смее да бара од корисникот наплата на награда или на трошоци кои му биле признати и исплатени согласно овој закон. Договорот склучен помеѓу адвокатот и корисникот спротивно на ова е ништовен.

Доколку нема веројатност за успех или не е разумно да се продолжи со водење на постапката, адвокатот е должен за тоа да го извести подрачното одделение или Министерството во рок од 15 дена од сознанието.

Адвокатот е должен во рок од 15 дена да даде одговор  на барањето од Министерството или подрачното одделение  за дополнителни податоци во врска со текот на постапката за која е одобрена секундарната правна помош, за доставениот трошковник за извршена работа или за доставен приговор од страна на корисникот.

М.В