/ Прочитано:

1.752

Адвокатска маркичка – чиста сметка со државата, но коморската ги буни адвокатите

Се гледа почетокот на фискализацијата на адвокатите. Доколку биде изгласан предлогот на Законот за адвокатски маркички истиот ќе стапи на сила на 1 јануари 2013 годинa. Адвокатите ќе бидат должни маркичките да си ги обезбедат од Управата за јавни приходи. Oна што ги збунува адвокатите се коморските маркички од Адвокатската комора. Иако според одлуката на Уставниот суд, адвокатите на странките ќе им наплаќаат без коморски маркички сепак истите ќе мора да ги купат. Уставниот суд одлучи маркичките од Комората да не се на трошок на странките туку на адвокатите, но остана правилото коморските маркички да се употребуваат на сите поднесоци до судот. 

Кон секој поднесок или исправа aдвокатот ќе биде должен да поднесе адвокатска и коморска маркичка (Фото: Бранко Костески)

Коморската маркичка е утврдена со акт донесен од страна на Адвокатската комора. Освен оваа маркичка, адвокатите се должни да и плаќаат и членарина за Адвокатската комора.

Уставен суд за коморската маркичка (извадок од одлуката на Уставниот суд)

При ваква законска регулатива, се поставува прашањето дали коморската маркичка, предвидена со Законот за адвокатура, може да биде услов поднесокот во парничната постапка, кој иако ги исполнува условите согласно Законот за парничната постапка, да не се смета за валиден документ и дејствие на адвокатот за кое тој има право на награда според Адвокатската тарифа, односно дали условувањето на исплатата на парична награда согласно Адвокатска тарифа, со плаќање на коморска маркичка, има законска основа.

Според Судот, ваквото условување не е во согласност со начелото на владеењето на правото и во крајна линија, со овластувањето на адвокатурата, како самостојна и независна јавна служба, да врши јавни овластувања во согласност со закон. Имено, не е спорна законската обврска на адвокатот на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, да стави, помеѓу другото и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија и дека при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна коморска маркичка за тоа застапување. Меѓутоа, со оспорената одлука, односно со Адвокатската тарифа, коморската маркичка е поставена како услов за наплата на адвокатските трошоци, иако тоа не произлегува ниту од Законот за адвокатура, ниту од Законот за парничната постапка. Поради тоа, според Судот, Адвокатската комора го надминала законското овластување да донесе тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите и навлегла во законодавната сфера за која не е овластена… (Целосниот текст на Одлуката на Уставниот суд можете да ја прочитате тука.)

Со Законот за адвокатурата се уредени обврските на адвокатите за коморските и адвокатските маркички.

Член 18

(1) Адвокатот става свој потпис и печат на секоја исправа или поднесок составен во неговата канцеларија.

(2) Формата, големината и содржината на печатот на адвокатот, од став 1 на овој член, се утврдуваат со статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.

(3) На секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија.

(4) При застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за тоа застапување.

Дел од адвокатите се за адвокатска, но не и за коморска маркичка

Со адвокатската маркичка адвокатите ќе бидат на чисто со данокот спрема државата, се јавува дилемата која е улогата на коморската маркичка кога адвокатите и плаќаат членарина на комората.

„Членарината и маркичките се интерна работа меѓу адвокатите и комората , не треба судиите да нè враќаат доколку не сме платиле членарина. Треба да плаќаме или едното или другото, нема потреба од две давачки“, вели битолскиот адвокат Дарко Михајлов.

Нема потреба од две давачки и членарина и коморска маркичка, но не е битно што јас мислам, битно е дека мора да си ги купувам маркичките, вели адвокатката од Струмица“, Клара Бержетска.

Немам одредено мислење за коморските маркички, тие се донесени со акт од собранието на Адвокатската комора. Колку што знам тие се правно регулирани и пред Уставниот суд. Имаше иницијативи од колеги за нивно оспорување, но Уставниот суд не ги оспори“, вели скопскиот адвокат Златко Антевски.

За битолскиот адвокат Видан Анѓелковски, адвокатската маркичка значи ред во работењето на адвокатите и чиста сметка со УЈП, но  се жали на коморската маркичка која според него значи двојна давачка спрема Адвокатската комора затоа што адвокатите плаќаат и членарина.

„Јас сум за ред во секоја сфера, па и во нашата, но ред што ќе ја ослесни работата, а не да ја отежни. Преку адвокатската маркичка сѐ ми е платено, пензиско, здравствено, имам чиста сметка со УЈП. Мислам дека за сите колеги ова е прифатливо решение, но сум против коморската маркичка. Не ми е јасно што ќе и се на Адвокатската комора  толку пари, наплаќа и членарина и коморска маркичка“, вели Анѓеловски.


 

Aвтор: Паула Божиновски

Објавено: 25.06.2012