/Прочитано:

698

Адвокатската фела на дистанца од социјалните мрежи: Постојат придобивки, недостигаат усилби за вистинско вреднување на нивниот потенцијал

Забраната за непосредно рекламирање на адвокатската дејност во Македонија има далекосежно ехо во работната практика на домашните адвокати. Нејзините размери, сепак, не ја разводнуваат можноста за популаризирање на адвокатурата на интернет-мрежата, и, во поново време, на социјалните мрежи. Мнозинството адвокатски канцеларии кај нас сè уште занемарливо го ползуваат потенцијалот на социјалните мрежи како алатка за унапредување на дискурсот во адвокатската фела, но и за автентично себепромовирање. Од адвокатските канцеларии „Кимовска“ и „Тошиќ и Јевтиќ“ сметаат дека употребната вредност на интернетот во насока на промовирање на дејноста е голема, но адвокатската професија сè уште е во голема мера зависна од непосредниот контакт со клиентелата. Дарко Булдиоски, пак, долгогодишен консултант во областа на дигиталниот маркетинг и работењето со интернет, тврди дека социјалните мрежи можат да понудат изразита додадена вредност во секојдневната работа, имајќи ја наум потребата на целната група да комуницира со експертските кругови.

Наспроти практиката во Соединетите Американски Држави, каде маркетингот во адвокатурата е дозволен и наголемо применуван, во Македонија, според Член 51 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, адвокатската дејност и давањето правни совети изречно се забрануваат во печатени и електронски медиуми. Во последните неколку години, напреднатото користење на социјалните мрежи на глобално рамниште поттикна интернет-промоција на разнородни адвокатски услуги во мера дозволена согласно со национално пропишаните закони. Со оглед на фактот што правото е област постојано подложна на промени, поранешните приоди кон пренесување информации преку традиционалните медиуми или преку размена на мислења во „кулоарите“, не соодветствуваат на времето во кое граѓанството во пошироки рамки и целните групи во потесна смисла стануваат електронски активни. Сепак, на домашен терен, адвокатските друштва, како и адвокатите-поединци, и натаму ретко вложуваат напори за унапредување на својата дејност преку социјалните медиуми, блогирањето или електронските форуми. Оттаму, повеќето од нив не успеваат да ги разберат докрај придобивките од социјалните алатки или, пак, имаат сосема мали очекувања од нивното интегрирање во секојдневната работа.

Од адвокатската канцеларија „Кимовска“ од Скопје сметаат оти е во многу погледи интересно да се биде присутен како профилирано адвокатско име на интернет-мрежата, пред сè, на социјалните мрежи. Сепак, забележуваат дека адвокатската професија и натаму е најмногу упатена на непосредните меѓучовечки контакти, така што процентот на лица што се јавуваат за информација преку каналите на интернет е занемарлив.

„Веруваме дека постојат шанси за промоција преку интернетот, односно за следење општествени трендови преку социјалните мрежи, но досега не ни се јавила вистинска потреба за таков подвиг“, е ставот на адвокатската канцеларија „Кимовска“.

Спротивно на ваквото гледиште, Дарко Булдиоски, интернет-консултант и соосновач на „Њумедиа МК“, вели дека бројките и трендовите не оставаат простор за друга опција освен за квалитетна присутност на интернет-мрежата.

„Мошне е едноставно: секогаш мора да одите онаму каде што се движи публиката, мора да се обидете да комуницирате со неа на соодветен начин, онака како што самата публика очекува и веќе комуницира на востановените социјални платформи. Не би смееле да заборавиме дека ако се користат правилно, социјалните мрежи можат да внесат многу промени во рамките на самата компанија или друштво. На глобално ниво веќе неколку години по ред се говори за „социјален бизнис“, а не само за употреба на социјалните медиуми од маркетиншки аспект“, укажува Булдиоски.

Имајќи го предвид ваквиот потенцијал, посветеноста на социјалните мрежи може да го зајакне профилот на друштвото или поединецот меѓу клиентите, но и во стручните кругови. Линкувањето квалитетни содржини (стручна терминологија, новинарски написи на релевантни теми, важни соопштенија за печат или интервјуа) преку „Фејсбук“, „Твитер“, „Линкдин“ и, каде што е можно, преку каналите на „Јутуб“, водејќи до официјалната веб-страница на адвокатската канцеларија, бездруго, остава впечаток на ажурност и посветеност во работата. За илустрација, придобивката од блоговите, кои лесно се споделуваат преку социјалните мрежи, можат да му помогнат на потенцијалниот клиент самостојно да ја процени упатеноста на еден адвокат во областа во која му е потребнa правна помош или услуги. Всушност, индивидуалните написи и одбраните содржини во блоговите се еден вид потврда која на клиентот ќе му гарантираат квалитетна адвокатска услуга.

Автентичен пример на напредна стратегија за интегрирано користење на социјалните мрежи и мноштво други интернет-алатки бележи германското адвокатско друштво „Вилде Бојгер Золмеке“ од Келн, специјализирано за медиумско право. Комплементарните содржини на нивната официјална веб-страница се добро видливи и лесно достапни: застапени се јасно обележани линковски врски со нивните страници на „Фејсбук“, „Твитер“ и „Јутуб“, а вграден е и читач-агрегат на најнови информации од различни области на правото, како што се објави на блогови, наслови на вести, аудио и видеозаписи во стандардизиран формат. Позитивен впечаток остава е и врската со комуникацискиот сервис „Скајп“ преку која може да се добијат информации во редовното работно време.

Оценувајќи ги гореспоменатите можности, адвокат Ивица Јевтиќ од адвокатската канцеларија „Јевтиќ и Тошиќ“ го набљудува блогот како меч со две острици.

„Блогот е солидна алатка за актуализирање важни и помалку важни прашања во нашата сфера и може многу да придонесе кон зајакнување на интеракцијата меѓу сите нејзини актери. Ова е дефинитивна предност, но мислам дека неизбежно би предизвикала притисоци или негодување од страна на колегите, кои водењето сопствен блог би можеле да го протолкуваат како незрел чекор и, уште повеќе, како бесплатно давање правни совети“, вели Јевтиќ.

За одржување рамнотежа помеѓу ваквите недоречености, тимот млади лица, којшто ја претставува нивната канцеларија, настојчиво прави напори за иновативна презентација на својата веб-страница, од каде што и најмногу се црпат информации за нивната дејност.

„Поаѓајќи од намерата да настапиме со поинаква, модерна перцепција на адвокатурата, наша водилка при обмислувањето на веб-страницата беше желбата за минималистичка физиономија, која непосредно би се врзала за впечаток на прегледност и чистина. Водени од американските искуства, настојуваме да ја претставиме нашата дејност преку сосем едноставна навигација, зашто презентацијата на интернет е еднакво важна и за домашните и за странските клиенти. Во иднина би сакале и комплементарно да воведеме блог во кој би изнесувале гледишта за најактуелните општествени прашања, но тоа е сè уште само почетен план“, заклучува адвокат Јевтиќ.

Овие планови, со текот на својата реализација и зачестено јавување на национално ниво, неминовно ќе водат кон градење заедници околу крупни тематски тежишта коишто подоцна ќе се развиваат според интересот на адвокатите и на останатите професионалци. Во таа насока, без оглед на утврдените цели и намери, Булдиоски истакнува дека сите играчи што ќе се вклучат во користење на социјалните мрежи како правни лица мора да останат транспаренти и оти треба што почесто да ги слушаат потребите на целните групи, односно на пошироката публика.

„Секако, за разлика од приватната употреба на социјалните мрежи, профилирањето, обврската, посветеноста и одговорноста е поголема кога станува збор за правно лице. Нему помалку му се дозволуваат, т.е. простуваат грешки. Секој од сервисите нуди различни опции за користење на делови од својот сервис за индивидуалци и за организации. Иако изградбата на релевантна комуникација се одвива по различен пат, основните начела се исти: транспарентност, слушање и рамноправна комуникација“, порачува Булдиоски.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 13.02.2013