Адвокатската комора и Македонското здружение на млади правници потпишаа меморандум за соработка

Адвокатската комора на РСМ, претставувана од претседателот Љубомир Михајловски, потпиша меморандум за соработка со Македонското здружение на млади правници (МЗМП), претставувано од претседателот Зоран Дранговски, информираат од Адвокатската комора.

Целта на меморандумот е постојано унапредување на состојбата на заштитата на човековите права и остварувањето на начелото на владеењето на правото како едни од клучните темелни вредности на уставниот поредок во нашата држава, а препознавајќи ја централната улога на адвокатурата и адвокатите кои преку обезбедувањето на правна помош претставуваат суштинска гаранција за заштита на човековите права.

Меморандумот е плод на неопходноста од зајакнување на знаењата, вештините и статусот на правничката професија и промоција на професионалните вредности особено помеѓу младите адвокати и правници.

Во рамки на соработката е предвидено: одржување на обуки, спроведување на истражувања и анализи потребни за ефикасно застапување и лобирање за подобрување на законите и политиките во областа на пристапот до правда и заштита на човековите права, поврзување на адвокати со МЗМП кои имаат желба да обезбедуваат про боно правна помош, меѓусебна поддршка при  давање на предлози за измени на одредени закони од значење за двата субјекти, поврзување на адвокатите со адвокатски приправници и дипломирани правници кои бараат работа како адвокатски приправници итн.

М.В