/ Прочитано:

6.044

АДВОКАТСКАТА КОМОРА: Континуираното дезинформирање на јавноста од страна на нотарите продолжува

Целосна дезинформација се денеска објавените ставови на Нотарската комора на настан организиран од нивна страна, дека со Законот за нотаријат услугите за граѓаните со учество на адвокати биле поскапи, истакнуваат од Адвокатската комора на Република Македонија.

„Со започнувањето на примената на новиот Закон за нотаријат,  граѓаните добија дополнителна правна сигурност и се заштитени од парасудското постапување на нотарите за пониски цени. Случаите од практиката,  како ФИКОМ и други слични афери, каде нотарите заверуваа договори за продажба на еден стан на повеќе лица, заверувањето на договори со одамна починати лица, расправањето на оставини со наследни изјави составени од нотари спротивно на изјавите на наследниците, надриписарското составување на договори наместо адвокати веќе се невозможни токму поради присуство на адвокат кој ги штити интересите на странките. Тоа е „усложнувањето“ на постапки кое што денеска во јавно објавените изјави на  нотарите се споменува. Таквото „усложнување“ всушност вистински се нарекува заштита на граѓаните од институцијата нотаријат која во својата погрешна форма истовремено функционира и како нотаријат и како суд и како адвокат  и  која се развиваше како таква во Република Македонија до моментот на усвојувањето на новиот Закон за нотаријат“, се вели во рекцијата на АКРМ во врска со изнесените ставови на Нотарската комора на денешната тркалезна маса.

Како и претходно, истакнуваат од АКРМ, мотивот на организирање вакви собири и давање изјави од Нотарската комора е исклучиво неможноста да се помират со фактот дека стотина нотари веќе не го земаат во целост приходот на над 2500 адвокати, како што досега се случуваше.

„Адвокатурата во Република Македонија е единствениот вработувач на млади правници во која што само на годишно ниво се вработуваат  над 500 правници. Во моментов, вкупниот број на адвокати, стручни соработници и приправници изнесува над 5000  што значи дека од адвокатурата живеат семејства со вкупно 20.000 членови, наспроти стотина нотари кои  и понатаму сакаат ексклузивно од граѓаните да го собираат својот огромен приход, како во последните 20 години“, велат од Адвокатската Комора на Република Макединија.

Тркалезна маса за развојот на нотаријатот во Република Македонија

 М.В