/ Прочитано:

880

Адвокатската комора за Европскиот ден на правдата организира онлајн отворен ден за граѓаните

„25-ти октомври е Европски ден на правдата што секоја година се одбележува во сите држави во Европа. Целта за негово одбележување е правдата да се доближи до граѓаните и тие да бидат запознаени со нејзиното спроведување. Со тоа се обезбедува широк пристап до правдата за граѓаните и пошироката јавност. Интенцијата за одбележување на Европскиот ден на правдата е на граѓаните да им се овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области (семејно право, право на сопственост, наследување, договорно право, авторско право и сл.). Исто така, на овој ден граѓаните се запознаваат со функционирање на системот на правосудството во поширока смисла.

Иницијативата за одбележување на овој ден потекнува од Европската комисија и од Советот на Европа кои широко го поддржуваат организирањето на активностите во сите европски држави. Овој ден посебно се одбележува со организирање на отворени денови во судовите, средби на адвокатите, судии, медијаторите, нотарите со граѓаните, давање на информации и совети на граѓаните, симулации на судење, организирање на локални конференции и сл.

По тој повод, Адвокатската комора на РСМ секоја година организира отворен ден за граѓаните на кои тие лично преку разговор со адвокати можат да се информираат за своите  права. Годинава, поради новонастанатите околности  предизвикани од вирусот Ковид 19, граѓаните  на 25 октомври ќе можат да се информираат за своите права со испраќање на порака на меилoт: lawyermk@mba.org.mk . Меиловите Ве замолуваме да ги доставувате со назнака во насловот ЕВРОПСКИ ДЕН НА ПРАВДАТА“, соопштуваат од Комората.

М.В