/ Прочитано:

2.152

„Интересот на граѓанинот е на прво место“

АДВОКАТСКАТА КОМОРА ЗА НОВИНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Во интерес на граѓаните, зголемена правна заштита за идентични трошоци

Адвокатската Комора на Република Македонија денеска одржа прес конференција, чија цел беше запознавање на јавноста со придобивките од донесување на новиот Закон за нотаријат, кој е во собраниска процедура, а кој предвидува присуство на адвокати при постапката за оставина, составување на нотарски и изготвување на приватни исправи.

???

Поголемата правна сигурност и правна заштита како континуирана цел

Во Предлог-законот за нотаријатот се вели дека целта на новото законско решение е да обезбеди побрз пристап на граѓаните до правдата и ќе го зголеми степенот на правната сигурност во правниот промет. Присуството на адвокатите во постапките пред нотар, како што се образложува во законските измени, подразбираат и зголемена правна заштита и исполнување на целите на правната сигурност.

Потребата од присуство на адвокатите во постапки пред нотар, првично беше нотирано во извештајниот период на Управниот одбор на Адвокатска комора на Република Македонија, а во насока на дефинирање на законските решенија во интерес на адвокатурата. Исто така, потребата од донесување на нов Закон за нотаријатот како приоритет беше нагласено и на  70 годишниот јубилеј на македонската адвокатура  оваа гoдина кога се истакна дека адвокатите сакаат и се залагаат за понатамошен развој на адвокатурата, заштита на темелните права и воведување современи постапки во сите процедури – граѓански, кривични и нивно доследно применување во практиката.

Минатата година и претставниците на регионалните адвокатски комори и учесниците на меѓународната тркалезна маса посветена на проблемите на адвокатската професија и односите на професијата со нотаријатот, донесоа Резолуција за заштита на самостојноста и независноста на адвокатската професија. На овој настан, беше поздравен начинот на кој, како што беше нагласено, во Македонија се етаблираат решенија кои пронаоѓаат опција за балансирање на адвокатската и нотарската дејност, а во насока на заголемената правна заштита и сигурност.

???

Придобивки за граѓаните – заголемена правна заштита за идентични трошоци

На денешната прес – конференција, зголемената правна заштита и правната сигурност, исто така, беше потенцирана како придобивка од новините на Законот за нотаријатот,  и тоа за, како што подвлече претседателот на АКРМ, Никола Додевски, идентични трошоци како и досега.

„Значајна работа што би сакал да ја нагласам во оваа новина е сублимирано кажано зголемена правна заштита за идентични трошоци како и досега. Значи трошоците остануваат идентични, како што и досега беа во нотарската постапка, а тоа е регулирано во членот 153 од Предлог-Законот за Нотаријатот во кој е наведено дека доколку во постапката пред нотар е предвидено задолжително учество на адвокати, висината на трошоците и наградата изнесува 50% од трошоциите на нотарот. Што граѓаните добиваат за истите тие парични средства коишто до вчера ги давале само за нотарски трошоци? Добиваат зголемена правна заштита во нотарските постапки кадешто досега целокупната процедура беше препуштена само на нотарот, значи граѓанинот е сам пред процедури кои се многу значајни за имотните односи, за односите за расправање оставина, за односите во многу сегменти на воспоставување на одредени релации коишто можат да имаат последици и да предизвикаат спорови“, истакна Додевски на денешниот настан.

???
За новините во Предлог-законот за нотаријатот кои се однесуваат на адвокатурата 

Во врска со новините во Предлог-законот за нотаријатот кои се однесуваат на нотарските заверки, Додевски рече дека не се работи за „ситни заверки“, туку вредноста на нотарските акти каде што е над 20.000 евра се предвидува секоја од странките да има адвокат.

„Значи тоа не се ситни заверки, туку вредноста на нотарските акти каде што е над 20.000 евра се предвидува секоја од странките да има полномошник, односно адвокат којшто ќе ги штити правата на граѓаните и би рекол дека со тоа ќе обезбеди сигурност и намалување на ризиците во иднина да не дојде до спорови. Во потврдувањето на приватните исправи овој лимит е 10.000 евра. Тука е задолжително над 10.000 евра адвокатот да ја изготвува приватната исправа и нотарот да ја солемнизира. Морам да истакнам дека правното значење и на потврдата на приватната исправа и на т.н. нотарски акти, коишто преставуваат посебен вид на потврдување на легалитетот е еднаква. Значи правната важност е еднаква, странките се тие коишто треба да одлучат дали сакаат во одредена процедура да биде нотарски акт или да биде солемнизација. За волја на вистината овој закон воведува и одредени видови на нотарски исправи, коишто се задолжителни за граѓаните“, образложи Додевски.

„Изборот на адвокатот секогаш е на граѓанинот“

Во врска со изборот на адвокатот, Додевски вели дека секогаш изборот е на граѓанинот и дека никој не може да му наметне на граѓанинот кој ќе биде негов адвокат,  но дека  предвидени се и ситуациите кога граѓанинот не сака да избере.

 „Изборот на адвокатот секогаш е на граѓанинот, значи никој не може да му наметне на граѓанинот кој ќе биде негов адвокат, но доколку граѓанинот не сака да одбере или па да дојде во ситуација итно да бара да му се завери нотарски акт тогаш ќе постои кај нотарите листа на адвокати која што ќе ја изготвува Нотарската комора и ќе ја доставува до нотарите, до Нотарската комора и тогаш од аспект на побрзо завршување на работата може веднаш да се определи адвокат од листата и веднаш да учествува во нотарското дејствие“, појасни Никола Додевски.

???

„Интересот на граѓаните е на прво место, не им се наштетува на нотарите“

 Претседателот на АКРМ, одговорајќи на новинарско прашање дали со новините во Предлог-законот за нотаријатот им се наштетува на нотарите, потенцираше дека нотарската работа уште од моментот на воведувањето била на штета на адвокатската работа.
„Дали на нотарите им се наштетува? Не би се сложил дека им се наштетува бидејќи интересот на граѓаните е на прво место и ако можете за идентични трошоци да обезбедите правна сигурност и со адвокат и со нотар тогаш е навистина небитно дали за нечиј имотен интерес ќе се намали или зголеми …. Значи не може да се употреби терминот „наштетува“… Кога сме веќе кај тоа морам да ви кажам дека нотарската работа уште од моментот на воведувањето беше на штета на адвокатската работа. Тоа не е аспект којшто ние сега го гледаме и којшто е мотив за донесувањето на овој закон, но секако дека кога вакви прашања се разгледуваат, мора и тоа да се има предвид. Деведесет и повеќе проценти од сегашниот приход на нотарите е работа којашто во одреден период преминала од адвокатите на нотарите. Така да, ако збориме за наштетување малку поинаку би се поставиле работите“, истакна претседателот на АКРМ.