/ Прочитано:

831

Адвокатската маркичка задолжителна за адвокатите кои остваруваат приходи во готово

Среда,  2 јануари 2012 – Од 1 јануари 2013 година кога и стартуваше примената на новиот Закон за адвокатските маркички, адвокатите кои остваруваат приходи во готово должни се кон секоја исправа или поднесок да приложат адвокатски маркички. Казните за оние кои ќе постапат спротивно на одредбите од законот се движат и до 5000 евра. Во моментов во Уставниот суд на РМ во втора фаза на разгледување е иницијативата со која бара укинување на адвокатската маркичка.

Адвокатската маркичка е инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход за оние приходи кои адвокатите поединци ги остваруваат во готово во случаите кога наградата за дадената правна помош гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Информации што треба да ги знаете

  • Адвокатот е должен адвокатската маркичка да ја приложи кон секоја исправа или поднесок за кој е предвидена награда што гласи на  на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатитеаконот;
  • При плаќање на наградата над минималните износи утврдени со тарифата, зголемување на наградата, како и при плаќање на трошоците согласно со тарифата, адвокатите се должни да состават писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет. Исправата или поднесокот кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или пак не содржи писмен договор во прилог ќе се смета за неуреден и ќе биде отфрлен од страна на примателот.;
  • Адвокатските маркички се издаваат на адвокатот лично. Управата за јавни приходи води евиденција за издадените адвокатски маркички;
  • За печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички  се плаќа надоместок кој е на товар на адвокатот. Висината на надоместокот се утврдува според реалните трошоци направени за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички;
  • Адвокатот е должен да води евиденција за употребените адвокатски маркички;
  • Eвиденцијата до Управата за јавни приходи се доставува најдоцна до 31 јануари во текот на годината за претходната календарска година;
  • Употребените адвокатски маркички се сметаат за аконтација на персоналниот данок на доход за календарската година во која се употребени. Неупотребените адвокатски маркички адвокатот може да ги искористи во наредните даночни периоди;
  • Во случај на престанок на вршење на дејноста, адвокатот е должен најдоцна во рок од 15 дена од денот на престанокот на вршењето на дејноста сите неупотребени адвокатски маркички да ги врати на Управата за јавни приходи за што се составува записник. Во прилог на записникот се доставува и евиденцијата за употребените адвокатски маркички.

 Издавање на адвокатски маркички

  • Адвокатските маркички се издаваат врз основа на Пријава за адвокатски маркички (образец “П-АМ”), која се поднесува во период од 1 до 15 во првиот месец од календарското тримесечје за наредното тримесечје до Управата за јавни приходи. Пријавата може да се преземе од веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/134.
  • Подигањето на адвокатските маркички се врши со Барање за издавање на адвокатски маркички (образец “Б-АМ”), кое се поднесува во период од 1 до 15 во првиот месец од календарското тримесечје за пријавените количини до Управата за јавни приходи. Барањето може да се преземе од веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/135.
  • Со Барањето, адвокатот доставува и доказ за извршена уплата на аконтација на персоналниот данок на доход во износ од 10% од вредноста на бараните адвокатски маркички, како и доказ за платените трошоци за печатење, издавање, транспорт и чување на адвокатски маркички.
  • Аконтациите на персоналниот данок на доход, адвокатите потребно е да ги уплатат на уплатна сметка: 840–XXX-01471 и приходна шифра 711 118.
  • Надоместокот за трошоци за печатење, издавање, транспорт и чување на адвокатски маркички изнесува три (3) денари по маркичка и истиот потребно е да се уплати на налог ПП50 во корист на Министерството за финансии – Управа за јавни приходи, депонент НБРМ, на сметка на корисник: 090051567963113, приходна шифра 725 939 и програма 20.

Парични казни до 5000 евра 

Согласно Законот за адвокатски маркички глоба во износ од 4000 до 5000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на адвокатот поединец за сторен прекршок, односно ако не состави писмен договор со корисникот на правната помош врз основа на кој плаќањето е задолжително да се врши преку носител на платен промет. За овој прекршок на адвокатот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од 15 дена.

Глоба во износ од 2.500 до 4.000 евра во денарска противвредност за сторен прекршок ќе му се изрече на адвокатот поединец, ако:

  • не приложи адвокатска маркичка на исправа или поднесок;
  • не приложи писмен договор во прилог;
  • не води евиденција за употребени адвокатски маркички; и
  • не ги врати сите неупотребени адвокатски маркички во рок од 15 дена, во случај на престанок на дејноста.
За овие прекршоците на адвокатот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од 10 дена.

Поднесена иницијатива за оценување на уставноста на Законот за адвокатски маркички

Со иницијативата за оценување на уставноста на Законот за адвокатски маркички чиј подносител е пензионираниот правник Стамен Филипов се бара ревидирање на законот во целина, а посебно на членовите  1, 2, 3, 4, 6, 7, 9, 11, 12, 13 и 14 од истиот. Според поднесувачот одредбите од овој закон се нејасни и непрецизни, непотполни и од уставно – правен аспект неодржливи.

>> Законот за адвокатски маркички можете да го проследите на akademika.com.mk.