/ Прочитано:

3.110

АДВОКАТСКИ ДИЛЕМИ ЗА ПРЕСМЕТУВАЊЕТО НА ПРИДОНЕСИТЕ: Собир, иницијатива и одговор од Адвокатската коморa

Дилеми и загриженост во адвокатската фела околу пресметката на придонесите за задолжително социјално осигурување во согласност со Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување. Голем дел од адвокатите тврдат дека од УЈП добиле информации дека ќе треба да се плаќаат придонеси и на целокупната добивка наместо само на платата. Ова беше причина адвокатите да дискутираат на заедничка средба за ваквите дилеми и, како што истакнаа, солидарно и преку Адвокатската комора на Македонија да упатат порака дека Законот треба да се применува онака како што гласи, а не според нечие мислење. Адвокатите велат дека доколку бидат оданочувани по мислењето на УЈП за посочените придонеси, тоа погубно ќе биде за адвокатурата, но не ја исклучуваат и можноста порадикално да се спротивстават доколку се започне со таква практика. Од Адвокатската комора, пак, велат дека не постои причина за загриженост затоа што придонесите нема да се пресметуваат на поинаков начин од досега. Од Комората истакнуваат дека со Управата за Јавни приходи на Република Македонија се во постојана комуникација и соработка  за разрешување на  сите прашања кои се од значење за адвокатите.

Собир за градење на единствен став: Законите мора да се применуваат онака како што пропишуваат

Со цел градење на единствен став околу ова прашање, адвокатите  на заеднички собир истакнаа дека целта на нивната средба е да ги продискутираат најавите за можноста да бидат оданочени на големи суми на средства, вклучително и на нивната плата и добивка, додавајќи дека од тој собир ќе креираат заклучоци што нема да бидат насочени против никого, туку, едноставно, тргнувајќи од премисите на својата професија, да нагласат дека законите мора точно да се толкуваат и да се применуваат онака како што пропишуваат.

Адвокатката Сузана Јошевска–Анастасовска, која беше иницијатор на адвокатскиот собир, вели дека проблемот настанал бидејќи како адвокати немале доволно информации за тоа како ќе се пресметува и дали има измени во пресметката на придонесите за задолжително социјално осигурување, во согласност со Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување.

„Законот е донесен во 2009 година и нема измени во нашиот дел,  но работата се разбранува кога книговодителите нè наведоа на погрешна насока и почнаа да ни зборуваат дека од пресметките за март како основица за пресметка на придонесите ќе ни се смета дванаесеттина од годишниот приход што сме го пријавиле во 2014 година, а досега основица ни била една просечна плата. Тоа значи дека од основица од 31 илјада може да скокнете на основица од 100 илјади. И на целокупната добивка, а практично нема да има адвокат со добивка на која плаќа рамен данок од 10 проценти како сите, туку на сè што ќе му биде внесено како добивка, ќе плаќа придонеси како по основ на плата.  Што значи, пластично објаснето, ако досега сме имале добивка, сега ни влегува во плата. Тоа значи дека треба да даваме повеќе пари, а не ги заработуваме тие пари“, вели  Јошевска–Анастасовска

Таа нагласува дека ваквото оданочување би одело на директна штета на адвокатите и дека постои опасност голем број адвокати да стават клуч на врата.

Солидаризирање на ставот кој ќе биде поткрепа на Адвокатската комора за понатамошно дејствување

„Според оваа логика, решението би било да ги зголемиме сите услуги за 40/50 %, што нема да го издржи македонскиот пазар. Немаме таква економија каде што можеме да ги зголемиме цените на тие услуги. Друго, адвокатите и самите велат дека со вакви пресметки ќе затвораат канцеларии бидејќи она што ги чинело осум илјади досега, сега би ги чинело  50/60 илјади, зависно од тоа колку добивка оствариле во претходниот месец“, вели адвокатката Јошевска–Анастасовска, додавајќи дека, како иницијатор, една од интенциите ѝ била да види дали добро го толкуваат законот правниците, односно адвокатите.

„Прво треба да се види дали добро и јасно го читаме Законот, а не би смееле да си дозволиме да не го читаме како што треба, правници сме. Да сме лекари, ајде.  И ако правилно го читаме, да не дозволиме УЈП да нè води како го толкува или некој друг како го толкува. Ние сме тие што ги толкуваме законите секој ден. Ако правилно го читаме, ќе знаеме и ќе  видиме како ќе бараме измени на Законот и, евентуално, дали ќе покажеме непослушност.  Мојата лична  анализа беше  дека месечната основица треба да биде месечната аконтација, но не помала од просечна плата. И кога јас го истолкував тоа, онака како што гласи Законот, бидејќи законите се применуваат како што гласат, го свикав овој собир да видам дали има колеги што толкуваат исто како мене. Испадна дека има, а тие што не знаеле се согласуваат. А и самата УЈП, јас ова не го знаев туку сега го дознав, дала такво толкување, го објавила, но потоа тоа се премислила и дала ново толкување, како што кажа и колегата Оливер Ристовски“, вели Јошевска–Анастасовска.

Таа потенцира дека нивната борба ќе биде да се применува Законот како што гласи и да не се даваат толкувања што ќе ги обременат нив како адвокати  неколкукратно и што ќе ја доведат нивната егзистенција во прашање. Исто така, таа додава дека средбата е во функција на солидаризирање на ставот кој ќе биде поткрепа на Адвокатската комора за понатамошно дејствување.

„Барањето е да се примени Законот онака како што гласи“

„Барањето е да се примени Законот онака како што гласи додека не се прецизира таа одредба или додека не се измени. Заклучоците нема да бидат контра Адвокатската комора, ниту контра УЈП, нема да бидат контра никого. Не е тоа поентата. Заклучоците ќе бидат упатени кон Комората, потпишани од сите адвокати што беа присутни, за Комората да преземе дејствија коишто цени дека се потребни, преку органи што знаат што треба и што можат  да направат, а со оглед на фактот дека треба првенствено да  ги штитат нашите интереси.  Ќе поднесеме писмено барање до Комората да се постави од името на сите адвокати дека треба така да се толкува Законот, а ако наидеме на отпор од кого било, со оглед на нашите аргументи дека таквото оданочување е противзаконско и противуставно, и доколку и еден адвокат биде оданочен на основица 1/12 од приходот од 2014 година, тогаш ќе радикализираме  и ќе го артикулираме проблемот“, објаснува адвокатката Сузана Јошевска–Анастасовска.

Адвокатката е сигурна дека ќе наидат на поддршка од Комората бидејќи се работи за прашање од витален интерес за адвокатите.

„Ќе ја информираме Комората и мислам дека таа ќе постапи затоа што ова раководство не ми изгледа како игнорантско. Дознавме нешто неофицијално дека биле побарани измени на Законот од страна на Комората. Тие работат, не дека не работат, но треба да ни кажат за да знаеме до каде е со ова прашање“, резимира Јошевска–Анастасовска.

Нејзиниот колега Оливер Ристовски вели дека е потребно да се тргне таа фама што настанала и да се види за што точно се работи и зошто Законот не се чита онака како што стои во неговиот текст.

„Треба иницијатива до Комората за да се реши веќе ова еднаш засекогаш“

„Собирот е околу начинот на плаќање на придонесите, значи не зборуваме за данокот, туку за придонесите од пензиско, здравствено и слично. Се створи една  фама сега  наеднаш, иако законот е од 2009 во нашиот дел за самовработени давачи на интелектуални услуги, а тоа е дека сега треба да плаќаме огромен износ на пари по некое мислење на Управата за јавни приходи бидејќи тоа е нето-основица од минатата година делено на дванаесет дела. Тоа се многу големи бројки на месечно ниво како аконтација за оваа година иако Законот не пишува така. Во Законот се вели месечната аконтација.  Значи, она што го плаќаме на име персонален данок на тоа да се пресметаат придонеси, но тоа не смее да биде помало од просечната месечна плата во Република Македонија која е 31.644 илјади денари за 2015.  Всушност, треба да плаќаме на 31.644 илјади денари. Оваа фама се створи со измените во март кои директно нас не нè тангираат, но почнаа да стигнуваат мислења од УЈП. Треба иницијатива до Комората за да се реши веќе ова еднаш засекогаш“, нагласува адвокатот Оливер Ристовски.

На собирот адвокатите истакнаа дека заклучоците што ќе ги формираат и што ќе ги преточат во текст, ќе бидат потпишани од сите присутни адвокати на средбата, а ќе бидат и испратени до Адвокатската комора, за која, како што подвлекуваат, се уверени дека ќе постапи за заштита на нивниот интерес и на нивните права преку своите органи. Адвокатите овој месец ја доставија Иницијатива до АКРМ во која се вели:

„Неформално разбравме дека Адвокатската Комора презела дејствија во оваа насока, односно доставила предлог за измена на член 14 став 1 точка 4 од ЗПЗСО, но членовите се неинформирани и загрижени за тоа дали навистина се презема нешто и до каде е постапката. Дополнително, неизвесноста на ситуацијата додека е во важност вака конципираната одредба, односно формално можноста на Управата за јавни приходи да изврши контрола во секој момент на било кој адвокат и да го задолжи да плаќа на начин на кој Управата го толку ва законот, на повеќето адвокати им создава чуваство на непријатност и загриженост.

Оттаму, се обраќаме до Адвокатската Комора на Република Македонија како наш претставник со следната Иницијатива:

 1. Да заземе официјален став дека надлежните институции погрешно го толкуваат член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување односно дека законот единствено може да се применува доколку основицата за презметка на придонесите е месечната аконтација која адвокатите ја плаќаат, а не 1/12 од вкупниот приход за 2014 година, а доколку месечната аконтација е помала од една просечна плата, основица за пресметката на придонесите ќе биде една просечна плата.

 2. Да заземе официјален став дека толкувањето на Управата за јавни приходи на член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување, дека основица за пресметка на приходите е 1/12 од годишниот приход во 2014 година, за адвокатите Е НЕПРИФАТЛИВО.

 3. Да преземе активности заради решавање на овој проблем преку состаноци со овластени лица од Управата за јавни приходи и да ги информира сите адвокати во рок од 30 дена за тоа што е преземено и какви се ставовите на институциите, како и општо поголема транспарентност на работата на АКРМ.

4. Паралелно да отпочне или доколку е започната, да продожи постапка за измена на Законот за придонесите од задолжителното социјално осигурување со прецизирање на одредбата или со нејзина измена како и веднаш да се информираат адвокатите за тоа што АКМР бара, кој е предлогот и до каде е постапката.

 5. Да организира и поттикнува стручна дебата за решавање на сите проблеми на адвокатурата преку месечни состаноци на кои можат да присуствуваат сите заинтересирани адвокати“

Во врска со ова прашање, денеска со одговор излезе и Адвокатската комора на Република Македонија од каде што велат дека се неточни информациите дека придонесите ќе се пресметуваат на поинаков начин од досега.

Од Комората посочуваат дека Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е во правна важност и практична примена од 2009 година и оттогаш, по однос на пресметување на придонесите на адвокатите, не бил менуван, ниту е сменета практичната примена.

Никола Додевски: Со предлогот на АКРМ од февруари 2015  се бара целосно елиминирање на оваа законска одредба

Претседателот на АКРМ, Никола Додевски, вели дека се работи за погрешно толкување на законот што некои адвокати го пласирале повикувајќи се на толкувања од сметководители и, како што додава, тоа не го смета за придонес кон јакнење на угледот на адвокатурата.

„По повод измените на овој закон со кои се укина максималниот износ на пресметување на плати (кој набрзо е вратен) уште во февруари месец оваа година Управниот одбор и претседателот на АКРМ побараа измени на законската регулатива во смисла основица за придонеси да биде платата што ќе си ја одредува адвокатот како самовработено лице самостојно во вид на заработувачка, а бруто-платата  ќе се признава во трошоците на работењето на адвокатите. Се разбира, најниска основица за пресметување придонеси, како и во сегашниот закон, ќе биде износот на една просечна плата. Со тоа  и самовработените лица ќе имаат ист третман со останатите вработени лица и по однос на правото на заработувачка како лично примање и по однос на правото на плата како заработувачката, но и третманот на платата и придонесите како трошок на работењето. Според досегашната регулатива, како трошок на работењето се признаваат само придонесите. Неточни се информациите дека придонесите ќе се пресметуваат на поинаков начин од досега (наводно на цел нето приход), ниту пак за тоа има правна основа. Дезинформација е дека придонесите ќе бидат пресметувани во согласност со членот 14  став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, категоричен став на Адвокатската комора на РМ е дека тие одредби се апсолутно неприменливи и за адвокатите и за кого било бидејќи се однесуваат на непостоечка категорија ‘месечна аконтација на нето-приход’. Со предлогот на АКРМ од февруари 2015 со гореспоменатото барање на Адвокатската комора се бара целосно елиминирање на оваа законска одредба“, вели Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора на Република Македонија.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

29.4. 2015