/ Прочитано:

1.502

Адвокатскиот трошковник да стане извршна исправа – предлог за иницирање дополнувања на Законот за адвокатурата

Адвокатската комора на Република Македонија закажа посебна седница на Управниот одбор на која ќе се изготви автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите и притоа ќе се разгледуваат повеќе спорни прашања. Комората ги повика сите адвокати кои имале проблеми или негативни искуства во практичната примена на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите да се обратат до неа, за да може да се разгледаат на седницата на Управниот одбор. Еден од предлозите што наидува на поддршка кај голем број адвокати е предлогот на адвокатот Оливер Вуксановиќ кој се однесува на тоа Адвокатскиот трошковник да стане извршна исправа.

Адвокатот Вуксановиќ за Академик вели дека тој предлогот го поднел до Адвокатската комора и образложува дека целта на поднесувањето на предлогот е Комората да ги преземе потребните активности за Адвокатскиот трошковник да стане извршна исправа.

Да се иницира дополнување на Законот за адвокатурата

„За таа цел сметам дека треба да се иницира само дополнување на Законот за адвокатура во чл.19 и воедно дополнување на  Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите со еден став или со додавање на член 19А, односно со само една реченица: „Адвокатскиот трошковник претставува извршна исправа“, затоа што во Законот за извршување е предвидено во чл.12 ст.1 т.4 дека извршна исправа претставува и секоја друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон“, образложува Вуксановиќ.

Тарифата за наградата и надоместокот на трошоците за работа на адвокатите без законски основ подлежи на  преиспитување

„На сите чинители во правото, почнувајќи од судот, нотарите и извршителите, во согласност со законската легислатива во Република Македонија, актите со кои се задолжуваат странките за надомест на судскиот паушал, нотарската награда и трошоците и наградата на извршителите се извршни исправи и наведените чинители во правото немаат потреба од водење постапки за нивно утврдување и докажување, што не е случај и со надоместокот за адвокатско постапување. Адвокатите за превземените дејствија во која било постапка доставуваат трошковник, но во име и за сметка на клиентот што го овластил адвокатот за постапување во одредена правна работа, но трошковникот иако е изготвен во согласност со Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, без законски основ подлежи на преиспитување од останатите чинители во правниот систем пред кои адвокатите постапуваат во име на клиентите, а особено судот, нотарите и извршителите си земаат за право да го признаваат или да не го признаваат доставениот трошковник. Доколку биде усвоен предлогот адвокатскиот трошковник да стане извршна исправа, сите чинители во правниот систем би можеле при своето постапување само да го констатираат фактот дека е доставен трошковник и на кој износ, а не и да се впуштаат во негово преиспитување и оценување“, вели адвокатот Вуксановиќ.

Би се подобрила финансиската дисциплина на сите чинители во правниот систем

Вуксановиќ нагласува дека со усвојувањето на овојпредлог првенствено би се подобрила финансиската дисциплина на сите чинители во правниот систем.

„Реално би се вреднувал адвокатскиот труд, а со тоа би се придонело за зацврстување на професионалниот пристап кон работата на сите адвокати токму поради правилното вреднување на трудот, а со тоа и јакнење на дигнитетот на адвокатурата како професија. Со усвојување на предлогот би се придонело значително во можноста адвокатите да го наплатат сработеното на побрз и поефикасен начин, без непотребно докажување во судски постапки за адвокатското постапување“, истакнува Вуксановиќ, дополнувајќи дека според компаративните искуства односот адвокат – клиент секаде во светот се заснова на заемна доверба.

Во Македонија сите сметаат дека се повикани да го преиспитуваат адвокатскиот трошковник

„Адвокатите за својата работа доставуваат пресметка за преземените дејствија во име и за сметка на клиентот што го застапуваат. Во ниту еден правен систем каде било во светот адвокатите немаат потреба да ги докажуваат пред кој било орган преземените дејствија, ниту, пак, постои правен систем каде што другите чинители во правото имаат право и можност да ја преиспитуваат доставената пресметка на преземените дејствија во постапката од адвокатот, додека во Република Македонија сите сметаат дека се повикани да го преиспитуваат адвокатскиот трошковник, што би се спречило и би се оневозможило со усвојување на предлогот“, резимира адвокатот Оливер Вуксановиќ.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

5.05.2015