/ Прочитано:

1.681

Адвокатските комори од регионот одржаа состанок во Скопје: Со меѓусебна соработка до посилна адвокатура и владеење на правото  

Адвокатските комори на Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, членки на Балканската регионална мрежа за владеење на правото (BRRLN), викендов во Скопје одржаа состанок на Управниот комитет на Мрежата, поддржана од Стејт департментот на САД за демократија, човекови права и труд и имплементирана од Американската адвокатска комора – иницијатива  за владеење на правото.

Целта на состанокот е продолжување на регионалните проекти на Балканската регионална мрежа за владеење на правото, чија мисија е придонес кон владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права преку зајакнување на независноста и ефикасноста на адвокатурата и адвокатските комори.

Нов претседател на Балканската регионална мрежа за владеење на правото од ноември 2017 година е претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски. Потсетувајќи на целите на Мрежата, тој го изрази своето задоволство од поддршката на Стејт департментот на САД, како и на Американската адвокатска комора за препознавање на потребата за продолжување на проектот.

„Проектите кои досега беа имплементирани се покажаа како успешни, но во иднина се надевам на поголем успех. Мрежата беше воспоставена заради: подобрување на капацитетот на Коморите преку унапредување на независноста на професијата, подобрување на пристапот до правна помош и квалитетот на застапување во кривичните предмети и заштита на човековите права“, истакна Додевски.

Лиза Русо, правен експерт на Американската адвокатска комора – иницијатива  за владеење на правото, ѝ посака успешна работа на Мрежата и во периодот што следува, потенцирајќи ја важноста  на улогата на адвокатурата во едно општество.

„Луѓето што ги прават промените во едно општество се адвокатите кои ги унапредуваат човековите права. Проектите беа успешни и досега и ви посакувам успешна работа и понатаму“, истакна Русо.

Користејќи компаративна анализа за практичните проблеми на одбраната во практичната постапка како основа, основачите на Мрежата определија пет клучни области каде што може да се подобри застапувањето на одбраната: правна помош и ex officio одбрана, обука и образование, капацитети на коморите, кривично право и медиуми и подигнување на јавната свест. Работна група, составена од членови од секоја од петте земји членки на Балканската регионална мрежа за владеење на правото, беше формирана околу секоја од овие суштински области. Овие групи ги идентификуваа клучните заеднички проблеми во целиот регион, а во првата година од основањето на Мрежата преку состаноците на работната група одржани во есента 2014 година се развија предлози за решавање на овие проблеми. За повеќе информации за секоја работна група, повеќе на следниот линк – http://www.brrln.org/http/record.php?id=12&mv=33.

М.В