/ Прочитано:

3.378

Адвокатското друштво Никола Додевски со барање до Уставниот суд да ја отфрли Иницијативата за оспорување на член 147 став 2 од Законот за нотаријатот

Иницијативата за оспорување на Член 147 став 2 од Законот за нотаријатот е на дневен ред на утрешната седница на Уставниот суд.

Според наводите во иницијативата, ставот 2 од член 147 од Законот за нотаријатот бил во спротивност со членот 54 од Уставот и со Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, од причина што во член 54 од Уставот било наведено дека слободите и правата на граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот. Според наводите во иницијативата оспорената одредба била противуставна затоа што на законските наследници им го ограничувала правото слободно да располагаат со своето право – самите да одлучат дали при расправање на оставината во која граѓанинот како учесник во постапката имал потреба од адвокат како полномошник или воопшто не му било потребно, се вели меѓудругото во Инцијативата пред Уставниот суд.

Во барањето од адвокатското друштво Никола Додевски истакнуваат дека  Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на член 147 став 2 од Законот за нотаријат (“Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година) заради наводна спротивност со членот 54 од Уставот на РСМ и со Решение У бр 141/2016-0-0 од 05.07.2017 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

Образложението на адвокатското друштво Никола Додевски во барањето до Уставниот суд:

„Видно од рефератот на Решението, подносителите на Иницијативата тврделе дека задолжителното учество на адвокат во оставинските постапки помеѓу другото е спротивно на членот 54 од Уставот на РСМ, бидејќи присуство на адвокат во расправање на оставината не смеело да биде обврска, туку само избор на странките.

Уставниот суд со Решението У бр 141/2016-0-0 од 05.07.2017 година да не се поведе постапка, ја испитувал уставноста на членот 147 ст. 2 од Законот за нотаријат со целосниот член 54 од Уставот, цитирајќи го целосниот член и нашол дека не постои противуставност од следните причини: ”Оваа новина била воведена поради поефикасно постапување на судовите при спроведување на оставинската постапка. Во исто време се доаѓа до растоварување на судството од неспорни предмети и зголемување на ефикасноста на судството што е важен предуслов за остварување на правата на граѓаните и остварување на судската заштита. Токму во таа насока и цел е и предвидувањето во оспорениот став 2 на член 147 од Законот за нотаријатот, задолжителното присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците. Присуството на адвокат во текот на оставинската постапка пред нотарот е само во интерес на граѓаните и заштита на нивните права. Во вршењето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кого му е доверено тоа овластување. Според тоа, законодавецот поаѓајќи од уставните овластувања во смисла на член 53 од Уставот со цел заштита на правата на граѓаните и овластувањата адвокатите, чија дејност е независна јавна служба, да обезбедуваат правна помош и да вршат јавни овластувања во согласност со закон. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 147 став 2 од Законот е во спротивност со Уставот на Република Македонија, бидејќи со ваквото законско решение се овозможува поефикасно, поекономично и побрзо преземање на потребни дејствија во текот на оставинската постапка пред нотарот.”

Очигледно е дека за истата работа Уставниот суд веќе одлучувал и дека нема основи за поинакво одлучување затоа што членот 54 од Уставот е испитуван во целост во претходното Решение во корелација на уставноста на оспорената одредба, уставниот текст не претрпел никаква измена во меѓувреме, а исто така и оспорената одредба од член 147 ст. 2 од Законот за нотаријат е идентична и не претрпела измена.

Во Иницијативата по која не е поведена постапка предмет на разгледување биле и наводите дека со задолжителното учество на адвокатите се зголемувале трошоците во постапувањето, а со тоа се оневозможувал пристапот до правдата и се ограничувал само за оние кои можеле да платат адвокат.

Во предметната Иницијатива се повторуваат идентичните наводи дека спротивно на членот 54 е и тоа што “оспорената одредба доведувала до изложување на дополнителен трошок за законските наследници без да се водело сметка на нивната материјална положба и неможноста да си дозволат ангажирање на адвокат за вонпарнична односно неспорна постапка”.

Со неповедувањето на постапка со Решението У бр 141/2016-0-0 од 05.07.2017 година Уставниот суд и овие наводи ги оценил како неосновани и дека тие не претставуваат основа за поведување постапка за оценка на уставност на побиваните одредби од Законот за нотаријат, а таквите наводи се и неточни бидејќи присуството на адвокат во оставинската постапка не доведува до дополнителни трошоци затоа што согласно член 153 ст. 6 од Законот за нотаријат: доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците.

Значи учеството на адвокат не е дополнителен трошок, туку поделба на износот на трошокот на нотар по половина меѓу адвокатот и нотарот и со истите аргументи од иницијативата како противуставно би се третирало и наметнувањето на наследниците да плаќаат нотарска награда воопшто, а која без адвокат ќе биде во целосен износ, а не по половина меѓу адвокатот и нотарот.

Од тие причини сметаме дека Судот треба да донесе Решение со кое се отфрла Иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 147 став 2 од Законот за нотаријатот (“Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година).“