/ Прочитано:

1.209

Адвокатското „НЕ“ ќе нема вето врз донесувањето на Правилникот, но ќе го сруши неговиот легитимитет

Хипотетички, доколку Адвокатската комора на Република Македонија, како што е предвидено во предложените законски измени, даде негативно мислење за Правилникот за одмерување на казните по негово евентуално донесување од страна на Претседателот на Врховен суд, а по претходно мислење од Комората –  би немал легитимитет, сметаат експертите по кривично право.

Имено, во предложените законски измени и дополнувања кои беа најавени како реформи во кривичното законодавство  е наведено дека Правилникот го донесува претседателот на Врховен суд по претходно мислење на Јавниот обвинител и Адвокатската комора.

Се поставува прашањето колку евентуално негативно мислење на Адвокатската комора може да изврши суспензија на примената на Правилникот, ако не во однос на неговата примена, тогаш во однос на неговиот легитимитет.

Вето – не, нелегитимност – да

„Колку што јас резонирам и колку што може да се види од номотехничкиот израз, евентуално „вето“ на примената на Правилникот би можело да има доколку во предлог законот е употребена некоја построга форма на согласност за Правилникот од страна на Адвокатската комора, како на пример – „позитивно мислење“ или пак „согласност“. Во конкретниот случај е употребена една послаба форма на согласност, односно, како што се употребува во предлогот – „по претходно мислење на Адвокатската комора“. Доколку имаше направено некоја дистинкција како неопходност од „позитивно мислење“, тогаш прашањето би било друго. Но, сепак, бидејќи мислењето на Комората за Правилникот е вметнато во предлог-законот, а неслучајно е вметнато, тоа значи таквото мислење му дава легитимитет на Правилникот, како засебен израз на стручната фела. Доколку тоа мислење од Адвокатската комора е негативно, тогаш Правилникот би немал легитимитет“, вели проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет „Јустинијан Први– Скопје.

Решение што не е зрело и најдобро е да се стопира

Професорот апелира дека со оглед на пројавениот отпор од стручната и академската фела за донесувањето на ваков Правилник, најразумно е предложените законски измени да бидат повлечени и потенцијалната негова примена да биде стопирана.

„Во овој момент имаме поприоритетни прашња за разгледување и решавање. Јас имам позитивно мислење за внесување на реформи и новитети во кривичното законодавство, но  Правилникот не е зрело рашение. И заради контроверзите кои го следат, како и заради недоследноста во неговата подготовка“, заклучува Калајџиев.

Проф. д-р Стефан Буџаковски од ФОН посочува дека кон начелото на легитимет треба да се истакне и особено треба да се внимава на начелото на законитост, што треба да биде основен ориентир за ваков тип на кривичноправни измени. Според него, настаната е една конфузија во јавноста затоа што одредени аспекти се инкомпатибилни со стручното гледиште на работите.

Министерство за правда: Мислењето на Адвокатската комора не е обрзувачко, но нивните сугестии ќе се почитуваат

Од Министерството за правда во оваа насока истакнуваат дека Работната комисија која ги подготвува реформите координирано работи и ги следи сугестиите од сите чинители и фактори во процесот.

„Мислењето на Адвокатската комора не е обврзувачко и во хипотетичка ситуација на донесување на Правилникот не би можел да изврши суспензија на неговата примена, но истакнуваме дека подготовката ќе се врши со вградување на сите консултации“, велат од таму.

АКРМ: Ние сме против донесување на Правилникот

Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора посочува дека Комората е на мнение дека ваквиот Правилник би бил противуставен, што од правна гледна точка доволно укажува на сите аспекти на Правилникот и неговата примена.

Од Комората излегоа и со соопштение според кои ги известиле Претседателот на Владата на Република Македонија и Претседателот на Собранието на Република Македонија дека се против ваквото предложено решение, односно против донесувањето на Правилникот.

„Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, по одржаната седница на ден 31.01.2014 година писмено ги извести Претседателот на Владата на РМ и Претседателот на Собрание на РМ, дека е против усвојувањето на измената на член 39 од Кривичниот законик, според која одмерување на казната ќе се врши согласно Правилник за начинот на одмерување на казните кој ќе го донесува Претседателот на Врховниот суд на РМ“, се вели во соопштението на Адвокатската комора на Република Македонија.


 Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 03. 2. 2014