/Прочитано:

806

Адвокатурата не е комерцијална дејност, туку уставна категорија — адвокатите незадоволни од начинот на кој се регулираат нивните готовински плаќања

Фискални апарати, адвокатски маркички, договори — од почетокот на годинава, адвокатите се соочија со нов начин на регулирање на готовинските плаќања. Темата за начинот на кој би се регулирале приходите во готово кои ги остваруваат адвокатите стана најжешка во нивните кругови. „Лош“ и „неприменлив“ се епитетите кои најчесто го следат Законот за адвокатски маркички (ЗАМ), чија примена почна на 1 јануари 2013 година и за кој дел од адвокатската фела се изјасни дека ќе го бојкотира. Паралелно со ЗАМ стартуваше и обврската за воведување на фискални апарати кај адвокатските друштва, која пак е предвидена со Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗГРП). Последните податоци на Управата за јавни приходи (УЈП) говорат дека од вкупно 32 адвокатски друштва низ РМ, каде е извршена даночна контрола, во 6 случаи се утврдени неправилности. 

Иако до Уставниот суд во моментов се доставени над 30 иницијативи за ставање на ЗАМ вон сила, адвокатите во меѓувреме се ангажираа за изнаоѓање решение за надминување на проблемите произлезени од примената на овој закон. Имено, согласно со иницијативата која неодамна беше доставена до Адвокатската комора на РМ (АКРМ), од адвокатите се бара да се произнесат:

  • дали се за регулирање на готовинските плаќања согласно со Законот за адвокатски маркички;
  • дали се за воведување и користење одобрен фискален апарат за регистрирање на готовинските плаќања;
  • или, пак, ова да се реши со  задолжително безготовинско плаќање согласно со Член 10, став 2 од Законот за платниот промет.

Сите адвокати-поединци, кои „Академик“ ги контактира, стојат на ставот дека ЗАМ е неприменлив, но дека адвокатски маркички и договори мора да се користат, бидејќи нема друг начин како да ги застапуваат своите клиенти. Според нив, ваквиот начин на регулирање на готовинските плаќања претставува директен упад врз независноста и самостојноста на адвокатурата.

„Користам адвокатски маркички бидејќи немам друг начин како да ги  застапувам сите физички лица; во јануари имавме многу судења кои не можевме да ги покриеме со договори, односно ни беше компликувано на секој одделно да му објаснуваме зошто треба сега, на сред судење, да ни потпише договор. Воедно, ги поддржувам колегите што го бојкотираат Законот, иако де факто јас не го бојкотирам, бидејќи сум земала маркички, со тоа што ја потпишав иницијативата која беше доставена до АКРМ. Во однос на доверливоста кон ЗАМ, апсолутно се нарушува доверливиот однос, иако мора да  се признае: адвокатите многу бргу се снајдоа — вклучително и јас — како да склучувам договори без да се види колку ме плаќаат и под кои услови ме  плаќаат. Според тоа, излегува дека и тој договор е бесполезен, дека ништо не  решава, зашто е само општ договор со кого клиент го ангажира адвокатот“,  раскажува за своето искуство адвокат Сузана Јошевска.

Според адвокат  Мери Младеновска – Ѓорѓиевска, адвокатите во РМ, како дел од македонското општество, мора  да ги исполнуваат обврските спрема државата како и сите други субјекти. Но, како што вели, тоа мора да биде соодветно на уставната поставеност на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош на граѓаните и што врши  јавни овластувања во согласност со закон.

„Tреба да се има предвид адвокатската етика што на корисниците на адвокатска правна помош им гарантира дискреција  и заштита на нивните права, како и Законот за заштита на лични податоци кој гарантира заштита на личните податоци и на лицата. Гледано од овој аспект, сметам дека Законот за адвокатски маркички, не ги исполнува бараните критериуми и го нарушува доверливиот карактер на адвокатската работа — на штета на клиентите. Од овие причини,  пред сè, поради заштита на правата на граѓаните кои имаат потреба од адвокатски услуги, сметам дека е неопходно Законот  да се стави вон сила, а да се продолжи со активна соработка помеѓу адвокатската фела и државните институции заради изнаоѓање на соодветно решение што ќе овозможи исполнување и на обврските на адвокатите во однос на плаќање на даноците, но тоа да биде во склад со загарантираните права на граѓаните и положбата и улогата на адвокатурата во демократските општества“, објаснува адвокат Младеновска – Ѓорѓиевска.

Дека ситуацијата е конфузна сведочат и од адвокатските друштва, потенцирајќи дека воведувањето на фискалниот апарат за друштвата, сепак, не е нешто ново, односно дека е обврска воведена согласно со ЗГРП, кој повеќе години наназад е во сила.

„Сè до стапувањето на сила на Законот за адвокатски маркички, од Министерството за финансии и УЈП, премолчано не се бараше од ниту едно адвокатско друштво или адвокат да изврши фискализација, а ова токму поради повеќегодишното залагање на АКРМ да се воведат адвокатски маркички. Кога конечно се донесе ЗАМ, бидејки истиот не се однесува и на адвокатските друштва туку само за адвокатите поединци, УЈП на 28 декември достави известувања до сите друштва за задолжителна фискализација, сметано од 1 јануари 2013 година“, вели адвокат Снежана Калеска-Ванчева, основач-партнер во адвокатското друштво ДЕ ЛЕГЕ.

Адвокат Калеска-Ванчева се сложува со своите колеги дека ЗАМ има многу недостатоци и во таква форма треба да се укине, но посочува дека доколку тоа се случи, сите адвокати, согласно со законската регулатива, ќе мора да се фискализираат. Тоа, според неа, не претставува позитивно решение, имајќи предвид дека адвокатурата е уставна категорија, професија siu generalis, која е должна на граѓаните и на деловните субјекти да им обезбедува целосна правна помош во остварувањето и заштитата на нивните права и интереси. Според неа, најдобро решение е адвокатите да ги наплаќаат своите услуги исклучиво жирално.

„Самиот факт што фискализацијата ѝ дава право на УЈП во секое време да дојде во канцеларијата на адвокатот и да изврши контрола, и особен фактот што за каков било прекршок, односно неправилност во водењето на фискалната каса и евиденцијата на плаќањата, УЈП има право да изрече забрана, односно затворање на канцеларијата, јасно говори дека ќе ги доведе не само адвокатите, туку и нивните клиенти, во ситуација да пропуштат дејствија за остварување на нивните права. Тоа пропуштање може да има и трајни последици. Во секој случај, ситуацијата сега е прилично конфузна и сериозно го нарушува дигнитетот на адвокатите, па затоа Министерството за финансии и УЈП, во директна корелација со АКРМ мора аналитички и сеопфатно да пристапат кон изнаоѓање најадекватно решение, кое според мене, сепак, би било подобро ако се движи во насока на тоа адвокатите да ги наплаќаат своите услуги исклучиво жирално — на сметка, односно да не смеат да наплатуваат во готово“, смета адвокат Калеска Ванчева.

Адвокат Наташа Трпеноска-Тренчевска: „Tреба да се обрне внимание на прашањето дали УЈП може да изрече забрана за вршење дејност“

Според адвокат Наташа Трпеноска-Тренчевска, основач-партнер во адвокатското друштво „Трпеноски“, нема потреба од фискални апарати, од причина што oвој вид друштва, по правило, безготовински вршат наплата, но, како што вели, нема ништо против истите да се постават заради регистрација на готовинскиот приход — ако го има.

Последните податоци на УЈП покажуваат дека даночни контроли се извршени кај вкупно 32 адвокатски друштва во повеќе градови, од кои во 6 случаи се утврдени неправилности.

„Доколку некој не постапува согласно со Законот за регистрирање на готовински плаќања и Законот за адвокатски маркички, за истите ќе бидат преземени казнените одредби онака како што се предвидени во конкретниот закон“, велат од Управата.

Адвокат Трпеноска – Тренчевска ги негира шпекулациитe кои претходно се појавија во јавноста, а во однос на казнувањата од страна на УЈП.

„УЈП изврши контрола кај друштвата по 21 ден од писменото предупредување дека треба да се набават фискални апарати. Искуството на сите контролирани друштва е дека само се изврши проверка дали е извршена фискализација, при што дадени се и конкретни упатства за идна употреба. Казните се однесуваат на оние друштва кои и покрај законската обврска и писменото укажување од УЈП решиле да не извршат фискализација. Барем нам, адвокатите, треба да ни е јасно дека законите треба да се почитуваат. За непочитување на законите, логично, следува казна“, децидна е Трпеноска -Тренчевска.

Сепак, долгогодишната адвокатка и партнер во адвокатското друштво „Трпеноски“ порачува дека внимание треба да се обрне на прашањето дали УЈП може да изрече забрана за вршење на дејност.

„Според толкувањето на телата на ЕУ и CCBE (Council of Bars and Law Societies of Europe), единствено Адвокатската комора може да изрече забрана за работа, од причина што истата го дава и одобрението за работа. И моето мислење е такво. Доколку се дозволи УЈП да изрекува забрани за работа, ќе се наруши системот на функционирање на право, без кој не може да функционира ни државата. Крајните консеквенци од забраната за работа ќе ги сносат клиентите, бидејки со изречената забрана фактички се оневозможува адвокатот да врши заштита на човековите права и интереси на своите клиенти“, посочува адвокат Трпеноска-Тренчевска.

Хрватските адвокати: „Ако нам ни воведат фискални каси, ќе настане револуција!“

„Ако нам ни воведат фискални каси, ќе настане револуција! Мојата намера не е да ги навредувам чесните трговци или угостители, морам да нагласам дека ние не продаваме „Кока-Кола“ или бифтек, туку интелектуални услуги“, укажува во својата реакција Лео Андреис, адвокат од Хрватска, откако годинава во оваа земја влезе во сила Законот за фискализација на готовинскиот промет, каде фискализацијата ќе се одвива во три етапи, односно од април 2013 година, истата ќе биде задолжителна и за адвокатите. Тамошната Адвокатска комора има став дека фискалните сметки ќе ја нарушат довербата меѓу адвокатот и клиентот, а ваквиот потег ги повредува начелата на меѓународните документи и конвенции чиј потписник е Хрватска. И додека Владата на Хрватска не попушта во своите обиди, Хрватската адвокатска комора бара ист третман со колегите од Европа, а од неодамна пред  Уставниот суд се најде и иницијативата  за укинување на спорните одредби од Законот.

За разлика од Македонија и Хрватска, обидите за фискализација на адвокатите во Србија и БиХ завршија неуспешно. 

„Пред три години Министерството за финансии започна кампања за воведување на фискални сметки за плаќање во готово на адвокатски хонорари и ù предложи на Владата да донесе Уредба за воведување на истото. Адвокатската комора на Србија  и нејзините членови се спротивставија на оваа идеја. Започнаа преговори со Министерството за финансии вo кои учествуваше и Министерството за правда. Приговорот на Адвокатската комора по однос на воведување фискални сметки се однесуваше на: прво – повреда на правото на адвокатска тајна (можност за злоупотреба во случај на увид во адвокатските списи за да се провери кои услуги се извршени и наплатени) и второ – повреда на независноста на професијата. Аргументите на адвокатите беа поддржани од Европската унија, но и од Министерството за правда.  Резултатот од приговорите на адвокатите е статус кво, предложената Уредба никогаш не е усвоена, па така во одредени случаи плаќањето на адвокатски награди и надоместоци се вршат преку жиро сметки, кога клиентите се правни лица. Во тој случај се плаќа ДДВ, а ако приходот на адвокатот го преминува лимитот утврден со закон, даночната контрола е едноставна. Во другиот случај преку 6.000 адвокати во Србија плаќаат паушален данок за услугите кои им се платени во готово за што се обврзани да водат деловни книги, односно постои обврска адвокатот да издаде сметка за извршената услуга“, објаснува за Академик, Војкан Симиќ – доскорешен заменик министер за правда на Србија.

Адвокатската комора на БиХ велат дека на почетокот фискализацијата била задолжителна и за адвокатите, сепак оттаму потенцираат дека по повеќе од една година успеле да се изборат истата да се укине.

Адвокат Наташа Трпеноска-Тренчевска не се сложува дека фискалната сметка ќе го наруши односот на доверливост, но акцентот го става на фактот дека моментално во ниту една држава членка на ЕУ или пак кандидат за член на ЕУ не постои фискализација на адвокатите.

„Во ова смисла се и препораките на Советот на Европа, јасно изразеното мислење на CCBE (Council of Bars and Law Societies of Europe), каде АКРМ е придружна членка — дека адвокати не може да се фискализираат, едноставно, бидејќи адвокатите не вршат комерцијална дејност, туку како уставна категорија им обезбедуваат правна помош на своите клиенти како професионална услуга, а заради непречно функционирање на судскиот и правниот систем во државата. Во регионот, направен е обид за фискализација на адвокатите, но истите закони се ставени вон сила од страна на уставните судови токму со ова образложение“, посочува адвокат Трпеноска-Тренчевска.

Во врска со тоа колку АКРМ се заложува за интересите на адвокатите, друштвата и поединците со кои разговаравме се  согласни дека односот е игнорантски.

„АКРМ воопшто не ја засегаат интересите на адвокатите, туку интересите на претседателот и сите оние што гравитираат околу него, помагајќи тој да се одржи како претседател, за што, претпоставувам, за возврат добиваат некаква компензација“, вели адвокат Сузана Јошевска.

Од Министерството за финансии и АКРМ не добивме одговор по однос на нивниот став за начинот на кој во моментов се регулираат готовинските плаќања на адвокатите.


Автор: Елена Павловска Објавено: 31.01.2013